Социјалниот ментор е поддршка што менува животи: интервју со Филип Кузмановски
Социјалното менторство претставува клучен мост меѓу ранливите граѓани и нивното активно учество на пазарот на труд. Во фокусот на ова интервју е улогата на социјалниот ментор како поддршка, водич и мотиватор за лицата кои се корисници на Гарантирана минимална помош (ГМП). Тие се соочуваат со бројни предизвици – од стравови поврзани со напуштање на системот на социјална заштита, преку долготрајна невработеност, до социјална изолација и намалена самодоверба.
Филип Кузмановски, социјалниот ментор на „Паблик“ дава увид во тоа како изгледа процесот на менторирање, со какви ситуации и потреби се соочуваат корисниците, и како изградбата на доверба станува основа за личен и професионален напредок. Филип ја споделува реалноста од терен, комплексноста на системот и моќта на поддршката која може да го промени нечиј живот – од зависност до самостојност.
Како изгледа еден типичен прв состанок со корисници на Гарантирана минимална помош?
– Првиот состанок е запознавање и објаснување што во суштина значи социјалното менторство, каква поддршка ќе добијат, како и каква е улогата на социјалниот ментор. Јасно нагласуваме дека процесот е поддржувачки, доверлив и доброволен. Важно ни е да почувствуваат дека, ние како ментори сме нивниот ветер во грб, некој што ќе им го осветлува патот кон влезот и задржувањето на пазарот на труд.
Луѓето со кои што работам најчесто се повеќегодишни приматели на социјална помош. Обидот за поместување, за излегување од нивната комфорна зона, како и стравот дека ќе ја загубат помошта, ја прават оваа средба понекогаш и многу тешка. Нашата цел не е да ги убедуваме, туку да им покажеме што е возможно со повеќемесечната поддршка од наша страна.
Со какви предизвици најчесто се соочуваат примателите на ГМП во секојдневниот живот?
– Пред сè, се соочуваат со стравови и верувања дека социјалната помош е најсигурното примање, затоа што доаѓа од државата. Се плашат како ќе се снајдат на пазарот на труд, се плашат да не бидат избркани од работа, и тие стравови го кочат нивниот напредок.
Голем дел од овие лица се и на неформалниот пазар на труд, и комбинацијата на социјалната помош со примањата од неформалната економија придонесува тие да не сакаат формални вработувања. Нема да бидам исклучив – постојат најразлични случаи. Има и лица кои поради различни семејни или лични причини останале надвор од пазарот на труд и имаат желба за промена. Сепак, искуството ни покажува дека нивниот број е помал. Во суштина, ние како ментори сме среќни кога ќе лоцираме вакви случаи. Тие најчесто стануваат наши менторирани лица.
Многу од нашите менторирани лица се соочуваат со социјална изолација, стигматизација и намалена самодоверба. Ние како ментори значајно сме фокусирани на промена на себеперцепцијата кај нив. Секако, овде ја вклучуваме и психолошката поддршка од страна на сертифицирани психолози кои се дел од нашата програма.
Кај дел од корисниците се присутни и здравствени предизвици, вклучувајќи хронични заболувања. Постојат и семејни предизвици – грижа за деца или за стари лица. За да направиме поместувања кај вториве, исклучително ни е важна соработката со институциите, и од брзината на нивните реакции во голема мера зависи успешното заокружување на менторскиот процес за вработување.
Зошто е потребно економското зајакнување и независноста од системот на социјална заштита на лицата кои се приматели на ГМП?
– Кај лицата со здравствени проблеми, социјалната помош треба и да се зголеми. Но, кај работоспособните луѓе, социјалното менторство за вработување мора да стане задолжително, затоа што отворени работни места има.
Економското зајакнување е потребно за да си го подобрат квалитетот на живот и за да имаат одржлива иднина. Економското јакнење придонесува и кон зголемување на самодовербата, чувството на лична вредност и одговорност кај корисниците.
Затоа улогата на социјалното менторство е да обезбеди поддршка, мотивација и насочување кон активни мерки, со цел корисниците постепено да преминат од состојба на зависност кон активно учество во општеството и економијата.
Како е да си социјален ментор? Со какви ситуации се имате соочено во процесот на менторирање?
– Менторот е поддршка, осветлувач на патот, некој што верува дека промената е можна. Мојата работа е да ги поттикнам лицата со кои работам да го видат својот потенцијал. Кога ќе го препознаат, станува сè полесно. Ова не е едноставен процес! Понекогаш трае и многу, многу подолго од планираното. Кога ќе се случи тоа, фокусот го ставаме на тоа како тој потенцијал да се надградува и да биде во служба на развојот и позиционирањето на лицето на пазарот на труд.
Не можам да кажам дека е лесно да си ментор – предизвикувачки е. Но, свесен сум за комплексноста на системот во кој делуваме и предизвиците со кои се соочуваат лицата со кои работам.
На терен најчесто се соочувам со ниска мотивација и недоверба кон институциите, особено кај корисници со долготрајно искуство на сиромаштија и социјална исклученост. Кај голем дел од нив препознавам страв од промени. Затоа, најважно од сè ми е да изградам доверба. Кога има доверба, има и развој. Внимателно ги слушам, ги мотивирам, ги поттикнувам да бидат љубопитни, информирани, активни и посамостојни во справувањето со актуелните и идните предизвици. Во програмата на „Паблик“ ме фасцинира тоа што не решаваме само акутен проблем, туку кај корисниците развиваме вештини кои ќе им носат бенефит на долг рок. Програмата не носи само вработувања – програмата менува животи.

Интервуто го изработи тим на проектот „Се грижиме“. Оригналната објава е на овој линк.
Прочитај ја и нашата анализа на тема корисници на ГМП
ГМП – Пат кон зависност и сива економија, наместо излез од сиромаштија?
На линкот подолу е и разговорот со социјалната менторка Ирена Туфекчиева
Од пасивни приматели до активни граѓани: силата на социјалното менторство во животите на корисниците на социјална помош
- Заштитено: Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Луѓе кои ја движат промената: инспиративни пристапни приказни за трансформација и зајакнување
- Отворен повик за млади фотографи: „Сликите на вкусот“ ги обединува креативците од Балканот
- Инклузивна изложба на графики по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам
- „Саранда“ во Жеровјане, место каде различностите се мешаат, токму како и вкусовите на сладоледот