Магазин, Час по родови прашања

Превенцијата на сајбер сексуално насилство треба да почне од училиште

Се­ксу­ал­но­то вознемирување првпат го искусив во основно училиште и, секој пат кога дискутирам за тоа, сметам дека е соодветно, особено во контекстот на „Јавна соба“.

Во шесто или седмо одделение дел од момчињата во нашето одделение почнаа да ги допираат де­вој­чи­ња­та за нивните гради или задник, без нивна согласност. Јас бев една од тие девојки на кои ова им се случуваше почесто. Ова насилство го пријавив кај класната. Тоа беше еден и единс­твен пат кога сум пријавила сексуално вознемирување / насилство кај некој надлежен.

„Ка­ко не ви е срам да се однесувате така!“ викаше нашата класна. Се сеќавам дека беше ви­стин­ски лута, но, освен нејзиното викање и јавно срамење, овие момчиња не искусија никакви други пос­ле­ди­ци. Наставничката не почна каква било процедура со која тие би добиле дисциплински мер­ки. Во конкретниот случај, имаше барем пет-шест жртви, можеби и повеќе, но на ад­ми­ни­стра­ци­ја­та на нашето училиште, очигледно, тоа не ѝ беше важно. Во најмала рака, требаше мом­чи­ња­та да ги пратат кај психологот или педагогот, иако, според моето мислење, во ваква сериозна си­ту­а­ци­ја би биле соодветни и построги дисциплински мерки. Мислам дека тогаш научив дека нема по­ен­та да се пријавува сексуално насилство или вознемирување бидејќи дури и кога ми веруваа над­леж­ни­те (односно мојата класна), сепак ништо не се презеде. Секако, сексуалното воз­не­ми­ру­ва­ње продолжи.

Нормализирано како „безопасно шегување“

Че­сто размислувам за овие инциденти бидејќи, преку пасивноста на училишната администрација, овој вид вознемирување целосно се нормализираше во нашиот клас. Таа нормализација се случи би­деј­ќи немаше никакви последици за момчињата и бидејќи мислам дека момчињата (а ве­ро­јат­но и девојчињата) не го разбираа концептот на согласност до крај. Бидејќи немавме програма за Се­оп­фат­но сексуално образование (ССО), многумина од нас не знаевме што преминува преку одре­де­на граница, а што не. Дури се сеќавам дека некои од момчињата се шегуваа со едно друго мом­че (ќе го наречеме Андреј), за кое сметаа дека „не е кул“ бидејќи никогаш не допрел девојче за задник (без согласност).
Ми текнува дека дури и јас ја интернализирав оваа сексистичка логика и во еден момент по­мис­лив дека Андреј е губитник бидејќи не учествувал во овој вид насилство. Всушност, во нашиот клас по­ле­ка се создаваше една нарација за машкост (секако, поткрепена од веќе постојната оп­штес­тве­на нарација), каде што немање искуство со сексуално вознемирување девојчиња се поистовети со не­ма­ње сексуално искуство, што, пак, се поистовети со одреден вид феминизација. Момчињата во нашето одделение не го сметаа Андреј за „вистински маж“ бидејќи тој никогаш немаше се­ксу­ал­но вознемирувано некоја девојка. Ова не е некоја уникатна нарација, која магично се појави во на­ше­то одделение, туку етаблирана општествена нарација, која е поткрепена од поп-културата, до­маш­но­то однесување, полициско игнорирање на женската болка и од многу други аспекти од на­ше­то опшество.
Не сум во контакт со ниту едно момче од моето одделение во основно, но се прашувам како се однесуваат сега кон девојките и жените во нивниот живот денес. Дали некогаш на своите при­ја­те­ли, членови од семејството или партнери им признале дека сексуално ги вознемирувале своите со­у­че­нич­ки во основно училиште или, можеби, и понатаму во животот сексуално вознемирувале дру­ги жени? Дали воопшто ова однесување го перципираат како погрешно? Дали, можеби, некои од нив се членови на „Јавна соба“? Искрено, ова не би ме изненадило.
Исто­вре­ме­но, сексуалното вознемирување е нормализирано како, наводно, „безопасно ше­гу­ва­ње“, а и сѐ уште се смета за табу-тема за која ретко се зборува. Често, тие што зборуваат јавно за сво­и­те искуства со сексуално вознемирување и насилство се сметаат за храбри бидејќи ретко кој се осмелува да ја отвори таа тема знаејќи во какво (патријархално) општество живееме. За секоја по­фал­ба што ја добиваат овие храбри жени (и луѓе од друг род), има уште толку сексистички сом­не­жи, изразување недоверба наспроти жртвата и коментари од типот „ова го прават за вни­ма­ние“.

„Жртвите се сами виновни што се жртви“

Во последните неколку години, со феминистичките кампањи #СегаКажувам и #КадеНеОдам, овие те­ми полека се отвораат. Но со инцидентот „Јавна соба“ во 2020 година, а особено во 2021 година се отвори поттемата за кибернетското сексуално насилство.
Се појавија многу проблематични дискусии. На пример, како (конзервативни) реакции за по­треб­на­та едукација на момчињата за сексуална согласност, се објавуваа постови што инсистираа дека тре­ба да се едуцираат „децата“, а не само синовите. Со ваквата реторика, на не толку суптилен на­чин, се ставаше вината еднакво на злосторниците (кои се најчесто момчиња / мажи) и на жртвите (кои се почесто девојки / жени, но, секако, некогаш се мажи и луѓе со различен родов иден­ти­те­т) на сексуално насилство. Преку ваква реторика, жртвите на сексуално насилство искусуваа та­ка­на­ре­че­на „двојна виктимизација“: тие беа истовремено повредени од сексуалното насилство и од стра­на на луѓето од нивната средина, кои сметаат дека жртвите се самите виновни што се жртви.

Овој вид сексизам не е нешто што постои само кај обичните граѓани, туку е поткрепен од др­жав­ни­те институции: Со популарното видео на „Инстаграм“ за нејзиното искуство како жртва на „Јавна со­ба“, Ана Колева ја потресе јавноста. Се разбира дека однесувањето на сите мажи што ја воз­не­ми­ру­ва­ле е за комплетна осуда и, секако, има основа за барање кривична одговорност од нив. Но, ду­ри повознемирувачко е што службениците од Одделот за кибернетски криминал во Скопје ѝ ка­жа­ле дека „не можат да ѝ помогнат бидејќи таа е полнолетна личност“.
Тоа што ѝ било кажано не е ни точно. Во интервју на „Слободна ТВ“, Калиа Димитрова од Хел­син­шки­от комитет за човекови права и главна уредничка на „Медуза“, објаснува дека Колева можела да покрене постапка за злоупотреба на лични податоци преку која злосторниците би биле казнети со една година затвор и со парична казна.

Тоа што ни се случува на интернет има последици во нашиот вистински живот

Слу­ча­јот на Ана не е изолиран. По два протеста, две прес-конференции на Платформата за родова ед­на­квост, герила-акции и многу други видови активизам, ниту една од жртвите на „Јавна соба“ сѐ уште нема добиено вистинска правда. Пасивноста на овие неколку институции околу „Јавна соба“ е само еден симптом на системската мизогинија на полицијата. По првата прес-конференција на Пла­тфор­ма­та за родова еднаквост насочена кон МВР, полицискиот синдикат реагираше многу де­фан­зив­но и ги отфрли обвиненијата за (сексистички) непрофесионализам. Оваа реакција беше ек­стрем­но апсурдна бидејќи, ако ништо друго, самиот нерешен случај на „Јавна соба“ докажува де­ка полицијата се однесува непрофесионално во случаи на родово базирано насилство, особено тоа што се случува во виртуелниот простор.

Над­леж­ни­те институции мора да разберат дека виртуелниот простор е многу реален простор. Тоа што ни се случува на интернет има последици во нашиот вистински живот. Интернетот веќе по­дол­го време е платформа каде што секојдневно се случува сексуално вознемирување во различни фор­ми како „тролање“, споделување интимни фотографии без дозвола, праќање фотографии од ма­шки полови органи на жени без нивна согласност итн. Овој вид виртуелно или кибернетско на­силс­тво и вознемирување мора да се сфатат сериозно и да бидат разбрани како родово засновано на­силс­тво. Но, казнувањето на ова насилство е само еден дел од решението. Другиот дел е да се посвети по­го­лем фокус на сексуалното образование на младите за да се превенира ова насилство во иднина.
Се­ка­ко дека има поврзаност меѓу инцидентите што јас и многу девојчиња сме ги искусиле во ос­нов­но училиште, немањето сексуално образование во клучните тинејџерски години и појавата на гру­пи како „Јавна соба“. Ако не разбираме што сексуалната согласност до крај значи, сѐ почесто ќе има инциденти на сексуално вознемирување и на насилство. И, секако, во 21 век, важно е таа де­фи­ни­ци­ја на согласност да ја опфати и нашата дигитална реалност за да создадеме вистински ед­на­кво општество.

(Автор­ка­та е дел од феминистичката платформа „Медуза“)

Текстот е објавен во 45. издание на „Лице в лице“

Напишете коментар