Воведник

Профитот и општествената мисија – две страни од една иста паричка

Klimentina Ilijevski Климентина Илијевски
Климентна Илијевски

Ко­га пред осум-девет години го задвижувавме „Лице в лице“ се најдов во круг на бизнисмени на тренинг за развој на бизнис, свесна дека развивам социјално претпријатие и точно знам што сакам да постигнам со него како влијание во општеството, но свесна и дека ми недостига зна­е­ње како да го развијам бизнисот – како тој да биде финансиски одржлив, како да биде кон­ку­рен­тен.

То­гаш не беше познат концептот на социјално претпријатие и, можеби, само бледо се на­ѕи­ра­ше во нашата земја. И едно од прашањата што го добив на тој тренинг, онака, сосема искрено, бе­ше: „Од што мака го правиш ова?“

На еден од модулите кога зборувавме за регрутирање, опис на работни места и развој на вра­бо­те­ни, кога во групата го донесов зборот вредности, дека вредностите на вработениот ми се нај­важ­ни и дека сè друго се учи, знам дека предизвикав чудење во главата на многумина.

Јас не ги разбирав нив до крај, тие не ме разбираа мене. Но знаев дека и тие ми требаат мене и јас им требам ним.

И денес кога ги гледам поместувањата што се прават во големите светски компании како „Де­кат­лон“ или ИКЕА, на пример, кои зборуваат за вредности, за општествени цели и кои сè по­ве­ќе се изложени на притисокот на младата освестена генерација што аплицира за работа кај нив, но и поставува прашања каков јаглероден отпечаток има компанијата, како придонесува за никој во општеството да не биде заборавен, разбирам дека потребата за промена на на­чи­нот на однесување на компаниите е извесна, неизвесна е само динамиката на овие процеси.

Све­тот како сè уште да не е подготвен да ја стави одржливоста пред профитот. Но генерациите што доаѓаат го ставаат  на пиедестал првото  и сакаат да знаат како со своето професионално дејс­тву­ва­ње придонесуваат во општеството, каков општествен проблем решаваат.

Ва­кви­от пристап и очекувања го дефинираат и очекуваното движење на компаниите. „Ло­ши­те“ компании, тие што не се грижат за нивното влијание врз животната средина, на кои ра­бот­ни­кот им е само алатка како да постигнат одредена цел, ќе се соочат со проблем за наоѓање и за­др­жу­ва­ње работници.

Еко­си­сте­мот во кој функционира економијата веќе цело столетие станува поинаков. Живееме во време во кое деловната практика на која се навикнале дури и работниците, а на кои ори­ен­та­ци­ја­та на претпријатијата кон постигнување максимален профит најмалку им одговара, се ме­ну­ва­ат пред нашите очи.

И како што вели лидерот за визија на „Декатлон“, Чарли Фелгејт, во интервјуто за овој број на „Ли­це в лице“ зборувајќи за освестеноста на работниците и за потребата да бидат дел од ком­па­нии што влијаат позитивно на животната средина и на луѓето,  овие нови генерации ќе си ја нај­дат таа компанија што им го дава тоа што го бараат или ќе си изградат своја. „Во ред е да не зна­е­ме, ова е нешто ново, но потребно е да научиме. Да седнеме со тимовите, да сфатиме де­ка не знаеме и да разговараме за тоа како заеднички да ги надминеме предизвиците. Не е лес­но да прифатиме како лидери дека не знаеме, особено поради традиционалните норми дека уло­га­та ни е да знаеме. Но ова се нови проблеми и треба да им пристапиме соодветно“.

Но­ви­от економски систем го наметнуваат и освестените купувачи. Ние, со својот пазарен из­бор, испраќаме јасна порака до претпријатијата. Оние деловни ентитети што ќе го препознаат ова пазарно задвижување имаат иднина, а во таа иднина е интегриран и опстанокот на пла­не­та­та и благосостојбата на граѓанинот.

Ва­кви­те промени многу често почнуваат од интрапретрпиемачите – поединците во ком­па­ни­и­те што ја даваат првата инјекција за одржливост. Како една од менаџерките во шведската ком­па­ни­ја ИКЕА, Ен-Софи Гунарсон вели: „Чув­ству­вав дека сакам да правам нешто комплетно по­и­на­кво. Идејата беше да направиме пла­тфор­ма за тоа како ИКЕА може да инспирира, да охра­бри и да овозможи нашите консументи да има­ат поодржлив живот дома, преку решенија што го подобруваат знаењето, влијаат на свеста  и на употребата на нашите производи.  Зборувам за едноставни нешта, кои можат да ја намалат упо­тре­ба­та на енергија, на пример, ламби, за­ве­си итн. Почнав нешто ново“…

За подоцна ова да премине во градење соработки со социјални претпријатија што вработуваат лу­ѓе што тешко би излегле на пазарот на труд, кои овозможиле некои материјали да не за­вр­шат на депонија, туку од нив е направен нов про­из­вод.

Зо­што со социјални претпријатија, особено со тие што вработуваат лица од маргините?

За­тоа што, како што вели Гунарсон, ИКЕА сака долгорочни партнерства со стабилни прет­при­ја­ти­ја и нив ги препознава во социјалните претпријатија, чиишто вработени стануваат лојални ра­бот­ни­ци поради мисијата на овие фирми – да направат промена во општеството и ним ра­бо­та­та не им носи само плата, туку подлабока смисла, мисија.

Од претпријатијата од иднината се очекува ново лидерство базирано на карактеристики што се по­ве­ќе определени како женски – емпатија, разбирање, грижа каков отпечаток оставаме зад се­бе  во стремежот кон профит и како тоа влијае на планетата, свртување кон човекот, кон чо­веч­ки­от капитал, кон неговата благосостојба и развој на инклузивни работни места за никој да не биде заборавен.

А тоа се претпријатијата што во своите корпоративни стратегии го вградуваат и своето оп­штес­тве­но влијание и со него стануваат едно – две страни од една иста паричка, неразделни една од друга.

Напишете коментар