Седмо издание на „Сонот на облачето“
Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки, кој важи како единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, „Сонот на облачето“, годинава ќе го доживее своето седмо издание и ќе се одржи од 25 до 27 ноември на сцената „Фросина“ во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје.
Фестивалот е настан што успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки, а воедно е и една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската публика.
– Низ призмата на седум години слатки маки во организација на фестивал што промовира уникатна уметност како што е театарот на сенки, може да се пофалиме со челични нерви, но и со исполнети соништа. Селекција на квалитетни учесници што влегуваат во рамките на нашиот скромен буџет е како да најдеш игла во сено. Но точно таму „лежи зајакот“, нудиме нестандардна програма и локално соработуваме со најразлични ентитети и индивидуални уметници, а, пак, фестивалот сè уште си трае „само“ три дена – велат креативците од „Сенки и облаци“, кои се организатори на фестивалот.
Првиот фестивалски ден ја носи претставата „Светлосни години“ од шпанскиот театар „Луз микро и пунто“, која ќе се одржи во понеделник, 25-ти ноември во 19.30 часот.
„Две марионетки од полиците со книги се будат со човечки способности. Со светлината и музиката ќе ги оживеат предметите и ќе ја раскажат приказната за врската помеѓу дрвена кукла и сино јајце“, пишува во најавата за оваа претстава.
Вториот ден ја носи проекцијата и презентација на стоп анимација со сенки, насловена „Црната школа“ на Фабијан Штроебер од Германија. Проекцијата е закажана за 18 часот, и ќе биде во Џебното кино во МКЦ.
Истиот ден ќе се претстават гостите од Бразил со „Циркус анимус“, која ќе биде изведена од 19.30 часот. Последниот фестивалски ден, 27-ми ноември ја носи работилницата „Во движење“, која ќе ја водат гостите од Бразил, заедно со Бразилскиот културен центар. Оваа работилница ќе биде од 18 до 19 часот на горното фоаје на „Фросина“.
Од 19.30 часот ќе биде изведена „Алиса и чудата“ на домаќините, театарот „Сенки и облаци“.
За времетрањето на целиот фестивал ќе биде поставена и инсталацијата „Облаче за секое дете“, продажна изложба на светлосни објекти за кои инспирација се небото, облаците и детската слобода. Креирани се од реупотребени материјали во рамките на организацијата ХОПС, а средствата кои ќе се соберат од продажбата на делата се наменти за децата со кои соработува ХОПС.
Исто така, на долното фоаје на „Фросина“ ќе биде поставена и изложбата на традиционални кинески кукли за театар на сенки, изложени во умешно изработена сценографија од страна на дечињата кои ја посетија работилницата за вешто сечење хартија под водство на Институт „Конфуциј“ и „Сенки и облаци“.
Цената на билетите е 150 денари.