Зимски саем на социјални претпријатија во Скопје: соработка, поддршка за заедницата и најава на легислатива
Во духот на солидарноста и заедништвото, денеска во Центарот за социјални претпријатија во Скопје се одржа Саемот за социјални претпријатија и солидарна економија „Барбара и пријателите“ во формат на собир, кој обедини организации, социјални претпријатија, креативци и граѓани посветени на развојот на социјалната и циркуларната економија.
Настанот беше организиран со хуманитарна цел – поддршка на Фондацијата „Барка“ и Барбара Садовска од Полска, пријателка и заложничка на социјалната економија на нашата земја. Нејзината ќерка, Марисија Садовска, се соочува со тешка болест и сите собрани средства од влезниците, кои се купуваа на лице место, се наменети за оваа кауза. Со ова, учесниците испратија порака дека социјалното претприемништво е неразделно поврзано со солидарноста и грижата за заедницата.


Саемот беше отворен со панел-дискусија посветена на развојот на социјалното претприемништво во земјава. Беа отворени прашања за Стратегијата за социјални претпријатија, Акцискиот план, Законот за социјални претпријатија и новите движења во секторот. За институционалните документи зборуваа Александра Илоска, истражувачка и аналитичарка од „Паблик“, и Анкица Ивановска од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Тие, заедно со учесниците разменија ставови за досегашниот напредок, но и за предизвиците што остануваат во креирањето поддржувачка средина за социјалната и солидарната економија.

Во рамки на дискусијата беше нагласена потребата од координација, меѓусебна поддршка и институционална соработка, при што беа договорени следни чекори за подготовка на прогрес извештај за имплементацијата на Акцискиот план поврзан со Стратегијата за социјални претпријатија, како и одржување на заеднички состанок на социјалните претпријатија со цел унапредување на соработката, размената на искуства и зајакнување на заедничкиот глас на секторот.


По официјалниот дел, настанот продолжи со зимски мини саем на социјални претпријатија, на кој посетителите имаа можност да се запознаат со работата на неколку организации, социјални претпријатија и индивидуални креативци. Преку штандови и директни разговори, беа претставени производи и услуги кои ја промовираат одржливоста, локалното производство и општествената вредност.
- Заштитено: Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Луѓе кои ја движат промената: инспиративни пристапни приказни за трансформација и зајакнување
- Отворен повик за млади фотографи: „Сликите на вкусот“ ги обединува креативците од Балканот
- Инклузивна изложба на графики по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам
- „Саранда“ во Жеровјане, место каде различностите се мешаат, токму како и вкусовите на сладоледот