ОДБЕЛЕЖАН 7 ОКТОМВРИ – МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ОРГАНОДОНОРСТВО
Европскиот ден на органодонорството, 7 октомври, се одбележува со цел да се подигне свеста за значењето на органодарувањето и поттикнување на граѓаните активно да се вклучат во овој благороден процес.
Во земјава во изминатите четири години трансплантацијата од починат донор се развива со засилено темпо. За прв пат во историјата на македонското здравство во 2020 година се трансплантираше срце, следната година беше изведена првата трансплантација на коскени ткива, за да во 2023 година не трансплантира и првиот црн дроб во земјава.
Во овие 4 години се направени вкупно 85 трансплантации на органи во земјава.
По повод Европскиот ден на органодонорството, 7 октомври, денеска, во Кинотеката на Македонија се одржа настан за подигнување на свесноста за значењето на донирањето органи и ткива, како и донирањето коскена срцевина – како начин на лекување и спасување човечки животи.
Во рамки на одбележувањето, министерот за здравство, проф. д-р Арбен Таравари, во своето обраќање нагласи дека здравствените работници имаат заедничка цел – зголемување на свесноста за дарувањето органи, преку едукации, како на медицинските лица, така и на популацијата, со цел пораката за овој хуман чин да допре до пошироката јавност.
– Огромно е значењето на дарувањето органи врз животите на луѓето кои чекаат трансплантација на орган, што претставува шанса за продолжување на нивните животи, и уште поважно, шанса за поквалитетен живот за овие пациенти. Сакам да изразам благодарност и почит на медицинските работници, и сите чинители кои учествуваат во процесите на трансплантација. Неодамна потпишавме заеднички план за соработка со Министерството за здравство на Република Хрватска за тригодишен период 2024-2026 година. Преку ТАЕКС програмата на ЕУ, експерти од Хрватска беа во посета на Македонија и дадоа предлози за подобрување на системот од аспект на законодавство, усогласување на стандардите со ЕУ, како и организација на системот.
Изминатиот период, сакам да потенцирам дека постојните болнички координатори без застој го работат својот сегмент од процесот, нагласи министерот Таравари, откривајќи дека од овој месец почнуваат и обуките и едукацијата во делот на ткивната банка со експерти од Хрватска.
Во ноември, ќе има и обуки за болнички координатори за трансплантација, со цел надградба на вештините на болничките координатори во препознавање на потенцијалните донори.
–Нашата заложба е континуирано унапредување на системот во овој сегмент. Најважно е што во моментов, на листите за срце, црн дроб и бубрези нема пациенти кои се означени како итни и кои чекаат итно трансплантација. На крајот уште еднаш сакам да апелирам за зголемување на свесноста за органодарителство, како највисока и најблагородна форма на хуманизам, дарувајќи подарок на живот, на тие на кои им е најпотребен – потенцира министерот Таравари.
Трансплантацијата за најголем дел од пациентите е единствена шанса за живот. За други пак е можност за поквалитетен живот, но таа не може да се случи доколку не постои актот на органодарување. Само благодарение на храброста, несебичноста и емпатијата на семејствата на донорите, трансплантацијата е возможна. И токму тие семејства се вистинските херои на оваа приказна за животот. Да се подари органи, значи да се подари некому втора шанса на живот.
Денешниот настан е организиран во рамки на ИПА проектот за подобрување на Националниот ситем за трансплантација на Р. Македонија, а во соработка со Министерството за здравство и ЕУ Делегација.
Претставничката на Делегацијата на Европската Унија, г-а Мариа Канелополу, нагласи дека Европската Комисија забележала дека е остварен напредок во однос на органодарителството и трансплантацијата во земјава како и напори за уредување на модерни процедури за трансплантирање на крвни плочки.
– Областа на крв, ткива, клетки и органи беше една од првите здравствени области во која Европската комисија воведе правила и регулативи. Овие регулативи ги дефинираат стандардите за квалитет и безбедност на човечките органи наменети за трансплантација. Постојат два клучни принципи кои управуваат со органодарувањето. Прво, донациите на органи од починати и живи донатори се доброволни и неплатени, и, второ, прибирањето на органи се врши на непрофитна основа. Секоја земја членка на ЕУ треба да ги примени овие принципи и да обезбеди – пред сè – добросостојба на пациентите и донаторите. Од витален интерес на секоја земја е да развие структури, да обучи кадар и да воспостави инфраструктура за целосна примена на овие принципи и регулативи – посочи Канелополу.
Треба да сме свесни сите дека понекогаш некој крај значи и нов почеток. Нов живот. За пациетите тоа е нов почеток, за семејствата е можеби утеха дека дел од нивните најблиски продолжува да живее. За сите останати е надеж и верба во добрина во ова малку тешко време кое го живееме, порача д-р Билјана Кузмановска, Национален кооридинатор за трансплантација.
– Нашата мисија е благородна и во служба на хуманоста. Целта на одбележувањето на овој ден е да истакнеме колкаво значение има органодарителството врз животите на луѓето кои чекаат трансплантација на орган, што претставува шанса за продолжување на нивните животи, и уште поважно, шанса за поквалитетен живот за овие пациенти. Донаторите на органи, како живите, така и починатите, се пример на највисока и најблагородна форма на хуманизам, дарувајќи подарок на живот, на оние на кои им е најпотребен. Со зголемување на свесноста за орган донорството преку едукации, како на медицинските лица, така и на популацијата, целта е пораката за орган донорството да допре до луѓето.Воедно сакам да изразам благодарност и почит на медицинските работници, и сите чинители кои учествуваат во процесите на трансплантација.Нашата мисија е благородна и во служба на хуманоста – вели д-р Кузмановска.
На денешниот настан присуствуваа и двајца пациенти со механички срца, Слободан Манев и Васко Јолески, ги споделија своите инспиративни и трогателни приказни за предизвиците со кои се соочуваат во нивното секојдневие. Тие живеат во постојана борба, зависни од механичките срца кои ги одржуваат во живот додека го чекаат спасоносното решение – трансплантација на срце.
Слободан, кој веќе три години живее со имплантиран ЛВАД, објасни како овој уред буквално го одржува во живот.
–Секој ден ми е полн со предизвици, но и со благодарност што сум со своето семејство. Ова е живот на кабли и батерии, но постои надеж – вели тој, апелирајќи до јавноста да се размислува повеќе за важноста на органодарувањето.
Јолески, пак, кој го дели истиот предизвик, нагласи дека најголем страв е евентуалниот прекин на струја, кој би можел да ги има најтешките последици.
–Се надеваме на денот кога ќе добиеме ново срце и нов живот. Механичките срца се мост до трансплантација, но трансплантацијата е единствениот траен лек – нагласи Васко.
Органодарувањето е чин на човечка солидарност и хуманост кој на многумина може да им го спаси животот. Настанот заврши со апел до сите граѓани да размислат за дарување органи, бидејќи токму тоа претставува можност за спасување на животи на луѓе како Слободан и Васко, кои го чекаат своето второ срце и нова шанса за живот.
Патувачката изложба „Од срце за животот“
Во рамки на настанот беше претставена и патувачката изложба „Од срце за животот“.
Изложбата, која веќе ги посети Велес, Струмица и Струга, повторно е поставена во Скопје, и преку уметнички дела го прикажува значењето на органодарувањето. Делата на изложбата ја раскажуваат приказната за животот и надежта што ги носи трансплантацијата, а ќе бидат достапни за јавноста во Кинотеката до 17 октомври.
Изложбата ги претставува уметничките дела на шест професионални дизајнери, како и на средношколци, кои беа одбрани за најдобри на Повикот за визуелни дела на тема: органодарување, како и 15 дела на автори кои влегоа во најтесниот избор.
Настанот и изложбата се дел од проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од ЕУ во кој Министерството за здравство е краен корисник.
Фотографии: Томислав Георгиев
Прочитајте и за други теми