Новото време бара систем фокусиран кон благосостојба, а не кон профит!
Пандемијата ќе остави долгорочни последици за економскиот развој, јавниот долг, вработувањата и благосостојбата на човештвото. Сето ова, пак, ќе ги продлабочи климатските и социјалните кризи што и пред пандемијата ја загрозуваа планетава. Ако се остават овие проблеми без реакција, светот откако ќе заврши пандемијата ќе биде уште повеќе неодржлив, со поголема нееднаквост, и поранлив. Парцијални мерки и привремени „поправки на дефектите“ нема да го спречат ова сценарио. Мора да изградиме сосема нови темели за нашите економски и општествени системи или како што вели основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, „потребно ни е големо ресетирање на капитализмот.“
Игор Петровски
Деновиве во светската јавност одекна веста дека повеќе од 400 политички лидери, граѓански организации, активисти за човекови права и останати засегнати чинители од 34 земји потпишале писмо со кое се бара од гигантот во е – трговијата „Амазон“ да ги промени своите компаниски политики во насока на подобра заштита на работничките права и на животната средина.
Во писмото, адресирано до основачот и главен директор на компанијата, Џеф Безос, во моментов најбогатиот човек на светот, се вели дека светот знае оти „Амазон“ може да си дозволи да ги плати повеќе своите работници, да им обезбеди подобра здравствена заштита, да ги плати даноците, како и да насочи трошоците поврзани со екологијата, но дека упорно одолговлекува или одбива да ги исполни своите обврски кон вработените, кон општествата во коишто функционира бизнисот, но и кон планетата, како целина. Писмото ги критикува недоволните напори на неговата компанија да ги намали емисиите на штетни гасови, монополистичките практики со коишто се уништуваат малите бизниси, кршењето на правата за заштита на податоците од страна на веб сервисите на „Амазон“, фактот што компанијата нема платено ниту цент данок кон матичната држава САД во 2018 и 2019 година, и уште неколку примери на кршење на принципите на општествено одговорен и одржлив бизнис.
„Амазон“ енормно профитираше од тековнава пандемија. Поради карантините и остaнатите рестриктивни мерки, вртоглаво пораснаа онлајн нарачките на најразлични производи. За само 10 месеци ангажирани се нови 430.000 работници, со што вкупната бројка сега изнесува преку 1,2 милиони. Освен со ова, „Амазон“, привлекува внимание со своите крајно општествено неодговорни политики и постапки, коишто одат дури до таму што се користеле и технологии за надгледување на комуникацијата на вработените со цел спречување на синдикално организирање, како што тврди еден скорешен извештај на „Амнести Интернешнал“.
„Амазон“ е само најочигледниот пример на општествено неодговорно однесување, затоа што e од редот на најголемите компании во светот и, следствено, има најголемо влијание врз начинот на којшто се менуваат нашите животи. Безос ја има собрано сета слава досега за неговиот претприемачки дух, визијата и придонесот во технолошкото поврзување на светот преку онлајн трговијата и останатите сервиси, но по која цена? Дали неговото лично задоволство што неговите акции во „Амазон“ секој ден вредат по некоја милијарда долари повеќе, истовремено правејќи ги среќни сите останати акционери во компанијата, треба да биде единствениот императив и водилка во неговите чекори и постапки што ги презема?
Милијардерите бараат нов капитализам
Очигледно дека многумина колеги на Безос од корпоративниот свет не мислат повеќе така. Откако пандемијата ги извади на површина сите несовршености на модерниот капитализам и ја истакна уште повеќе нееднаквоста, се појави цела низа на коментари од познати директори или сопственици на најголемите бизниси во САД и пошироко кои зборуваат дека потребни се големи промени.
Џејми Дајмон, директор на една од најголемите инвестициски банки во светот, „ЏП Морган“, напиша отворено писмо до сите засегнати страни на банката во кое истакна дека пандемијата на коронавирусот била своевиден „повик за будење“ на земјата којашто крајно време е да ја истакне нееднаквоста како проблем. Тој ја повикува власта и бизнис лидерите да преземат акции.
-Кризава мора да нè разбуди сите и да биде повик за бизнисите и владата да размислат, делуваат и инвестираат за општото добро на сите, како и да се спротивстават на структурните пречки коишто го кочат инклузивниот економски раст со години наназад- напишал Дајмон.
Реј Далио, милијардер и филантроп, основач на инвестицискиот фонд „Бриџвотер“, во едно интервју кажа дека неподносливата нееднаквост во земјата е „национална вонредна состојба“ и дека е закана за капитализмот.
-Ако немате услови каде што луѓето имаат можности, не само што нема да го искористите потенцијалот што постои, што е тотално неекономски, туку и го загрозувате постоењето на самиот систем. Тоа многу очигледно ни се удира од глава, сега кога гледаме каква економска криза предизвика вирусот- изјави Далио во онлајн интервјуто за „Кан академи“, непрофитната образовна институција која нуди курсеви од најразлични области.
Веројатно најрадикален во своите ставови околу несовршеноста на денешниот капитализам е Марк Бениоф, првиот човек на американскиот софтверски гигант „Сејлсфорс“, којшто вели дека актуелнава криза дава шанса да се воведе во пракса подобар модел на капитализмот. Минатата година, на „бизнис тркалезната маса“, група на американски топ менаџери, Бениоф рекол дека компаниите мора да сторат повеќе од само креирање вредност за акционерите. Со оглед дека периодов за време на пандемијата се слушаат стории за разни видови на погрешно однесување на корпорациите, Бениоф смета дека можеби ќе треба смена на генерациите за овој модел на „акционерски капитализам“ да стане минато.
– Голем број компаниски шефови сè уште имаат испран мозок мислејќи дека работата на еден бизнис е само бизнисот. Така ги научил Милтон Фридман, така се однесуваат и тоа е сè што знаат да прават- вели тој.
Додава дека, таквите директори, веројатно е дека никогаш нема да се променат.
– Едноставно, ќе треба да почекаме да дојде нова генерација – рекол Бениоф на состанокот, како што пренесува британски „Телеграф“.
Од неговите изјави им се крева косата на многумина приврзаници на традиционалниот „акционерски капитализам“, а иако Бениоф и самиот е милијардер, стана непопуларен кај останатите милијардери на светов. Во својот говор на Светскиот економски форум во Давос во 2018 година, тој ги обвини светските технолошки гиганти како „Гугл“ и „Фејсбук“ дека „абдицирале од одговорноста“, и побара поголема регулација на нивните бизниси, споредувајќи ги социјалните мрежи со цигарите.
Големо ресетирање на светската економија
Заложбата за некаков нов економски систем, нов капитализам, доаѓа и од местото каде што секоја година се собира глобалната бизнис и политичка елита – Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија. Илјадници политички и бизнис донесувачи на одлуки од највисок ранг се собираат традиционално во јануари на СЕФ за да дискутираат за тоа каде оди светската економија и да ги адресираат најголемите предизвици за човештвото на среден и долг рок, но ковид – кризата оваа година само го интензивира тој наратив во своевиден апел за нужни промени на светскиот економски систем, артикулиран во книгата „Ковид – 19: Големото ресетирање“ од д-р Клаус Шваб, основачот и претседател на СЕФ.
– Постои голема причина за загриженост. Пандемијата предизвика силен економски пад на целава планета, и веројатно се соочуваме со најлошата економска криза од Големата депресија во 1930-тите досега. За да го преброди сето ова полесно, светот мора заеднички и брзо да ги редефинира сите аспекти на нашите општества и економии, од образование, преку трудови законодавства, па сè до заштита на животната средина. Секоја земја, почнувајќи од најголемите и најмоќните, мора да учествува во овие промени, и секоја индустрија, од најтрадиционалните, како нафта и гас, па до најиновативните технологии, мора да биде трансформирана. Ни треба „Големо ресетирање“ на капитализмот- вели Шваб во обраќањето објавено на вебсајтот на СЕФ.
Во книгата, Шваб вели дека пандемијата ќе остави долгорочни последици за економскиот развој, јавниот долг, вработувањата и благосостојбата на човештвото. Сето ова, пак, ќе ги продлабочи климатските и социјалните кризи што и пред пандемијата ја загрозуваа планетава. Некои земји веќе ја искористија ковид – кризата како изговор за да ги ослабат напорите за заштита на животната средина. Истовремено, се зголемуваат фрустрациите во општествата поради зголемената нееднаквост – богатството на најмоќните милијардери во светот порасна уште повеќе среде пандемијата.
Ако се остават овие проблеми без реакција, откако ќе заврши пандемијата, светот ќе биде уште понеодржлив, со поголема нееднаквост и поранлив. Парцијални мерки и привремени „поправки на дефектите“ нема да го спречат ова сценарио.
-Мора да изградиме сосема нови темели за нашите економски и општествени системи- апелира Шваб.
За таа цел, додава тој, потребно е ниво на соработка и залагање досега невидено помеѓу државите. Но, не мора да биде и неостварлив сон. Една работа што дава надеж дека „големото ресетирање“ е можно, е фактот што пандемијата покажа колку бргу луѓето се во состојба да направат радикални промени во начинот на живот. Речиси преку ноќ, кризата ги присили бизнисите и поединците да ги напуштат практиките што претходно се сметаа за нужни, како што е честото патување со авион или работата во канцеларија. Луѓето покажаа во спремност да направат жртви за доброто на здравствените и останатите есенцијални работници, како и ранливите категории граѓани. Многу компании, пак, презедоа активности за поддршка и заштита на своите вработени, потрошувачи и локални заедници, со што всушност направија еден чекор повеќе кон поинаков вид капитализам, капитализам на сите засегнати страни (stakeholder capitalism) наместо капитализам на акционерите (stockholder capitalism), за разлика од досегашните само декларативни заложби за такво нешто.
-Волјата да се изгради подобро општество постои. Мораме да ја искористиме за да го направиме големото ресетирање што очајно ни е потребно. Ова ќе бара поенергични и поефективни влади низ светот, а приватниот сектор ќе мора да се ангажира во секој чекор од процесот- вели основачот на Светскиот економски форум.
Три главни компоненти на агендата
Агендата на големото ресетирање треба да има три главни компоненти.
Прво, пазарите треба да се насочат кон пофер односи помеѓу сите чинители. За таа цел, владите треба да ја подобрат координацијата (на пример, во даночните, регулаторните и фискалните политики), да ги унапредат трговските договори и да креираат услови за т.н. „stakeholder economy“. Во услови на континуирано намалување на даночните извори и зголемување на јавниот долг, владите имаат силен мотив да преземат вакви чекори. Владите треба да спроведат долгорочни реформи што ќе имаат за цел поголема еднаквост во општествата. Во зависност од условите во секоја држава одделно, овие чекори подразбираат промена во даноците на имот и луксуз, укинување на субвенции што стимулираат фосилни горива, како и нови регулативи за интелектуална сопственост, трговија и конкуренција.
Втората компонента од агендата на големото ресетирање треба да осигури дека новите инвестиции ќе промовираат заеднички цели, како еднаквост и одржливост. Обемните програми за финансиска поддршка што ги подготвуваат државите, претставуваат голем потенцијал. На пример, Европската комисија неодамна го објави планот за вбризгување на 750 милијарди евра со цел закрепнување на економиите во Европа. САД, Кина и Јапонија, исто така имаат амбициозни програми за економска поддршка.
Наместо да се искористат овие извори, како и инвестициите од приватните субјекти, за пополнување на пукнатините од стариот систем, треба да ги искористиме за креирање на нов што ќе биде поотпорен, ќе промовира поголема еднаквост и ќе биде поодржлив на долг рок. Ова подразбира, на пример, изградба на „зелена“ урбана инфраструктура и креирање стимулации за индустриите за да ги подобрат своите резултати во делот на екологијата, социјалната заштита и доброто корпоративно управување.
Третиот клучен приоритет е поттикот иновациите од Четвртата индустриска револуција (кованица која Шваб ја употребува за прв пат во својата истоимена книга) да се искористат за општо добро, особено за надминување на здравствените и социјалните предизвици. За време на ковид – кризата, компании, универзитети и останати чинители ги здружија силите за да развијат дијагностика, терапии и евентуални вакцини, да формираат центри за тестирање, да креираат механизми за следливост на инфекциите, како и да овозможат телемедицина, односно пружање медицинска грижа на далечина со помош на новите технологии. Да замислиме само што сè може да се постигне доколку слични напори се вложат во сите останати сектори на економиите и општествата.
-Ковид – кризата има влијание врз секој можен аспект на нашите животи во секое ќоше од светов. Но, трагедијата не мора да биде единствено наследство на пандемијата. Напротив, кризата отвори прозорец на надеж, на можност да го реосмислиме и реобликуваме нашиот свет за создавање на поздрава и попросперитетна иднина и поголема благосостојба на сите облици на живот на оваа планета- заклучува Шваб.
Иднината на капитализмот и новите работни места
Како што државите ќе се трудат да ги застанат повторно на нозе своите економии, ќе се појават и нови извори на раст и работни места во секторот зелена економија, научни и здравствени истражувања, како и дигитална инфраструктура. За земјите во развој, повеќе од било кога клучен ќе биде нов проактивен пристап кон работните места на иднината, затоа што глобалните синџири на додадена вредност во моментов се редефинираат, односно се преиспитува моделот на развој базиран на фабричко производство.
Светскиот економски форум го понуди прегледот „Работни места на утрешнината“ (Jobs of Tomorrow) на почетокот од годинава. Овие работни позиции се во голема мера концентрирани меѓу оние професии што подразбираат грижа за луѓето, зачувување на планетата, менаџирање со нови технологии и комуницирање на нови производи и услуги: зелена економија; луѓе и култура; податоци и вештачка интелигенција; инженерство и cloud computing; развој на продукти; продажба, маркетинг и содржини. Со оглед дека пандемијата ја истакна клучната улога што ја имаат здравствените работници, продавниците, училиштата и останатите суштински сектори за функционирање на општеството, токму во нив допрва ќе растат потенцијалите.
Слично на ова, ќе расте и улогата на секторот креирање и менаџмент со технологија, е – трговија и сл. Во постпандемичната економија критична ќе биде поддршката на луѓето што останале без работа, како и на тие што се со висок ризик да ја загубат. Многу компании веќе почнаа со поддршка на краток рок што значи префрлање на отпуштените работници од секторите за кои сега има ниска побарувачка во оние со висока побарувачка на пазарот, како на пример логистика, здравствена заштита, итн.
Во земјите кои што имаат воспоставени системи за вакво менаџирање со работната сила, работниците веќе се подобро згрижени отколку во оние земји што немаат проактивен пристап. А, владите, додека размислуваат за следниот сет на фискални стимулации, мора исто така да го вклучат тука и пазарот на труд, односно услугите што помагаат во менаџирањето со работната сила што е моментално на принуден одмор или што ги загубиле своите работни места. Тука спаѓаат и услугите за истражување на пазарот, за посредување помеѓу работодавците и работниците, разни алатки за барање работа и сл.
Пред една деценија, вакви политики беа успешно користени за да се менаџира големата невработеност предизвикана од финансиската криза. Бидејќи оваа криза е од поинаква природа и обем, клучно е овие сервиси да бидат надградени и спремни за функционирање во постпандемичниот период на закрепнување.
Станува сè појасно дека нашите најважни работници во моментов се во секторите што се најниско платени и најподложни на ризик и дека во многу економии во развој на овие работни места им фали социјална заштита, во формалната, и во неформалната економија.
Во периодот по Големата Депресија и Втората светска војна во САД се случи формализација на правото на викенд и другите работнички права, како и креирање на здравствена, социјална заштита и инвестиции во образование во Европа.
Сепак, иако природата на економиите оттогаш се промени, регулативите, стандардите и платите на работниците не држеа чекор со потребите на работниците – и во многу случаи, тоа го правеа и работодавците. Паралелно со менаџирањето на итноста на ситуациите во кризава, треба да е императив на државите, бизнисите и синдикатите да работат заедно кон нов историски чекор во надградувањето на протоколите за менаџирање на пазарите на труд.
Закрепнувањето зависи од соработката
Соработката меѓу работодавците, владите и работниците, национално и глобално, ќе биде клучна за закрепнувањето. Светскиот економски форум во јануари годинава ја објави платформата Reskilling Revolution, посветена на подобрување на образованието, вештините и работните места на милијарда луѓе до 2030 година. Форумот сега ја посветува оваа платформа на поддршка на владите, компаниите и едукаторите со цел да им помогне на работниците и студентите во надминување на кризата, размена на најдобри практики и изградба на подобро образование, вештини и работни места за постпандемичното закрепнување.