Доза вести

Одржливиот избор е кул – „Yes for less“ организира саем на еколошки бизниси во рамки на Skopje Design Week

Oдржливиот избор е кул избор – Втор саем на еколошки бизниси во рамки на Skopje Design Week 2025

Дваесет и четири македонски иновативни и еколошки бизниси, кои преку своите производи докажуваат дека малите чекори водат кон големи промени, ќе го отворат вториот Саем на еколошки бизниси во рамки на Skopje Design Week 2025. Настанот ќе се одржи на 8 и 9 ноември во Public Room, со цел да покаже дека одржливиот избор не е само потреба – туку кул избор и нов животен стил.

Саемот го организира Здружението за еколошка едукација и одржливо живеење „Јес фор лес“, и оваа година ја обединува македонската еко-заедница под мотото „Циркуларен начин на размислување“.

24 еколошки бизниси под еден покрив

Посетителите на саемот ќе имаат можност да купат природна козметика, накит од рециклирани материјали, рачно изработени производи, уникатна облека од природни и реупотребени материјали, како и други еко-алтернативи за секојдневна употреба. Целта е да се покаже дека еколошките производи не се само подобри за животната средина, туку и поздрави за луѓето, без вештачки бои, парфеми или штетни хемикалии.

– Саемот е отворен и бесплатен за сите посетители. Ве покануваме да ја откриете новата генерација на македонски еко-бизниси, да купите производи со позитивен импакт и да се инспирирате од луѓе кои секојдневно работат за поздрава животна средина. Да покажеме дека одржливиот избор е кул избор! Да покажеме дека одржливиот избор е кул избор- порачуваат организаторите.

Yes for Less – заедница што инспирира промени

Бизнисите учесници се дел од мрежата на зелени бизниси на платформата www.yesforless.mk, која им овозможува на граѓаните да откријат еколошки навики, совети и производи на едно место. Платформата промовира одржлив развој и граѓанско учество, нудејќи простор за размена на идеи и заедничко решавање на еколошките предизвици во земјата.

Работилници за одржливост

Покрај изложбениот дел, „Yes for Less“ ќе организира две тематски работилници во рамки на Skopje Design Week: „Дизајн за одржливост: Користење на дождовницата во секојдневието“, „Еко-села за дигитални номади во Македонија“, поддржана од ресторанот Кутмичевица од Вевчани – семеен етно пансион кој ја спојува традицијата, гастрономијата и одржливиот туризам.

– Со овој саем и работилници сакаме да покажеме дека во Македонија постојат бизниси со силна визија за придонес кон одржливиот развој. Целта е да ги поврземе со граѓаните и да ги охрабриме да направат барем еден зелен избор повеќе во своето секојдневие – велат од „Yes for Less“.

Инаку, Skopje Design Week 2025 е платформа што ги поврзува дизајнот, модата, гастрономијата, музиката и одржливите бизниси. Целта е да се промовираат иновативни решенија за регенеративен дизајн и локален развој, преку концептот на циркуларна економија.

Напишете коментар