Социјален ментор – новата WOW професија
Регионов ги доби првите 10 ментори за социјална интеграција (социјални ментори), откако поминаа повеќемесечна програма, која дава значителен придонес кон создавање поинклузивен пазар на трудот. Две од 10-те социјални ментори работат со продавачи на „Лице в лице“. Кико, Валентин, Рамајана, Самир и Алмир се пет продавачи на „Лице в лице“ кои добиваат поддршка, мотивација, зајакнување на нивните капацитети, насочување кон соодветен развој и кон соодветна интеграција на пазарот на труд. Со нив работат две социјални менторки од „Паблик“ – Ема Тодоровска и Магдалена Чадиноска Кузманоски.
– Улогата на социјалниот ментор е да биде како птица. Таа може да зумира и да одзумира. Таа е врската меѓу небото – можностите и земјата – реалните животни ситуации – вели Тодоровска, која изминатиов период интензивно работи со продавачите на „Лице в лице“.
Чадиноска Кузманоски се надоврзува дека социјалното менторство носи знаења, кои тие како социјални ментори ги прилагодуваваат на потребите на менторираните лица, со цел да осигураат прогресивен развој кај нив, кој подоцна би резултирал со вработување:
– Низ целиот процес ги препознаваме нивните таленти, работиме на подобрување на нивните вештини и заеднички создаваме креативен импулс, кој ке ги охрабри полесно да се вклучат во работни активности, а со тоа и да се влијае на нивната инклузија.
Главна задача на социјалните ментори е насочување на тешковработливи лица и нивна подготовка при влезот на пазарот на труд. Социјалниот ментор се фокусира кон потенцијалите за вработување на лицето и неговата работна интеграција на отворениот пазар на труд или на посредниот пазар на труд (работното подготвување во социјални претпријатија).
Купувајќи и вложувајќи во „Лице в лице“ придонесувате и кон одржливост на фондот на оваа програма кој е наменет кон социјалното менторство.
Чадиноска Кузманоски и Тодоровска се дел од првата генерација социјални ментори во земјава, Косово, Албанија, Србија и во Босна и Херцеговина, која беше обучена од страна на Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“. Работат според верификувана програма оформена во согласност со потребите на групите што тешко можат да се вработат во земјава и во регионот, со поддршка на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).
Едукативната програма и методологијата за социјално менторство произлезе од потребата за изработка на оперативен протокол за активација, мотивирање и за задржување на работа на овие лица на отворениот пазар за труд.
Социјалните ментори со засилени професионални капацитети се веќе активни на терен во рамки на своите матични организации, а на Форумот на добри компании, кој се одржа на 15 и на 16 април преку интернет, новоздобиеното знаење и пристап го опишаа како голема промена во начинот на работа со ранливи луѓе.
– Тоа што ми недостигаше во мојата работа, сега го имам. Имам алатки и имам структуриран пристап со чијашто помош знам дека значително ќе го подобрам влегувањето и останувањето на пазарот на труд на лицата што тешко можат да се вработат. Ова за мене беше едно од најзначајните професионални искуства, добив многу преку програмата за социјалното менторство – објасни Јелена Станковиќ од Србија, една од десетте социјални менторки, кои изминатиов период се обучуваа за обезбедување на оваа услуга.
Социјалната менторка Арлинда Заими од Косово, пак, нагласи дека тие се агенти на промената:
– Силно верувам дека пристапот на социјалното менторство ќе биде начин да се направи мост меѓу програмите за социјална инклузија и вработувањето, како и меѓу центрите за социјална работа и агенциите за вработување.
Следете нè на социјалните мрежи за повеќе информации на темата:
Facebook
Instagram
Twitter
Linkedin
Еден коментар на “Социјален ментор – новата WOW професија”