Промовирана веб страницата ,,Најди ме” – систем за рано предупредување и откривање на исчезнати деца
Денеска беше промовирана веб-страницата на системот за рано предупредување за исчезнати деца „najdime.org.mk“. Ќе биде на три јазици-македонски, албански и ромски, а ќе функционира со поддршка на МВР.
„На нашиот веб сајт најдиме.орг.мк ќе се споделуваат тие профили пред се на исчезнати деца, кои што потоа преку мрежата на соработници ќе се дистрибуираат во јавноста, се со цел побрзо да се прошири информацијата и секој кој има информација, да ја сподели со надлежните за што е можно побрзо враќање на исчезнатите дома“, изјави Александра Радевска од невладината организација „Новинари за човекови права“.
Најблиските на исчезнатото лице ќе можат да го пополнат профилот за него на веб страната најдиме.орг.мк. Откако ќе се утвтврди дека лицето ги исполнува сите услови да се води за исчезнато, неговиот профил ќе биде споделен со јавноста на социјалните мрежи, но и на други партнерски мрежи. Платформата ќе функционира на македонски, албански и ромски јазик. Информациите ќе се споделуваат преку дигиталните платформи на различни бизниси, како банките, кои ќе објавуваат на банкоматите. Такси превозниците ќе добиваат информација преку каналите на интерно комуницирање, може тоа да е преку смс порака. Здружението на хотелиери и ресторани ќе добиваат информација, која вработените ќе ја добиваат на својот работен пулт и со тоа ќе можат да препознаат доколку некое лице кое е пријавено за исчезнато и се појави во некој од објектите. Јавниот градски превоз ќе може да ја сподели информацијата на своите дигитални дисплеи во автобусите и на дигитални слајдови ќе се споделуваат информациите“, рече Радевска.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири најави дека ќе се воведува и новина во електронскиот дневник. Родителите веднаш би биле известени доколку ученикот отсуствува од час.
„Се прават сите напори електронскиот дневник да биде интегриран, да биде поврзан со родителите, како ти би добивале информација за нивните деца, веднаш после внесување на податоците. Ова е уште едно системско решение на кое се работи“, изјави министерот за образование Шаќири.
Од МВР велат дека овој систем и еден класичен пример на соработка со граѓанските организации, што ќе придонесе за поголема безбедност.
Следејќи ги искуствата од другите земји кои имаат системи за предупредување за исчезнати деца и потпирајќи се на австрискиот пример – „Австрија ве наоѓа“, Новинари за човекови права и во соработка и под проектен менаџмент на ECPAT Австрија, го спроведува проектот во Северна Македонија со експертска поддршка од земјава и ЕУ и ангажирање и вмрежување на повеќе чинители: јавен и приватен сектор, граѓански организации, медиуми.
„Искуствата покажуваат дека иако зависи од случај до случај, проценот на успешност со дистрибуирање, односно со широко алармирање на јавноста е висок. Од статистиките од 80-90 посто, алармите кои се објавени имаат успешност и пресудни се оние први 72 часа од исчезнувањето на детето“, изјави Александра Радевска од невладината организација „Новинари за човекови права“.
Проектот, чија главна цел е да се подобрат постоечките пристапи и да се изнајдат нови методи за превенција, истрага и ублажување на трговијата со луѓе и деца, како и заштита или зајакнување на правата на засегнатите преку размена на искуства и стекнување нови знаења, се спроведува во периодот од 1 јули 2021 година до 31 декември 2023 година, со финансиска поддршка од австриското Сојузно Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.