Лице в лице зачин со „мелем од вкусови“, Магазин

Одржливиот начин е потешкиот, но, со сигурност, и подобриот избор!

Приказна од мевлем од вкусови и од здрави и одржливи навики

Рамка 1/Тегла 1: Приказна од мевлем од вкусови и од здрави и одржливи навики
Во 2020 година, не по наша желба, времето почнавме да го делиме пред и за време на пандемијата на ковид-19. Човештвото се соочи со предизвици, голем дел од нив беа важна лекција, но и инспирација за да се родат многу мали претпријатија.

Токму на овој начин почнува приказната за „Мелем од вкусови“, која гради здрави и одржливи навики.

-Идејата се роди спонтано. Имавме можност да видиме дека храната може да биде и лек, но само ако се подготви и се чува на соодветен начин. Животот е премногу динамичен за да имаме можност да бидеме целосно свесни за овој факт. Ние сакаме преку нашата приказна да изградиме здрави навики со здрави оброци – велат од тимот на „Мелем од вкусови“.

Слушајќи ги како зборуваат за нивната идеја, речиси е невозможно да не ја почувствуваме нивната енергија и да го визуализираме општеството – трансформирано и со свесни луѓе и кон себе и кон природата. Велат, би сакале во иднина да имаат голем ресторан што ќе дише во ритамот на вредностите што ќе ги градиме заеднички.
Замислете, да купуваме и консумираме здрави оброци од вредните раце на овој тим, а со тоа да поддржуваме локални земјоделци, кои, на природен начин, одгледуваат марула, рукола, краставица, домати. Дополнително, сите ќе бидеме одговорни за садовите во кои ни се спакувани оброците.

-Одржливиот начин не е наједноставниот или најисплатлив од аспект на профитот. Но нам ни е поважно здравјето на сите наши сегашни и идни купувачи. Храната спакувана во стакло и храната спакувана во пластика го нема истиот вкус. Разликата е огромна. Состојките што се чувани во пластика не е можно да се соединат на истиот начин и токму затоа вкусот е многу поинаков – дополнуваат од тимот.

Oсвен тоа што сите здрави оброци ги прават вредните раце на двете претприемачки Андријана Срчокова и Ана Јорданова-Дубровска, основачки на овој одржлив бизнис, тие самите и се грижат за оброкот да стигне до нас на еколошки начин – со велосипед!
Нивниот распоред го создаваат според нарачката и некои од оброците не се веднаш подготвени затоа што, велат,  убавината на оброкот е кога е здрав, но и свеж! Водени од ова мото, времето за транспортот и доставата на храната е пресметано и со подготовката, и со патот.
Менувањето на навиките е долг процес, а најважната состојка за овој рецепт е трпението. За некои од нас тоа е целосно нов и непознат пат, а некои, пак, се освестени за тоа, но им е потребна одредена поддршка во начинот како да се одржи.
„Мелем од вкусови“ е супер место и пример од каде можеме да почнеме сите!

Наутот – клучот на медитеранската салата Мелем од вкусови

Салатите изобилуваат со различни комбинации на свеж зеленчук, кој е многу значаен во исхраната. Го подобрува метаболизмот, го регулира варењето, ја одржува телесната тежина, а многубројните витамини, минерали и микронутритиенти го снабдуваат телото со неопходните материи потребни за одржување на здравјето.

Споделуваме една многу интересна, здрава и хранлива медитеранска салата, чијашто главна состојка е наутот, кај нас познат и како леблебија или слануток.

Наутот се користел многу во исхраната на нашите предци. Од него се правело леб со маја, а често се користел и како додаток во кафето. Тој е извонреден извор на манган, минерал што учествува во процесот на добивање енергија од протеините и од јагленохидратите и учествува во синтезата на масните киселини неопходни за одржување здрав нервен систем. Тој е извонредно хранлив производ, богат со железо, со многу витамини и цинк. Варениот наут (леблебија) содржи двапати повеќе железо од истата количина месо. Количината калциум во наутот е, исто така, висока и е придружена со присуство на белковини што ја зголемуваат неговата апсорпција. Ако во оброкот е застапена и некоја мешунка, тогаш таквиот оброк има целосен состав на потребни аминокиселини. Исто така, има низок глихемиски индекс.

Ние наутот го користиме за повеќе јадења. Има извонредна моќ да се спојува со други хранливи состојки. Основната постапка е варењето, а потоа правиме хумус, фалафел и салати. Исто така, го користиме и за подготовка на вкусни слатки и на здрави десерти.

За да ги поддржиме домашните производители, набавуваме наут од Кочани и се стремиме сите производи што ги користиме да се од домашни производители за кои квалитетот е приоритет.

Состав на медитеранската салата:

  • Зелена пиперка
  • Маслинки
  • Краставица
  • Козјо сирење
  • Зелка
  • Прелив од маслиново масло и од цеден лимон

Се сечкаат состојките, се меша и готово. Брза е за подготовка и е здрав оброк од кој ќе бидете сити, а нема да имате тегоби во стомакот.
Ако треба да ја подготвите за на работа, или за на излет, не заборавајте да употребите стаклена тегла или друг реупотреблив сад.
Една нечиста тегла < куп пластика за еднократна употреба!
Да го прашаме нашиот желудник, но да ја прашаме и планетата Земја!

Напишете коментар