Промените во образованието почнуваат со поттикнување на креативноста кај наставникот
Ако сакаме да кажеме дека нашето училиште е современо, тоа мора да стане училиште на филмот, телевизијата, радиото, интернетот, на активно и интерактивно учење, на флексибилна организација, на настава на различни нивоа на сложеност и по мера на ученикот
Мирослав Митиќ
Да се биде наставник значи да се биде модел. Неговите зборови и дела треба секогаш да се совпаѓаат и меѓусебно да се потврдуваат. Вистинскиот наставник го карактеризира и подготвеност постојано да се усовршува и образува, а неговиот креативен пристап е основа за развој на креативен ученик.
Првиот чекор во креативната настава е образовен процес што не треба да нѐ задушува. Напротив, треба да нѐ поттикнува. Креативноста, пак, најмногу зависи од периодот одвоен за подготовка, истражување, собирање информации и материјали, моментот на инспирација, кој нѐ доведува до решение, често придружен со емоции и, на крајот – периодот на евалуација. Во целиот овој процес, за наставникот е најважна неговата самодоверба, отвореноста за нови идеи, чувствителноста за проблемите, оригиналноста на идејата и флексибилноста.
Наставниците што работат во околина што е неповолна за креативно изразување не можат да одговорат на овој предизвик, кој е од голема важност за учениците. Неопходно е креативниот наставник да се посвети на стрпливо и упорно дизјанирање на курикулумот, на подготовка на материјалите, како и на формирање активности за учениците. Всушност, промените во образованието почнуваат со поттикнување на креативноста на наставникот, како важен предуслов за креативното учење. И затоа, еден од процесите на кои треба да се внимава е образованието на идниот наставник.
Со учество во креативната настава, учениците донесуваат одредени стратегии и тие се обучени за нивна употреба во идната практика. Креативноста, всушност, е една од основните карактеристики на човештвото. Во современиот свет, кога промените се толку чести и непредвидливи, токму потпирањето на креативностa има посебно значење за животот во светот што се менува.
Тоа што ја задушува креативната настава e непотребната администрација. Денес наставниците се преоптоварени со непотребни работи место да ја истакнат образовната димензија и да го пренесат ентузијазмот за учење врз децата.
Често слушаме дека ако сакаме современа настава – мора да имаме и современи наставници, кои се способни ефикасно да ги изведуваат сите видови настава. Денес, ако сакаме да кажеме дека нашето училиште е современо, тоа мора да стане училиште на филмот, телевизијата, радиото, интернетот, на активно и интерактивно учење, на флексибилна организација, на настава на различни нивоа на сложеност и по мера на ученикот.
(Авторот е одделенски наставник во ОУ „Климент Охридски“, Скопје)