Актив арт, Лице в лице интервју

Од „ТикТок“ до бурек: Сибел Абдиу и шаренилото на серијата „Чаршија“

Текст: Натали Китаноска

Фотографии: Кристијан Христов

Колку чудно ни изгледа општеството, кога се однесува и се гради на начин кој отстапува од „нормата“. Кога доаѓаш од семејство со мајка Турчинка и татко Албанец, а растеш во Македонија, никогаш нема да ти биде чудно да ги слушаш македонскиот, албанскиот и турскиот јазик, како се преплетуваат во една приказна. Ама кога ќе излезеш надвор, тоа веќе не е едноставна плетка.
Ако ваков човек растен во ваква средина е и уметник, ја добиваме инспирацијата за серијата „Чаршија“. Токму ваков човек е Сибел Абдиу, режисерката на новата македонска хумористична серија „Чаршија“ (посветена токму на Старата скопска чаршија), со која разговараме во ова интервју. Абдиу ни сподели дека екипата е при крај со снимање.
„Чаршија“ почна да се емитува на „Јутуб“, а ние пак, чекаме да ги изгледаме сите епизоди кои излегуваат од посветената работа на продукцијата „Машина“.

Сум ја изгледала секоја една епизода на „Чаршија“ и не можам, а да не Ви го поставам прашањето, како успеавте да направите спој од толку различности? Не мислам на етникуми, туку на различните светови на младите и старите, од „Тик-Ток“ до бурек.

– Опсервација. 🙂 мислам дека ние уметниците го имаме тој благодет што умееме вешто да  опсервираме и да анализираме сѐ што се случува околу нас, во живиот свет. Потоа, да го пренесеме тоа низ некоја естетска форма што ја претставува нашата перцепција на нештата.  Во „Чаршија“ тој процес на опсервација го претворивме во дијалог помеѓу генерации и светови, како што кажавте,  „од ТикТок до бурек.” :).

Во тимот имате познати актери, искусни и веќе видливи лица во македонската јавност, меѓутоа имате и една девојка која за себе вика дека е аматер, ама јас би ја нарекла млада професиналка. Вистинската причина зошто е на сет со вас е, Вашата способност да забележите уметници. Претставете ни ја неа, како и останатите кои се дел од овој млад тим.

– Всушност имаме три такви „актерки“. Бену Шахин, Милена Блажевска и Оја Самет. Освен Бену, која што претходно има искуство со актерска игра пред камера, останатите две прв пат влегоа во овие води преку нашата продукција. Милена ја забележав пред две години во кафуле. Тогаш ѝ пријдов, ѝ побарав број за некогаш да соработуваме. Оттогаш соработувавме на три проекти и бевме многу задоволни од неа. На неа оваа професија ѝ стана забавна и интересна. Се најдовме на иста фрекфенција. Оја ја најдовме преку препорака. Испивме едно кафе. Нам премногу ни се допадна нејзината енергија и аура, додека неа ѝ се допадна идејата за вакво искуство. Така испадна да имаме одлична соработка и со неа. Сите три ни потврдија дека уметноста не е прашање на искуство, туку на став и љубопитност.

Кое е Вашето прво дебитантско режисерско искуство? Споредете го со „Чаршија“, ми изгледа како серијата да стои блиску до Вашето срце. Би сакала да споредите колкав е Вашиот развој на способности и око за убави работи од првиот режисерски ангажман и сега.

– Всушност, по вокација сум лингвист и театарска режисерка, но по игра на судбината влегов во филмскиот свет. Не сум се откажала од театарот. Верувам дека секој што сака да се бави со уметност, може да твори во било која дисциплина сè додека посвети доволно внимание, часови работа, и посветеност. Така што, искуството со „Чаршија“ би сакала да го споредам со моето прво режисерско искуство во театар, кое беше уште во времето кога се бавев со оваа професија аматерски. Се работи за една аматерска кратка претстава од 20-тина минути која ја спремивме колективно во прва година на факлултет кога студирав англиска книжевност на УКИМ. Тогаш можеби сѐ тоа ми изгледаше смешно и несериозно, но денес се гордеам со тоа што имав храброст да почнам — макар и од „ништо“. Интересно е дека и тоа дело беше од жанрот комедија. Според мене, комедијата е најтежок жанр. Кога би направила споредба (поминати се 20 години од тоа искуство), разликата не е многу голема, освен повеќе техничко знаење, и тоа е тоа што ме прави горда. Што успеав да си ја задржам игривоста, желбата за работа, експериментирање и истражување. Како уметник, тоа ми е многу важно – секогаш да се заигруваме низ делата кои ги создаваме и на тој начин да направиме да биде забавно и интересно и за гледачот, а и за целата екипа.

Дали со овој проект ја реализиравте Вашата режисерска визија за „Чаршија“?

– Толку многу теми кои ги имав замислено ми останаа необработени, што мислам дека ќе ми требаат барем уште 5 сезони да го постигнам тоа.  🙂 Од аспект на режисерска визија, морам да признаам дека, кога се работи со добри и вредни луѓе и со професионална екипа, многу е лесно да се постигне визијата.  Но, морам да додадам, секоја сцена е дел од поголема слика што сè уште ја бојам, и тоа ме држи живa.

Што да очекуваме понатаму од серијата? Колку епизоди има и дали можеби се подготвувате за втора сезона?

– Во четвртокот се емитуваше 11-тата епизода, ни останаа уште 25 епизоди од оваа сезона. Ние не правиме само серија, туку свет што допрва ќе расте. Така што, да — „Чаршија“ има уште многу улички за истражување 🙂

Напишете коментар