Слоештица повикува: Веруваме во природата и во уметноста!

„Веруваме во природата и во уметноста“ е насловот на денешното отворено студио кое ќе биде отворено во село Слоештица, во организација на Меѓународниот центар за уметност „Арт Поинт – Гумно“.
Домаќините повикуваат да се посети местото од 17 до 21 часот, кога љубителите на уметност ќе имаат можност да ги запознаат уметниците и да ги видат делата создадени за време на 20. интернационална уметничка колонија која се одржува од 18-ти јуни до 3-ти јули оваа година.
Фокусот на колонијата годинава е во знакот на уметноста и природата односно, како уметноста може да ја промовира природата којашто сама по себе е најсовршениот уметник.
„Преку творечки дијалог и со иновативни уметнички реализации во различни медиуми, од коишто дел се инспирирани од локалната традиција, уметниците создадоа дела што предизвикуваат восхит“, се вели во најавата за настанот.

На креативното гумно во селото Слоештица престојуваат и творат шест уметници од земјава и од странство: Памела Тол од САД, Беате Куне од Германија и Синиша Новески, Јасмина Главинче, Владимир Симоновски и Сандра Котевска од Македонија.
Организаторите споделија и кусо појаснување за нивните инспирации:
Памела Тол е сликар-сонувач. Таа работи на пејсажи од нејзиното опкружување. Тоа е просторот што таа искрено го пренесува на хартиите или платното, понесена од чинот на радоста на создавањето.
Беате Куне ги истражува процесите и енергиите на природата преку апстрактни линии и форми. Нејзините слики прикажуваат континуирана палета на бои и импресивна рамнотежа, нудејќи му на гледачот хармонично визуелно откритие.
Македонскиот скулптор Синиша Новески и овој пат инспириран од македонската традиција создава скулптури од дрво и прачки коишто не потсетуваат за болните идентитетски прашања.
За Јасмина Главинче, важноста на еколошката тема во нејзината работа е клучна, бидејќи таа е единствената супстанца за позитивни промени во општеството, реинвенција на нашата соработка со природата. Така, таа свесно избира да испреплетува и повторно да користи различни материјали создадени од самата природа, парадигмата на уметноста.
Владимир Симоновски ги реинкарнира старите, отфрлени предмети давајќи им нов смисол и форма што пулсираат во духот на современото време-невреме.
Сандра Котевска е уметница којашто преку своите дела ги истражува и ги истакнува духовните и чувствителните вредности и убавини на човекот. Само тие се состојби со кои животот добива вредност и длабока оправданост.



Фотографии: „Арт Поинт – Гумно“