Доза вести

Социјалното менторство ги крши предрасудите за потенцијалот на лицата со попреченост

РАЗГОВОР СО ФЈОЛА БАЈРАКТАРИ СИНАНИ ОД ОДДЕЛОТ ЗА ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ ОД КОМПАНИЈАТА „САЧ КАФЕ“ ОД ПРИШТИНА

Како компанија, сериозно ги вреднуваме нашите вработени и сме подготвени да вработиме нови, позитивни личности со Даунов синдром, како и други маргинализирани групи. Ги разбираме и тешкотиите со кои би можеле да се соочиме, но резултатите на крајот од денот, кога ќе ги видиме насмевките на поединците кои се ранливи во нашето општество – прават сето тоа да вреди.

Анета Ристеска

Бесник Хусени е лице со Даунов синдром од Приштина, кое водено низ процесот на социјалното менторство, сега има статус на вреден работник во „Сач кафе“, бизнис кој се дава како пример за инклузивна работна средина.
За првпат, Бесник беше вклучен во програмата менторство за работна интеграција на „Паблик“ пред две години, а патот од подготовка до ангажман го одеше заедно со неговата социјална менторка Луљета Нухија – Лулу.
Предизвиците се совладани, Бесник го задржа вработувањето и ги крши предрасудите за способностите на луѓето со попреченост.
За ваков резултат, покрај подготвеноста и волјата за промени на Бесник, вистинските насоки и поддршка од менторот, неопходна е и отвореноста на една компанија на која важно ѝ е да создава и гради инклузивна средина.

Тоа е и повод за разговор со Фјола Бајрактари Синани, раководителка на одделот за човечки ресурси во „Сач кафе“, компанија чии почетоци датираат од 2009 година, а во моментов е проширена над 20 локации во Косово, но, и надвор, а меѓу нив и во Македонија.

Од „Сач“ велат дека Бесник е вистинско олицетворение на значењето на неговото име, лојален, вреден и љубезен кон сите. Повеќе од една година во овие негови квалитети се уверуваат сите консументи на производите на оваа успешна компанија, но, и неговите колеги, кои се прва линија на поддршка.

*Вашата компанија „Sach cafee“во своите редови на работници вклучи лице со Даунов синдром, водено преку програмата за социјално менторство, и со тоа ја манифестираше свесноста за инклузивност, различност и дестигматизирање на лицата со попреченост. Вие одлучивте да фрлите светлина врз способностите и можностите, наспроти предрасудите.
Кажете ни како го идентификувавте потенцијалот кај Бесник и одлучивте работно да го интегрирате?
Како течеше процесот? Што беше клучно?


– Како компанија, неколку пати се сретнавме со персоналот на организацијата „Down Syndrome Kosova“, од каде што доаѓа социјалната менторка Нухија, и разговаравме за можноста да се вработи лице со Даунов синдром во нашата компанија. Првично бевме обучени од организацијата во однос на потребите и способностите на Бесник и ги почитувавме насоките.. Исто така, бевме во контакт со семејството на лицето кое го вработивме и дадовме максимум во неговото интегрирање во нашата компанија, настојувајќи да ја разбере важноста на неговото присуство кај нас.
Во текот на првите неколку недели од неговата работа, ги осознавме сите негови  способности и согласно тоа  му доделиве должности со кои можеше да се справи – за да се чувствува предизвикано на добар начин, но, и удобно на ова работно место.

*Кои специфични вештини ги маркиравте кај менторираното, сега вработено лице? Кои квалитети би ги издвоиле кај него, и што ве натера да верувате дека неговиот ангажман ќе биде значајно збогатување на вашиот тим?

Откривме дека луѓето со Даунов синдром можат да направат многу повеќе од она во што верува општеството. Сè што е потребно е да се разбере дека ние самите треба да потегнеме иницијатива за да ги интегрираме маргинализираните лица  во заедницата. Кога се сретнавме со потенцијалното лице за вработување, дознавме дека тој сака луѓе, а пријатна работна средина го пречека и него, персоналот одлично го прифати.  Вклучувањето на луѓето со Даунов синдром е значајно за нашите тимови со цел да бидеме што е можно поразновидни и преку тоа да едуцираме или да се обидеме да ја подигнеме свеста на во јавноста за ова важно прашање.

*Колку менторството за работна интеграција, соработката со социјалната менторка Лулу, влијаеше на одлуката за ангажманот?
Што би издвоиле како бенефити од оваа програма што ви беа во прилог како компанија, и на вработеното лице?


Сметаме дека релацијата со социјалната менторка Лулета Нухиа, со која  соработувавме преку „Down Syndrome Kosova“, многу ни помогна во интеграцијата на Бесник. Преку ова искуство сега имаме и поголемо знаење за лицата со Даунов синдром, воопшто. Посвесни сме во разбирањето на основните вредности за интегрирање на овие лицаво нашата компанија, а сега и нашите тимови разбираат зошто е ова важно, зошто е важно да работиме заедно и да ги разбиваме предрасудите..

*Дали презема(в)те некои чекори за да ги едуцирате и вашите останати вработени, па дури и консументите/потрошувачите, за важноста од вклучување лица со попреченост во вашите редови, особено во поглед на отфрлање на стереотипите кои се врзуваат за нивните потенцијали?

Со вработувањето на Бесник, кое трае веќе две години, ние се трудиме да ги отфрлиме сите предрасуди за овие лица. Особено затоа што неговата работа е јавна, во кафетерија каде потрошувачите секојдневно го гледаат. Веруваме дека овој чекор навистина прави разлика, особено  за нашите клиенти, бидејќи се сведоци на нашата интенција и потези да дадеме пример на вклучување на различни групи луѓе во работните процеси во Косово. Без предрасуди.

*Можете ли да споделите некој момент од работата, од работната атмосфера, што го вклучува и ангажманот на менторираното лице?

Бесник е прекрасна личност. Добар, лојален и многу точен во работата. Ги сакаме неговите прегратки. Негова навика е да го гушка секој член на персоналот на неговото работно место – секој ден. Поради ова, но не само тоа, персоналот и Бесник создадоа навистина квалитетен и редок однос.

*Како понатаму ќе ја надоградувате оваа култура, пракса и посветеност на ангажирање ранливи лица кои подготвено влегуваат во нови работни предизвици?

Работејќи со „Down Syndrome Kosova“, веруваме дека континуираната работа ќе ни донесе нови луѓе кои се подготвени да работат со нас. Како компанија, сериозно ги вреднуваме нашите вработени и сме подготвени да вработиме нови, позитивни личности со Даунов синдром, како и други маргинализирани групи. Ги разбираме и тешкотиите со кои би можеле да се соочиме, но резултатите на крајот од денот, кога ќе ги видиме насмевките на поединците кои се ранливи во нашето општество – прават сето тоа да вреди.


*Тргнувајќи од вашето искуство, кој совет би им го дале на бизнисите кои имаат намера да создадат поинклузивна работна средина?

Создавањето поинклузивна работна средина за ранливите поединци значи следење на потребите што ги имаат овие луѓе и преку тоа создавање водич на обврски и одговорности кои одговараат на нивните можности. Исто така, обуката на персоналот во однос на прифаќање на сите подеднакво, и унапредувањето на степенот на инклузивност, е од исклучително значење за сите нас. Оттука, неопходно е да се фокусираме на овие елементи, и кога го правиме тоа, создаваме соодветен и пријатен простор за ранливата група поединци кои се обидуваме да ги вработиме, и да ги задржиме како вработени.

*Колку е важна соработката со локални организации кои работат на застапување на лицата со попреченост- во намерата да го поддржат и олеснат процесот на работна интеграција во бизнисите?

Ние веруваме дека е круцијално да постои организација која ве води и ви помага да ги најдете најдобрите практики во создавањето инклузивен простор за луѓето што сакаме да ги вработиме, особено со лицата со попречености. Во зависност од фактот дека секоја група има свои различни начини на справување со работата и со општествената средина, ние е неопходно да работиме со организација која е експерт во ова за да ги добиеме вистинските совети и насоки за да се постигне средина во која бенефит имаат и компанијата и заедницата што се обидуваме да ја вклучиме во нашите редови.

(Менторство за работна интеграција или ‘социјално менторство’ е методологија развиена од „Паблик“, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка – GIZ North Macedonia)

Напишете коментар