Генерација Z, Доза вести

Следен чекор: Вработување за сите – Модул 3 започнува наскоро!

Време на читање: 3 минути

Во Струга, покрај брегот на Охридското Езеро, се одржа вториот модул од програмата за градење на капацитети на граѓанските организации – модул посветен на социјалните иновации. Преку ангажирани дискусии, практични вежби и вистински примери, учесниците се нурнаа во светот на иновативни решенија за сложени општествени предизвици.

Овој модул ги охрабри организациите да размислуваат надвор од границите на класичниот активизам – користејќи дизајн размислување, кокреирање со заедницата, одржливи модели, и мерење на општествено влијание. Социјалната иновација не е веќе апстрактен поим – туку конкретна алатка која им е достапна и применлива.

Како што истакна Драган Дончевски од Извидничкиот одред „Еквинокс“ од Штип:

– Се здобивме со знаења кои ни помагаат да ги препознаеме проблемите во нашите заедници. На пример, дискутиравме за нерегулираното поставување соларни панели на плодна земја – проблем што може да ја загрози земјоделската иднина – вели тој.

Како решение на овој предизвик, Драган го истакна воведувањето на регулатива со која ќе се одредува земјиште каде што може да бидат поставени соларни панели и како пример ги даде камените или карпести ридови.

Слично, Дрен Салихи од организацијата „Мултикултура“ од Тетово додаде:

– Научив како да мапирам проблем и да ги најдам клучните точки за негово решавање. Тоа веднаш ќе го применам дома, во нашата организација, со конкретни чекори во локалната средина.

На програмата за градење на капацитети на организациите која ја организираат  Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, „Младински сојуз Крушево“ и Здружението на граѓани Центар за истражувања и анализи „НОВУС“ претходеше модул во Крушево на кој беше разговарано на тема „Младинско претприемаштво“.

Активностите се спроведуваат во рамки на проектот „Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемaштво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија“.

Програмата продолжува со Модул 3, кој ќе се фокусира на една од најгорливите теми во општеството – вработување на маргинализирани групи. Социјална еднаквост, инклузивни политики, развој на вештини и јавно-приватни партнерства ќе бидат во центарот на вниманието. Организациите ќе учат како да создадат вистински шанси за ранливите категории, преку соработка, мрежи и претприемнички дух.

*Дел од проектот Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемaштво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија со поддршката на ЕУ за граѓанското општество и медиумските организации во Република Северна Македонија, ИПА програма за граѓанско општество 2022-2023.

Напишете коментар