Зелена република, Магазин

Сакаш крукче?

фотографии: Томислав Георгиев

6.00 Се разбуди рано, како во утрата кога беше дете и знаеше дека ќе одат на патување, па едвај чекаше да се раздени. Уште еднаш ја прочита пораката, „Се гледаме во 3… конечно!“. По толку време, ѝ изгледаше сосема неверојатно дека, конечно, ќе се сретнат откако со години се разминуваат на сите крстосници и во секое време. Уште од претходниот ден еден заткулисен суфлерски глас постојано ѝ повторуваше дека ќе се случи нешто, нешто повторно ќе им се испречи на патот. Го замолчи набрзина пуштајќи ги истовремено омилените звуци: радиото и апаратот за кафе.

8.00 Порака на „Вибер“. „Пулс, масажа, адреналин“ на секој звук од „Вибер“. „До каде си со текстот? Извини што те потсетувам, ама го затвораме бројот в понеделник…“ Текстот. Знаеше дека нешто заборава. „Го добиваш до утре, извини, бев во некоја гужва“, набрзина одговори и го отвори компјутерот.

11.00 Ќе го облече жолтиот фустан. Со месеци не била на фризер, ама денес и тоа ќе го направи. По пат накај „Железничка“ ќе ги купи најсините зумбули на Буњаковец. Орасници од нивната кафе-слаткарница. Совршено испланирани случајности што треба да накалемат спонтаност на средба натежната од копнеж и од очекувања.

11.45 Надвор ја пречека вообичаената бучава и раздвиженост – како сиот свет да престанува да постои секој петок и сите брзаат некаде, нервозни и во паничен страв дека крајот ќе ги пресретне токму на следниот семафор. Додека го отклучуваше точакот, ја распамети свиреж од автомобил до неа и веднаш потоа тресок од кој само што не се откорна вратата на белото „206“ на Сања од станот спроти неа.

  • Не ми се верува дека пак ме блокирале! Невозможно е да се живее на оваа улица, невозможно! Добро, како да стигнам сега до Влае за 15 минути?
  • Сакаш крукче? – ѝ рече, како кога беа деца подавајќи ѝ го својот точак.
  • Вака дотерана? Уффф, немам друг избор, морам да стигнам. Сто апликации поднесов, ова е единственото интервју на кое ме викнаа… Фала, ти должам!

И така не ѝ беше по ќеф да седи на фризер цел час. Ќе се врати дома, ќе има време да го препрочита текстот уште еднаш. А и жолтиот фустан некако не ѝ пасуваше на совршеноста на овој петок. Ѕвончето на врата му стави крај на проектот сам свој фризер и таа само ја пушти косата да живее свој живот, како и обично.

  • Не само што стигнав навреме, туку ги одушевив на прва! Беа во дворот, изгледа на кафе-пауза меѓу интервјуа, и кога ме видоа како „слетувам“ на точак во преполниот паркинг  веднаш ни тргна муабетот. Сакале да воведат мерки за поддршка на велосипедизам во фирмата, им дојдов како кец на десетка! – изрецитира Сања задишана што од возбуда, што од тоа што брзала да го врати точакот навреме.
    Фала ти, фала бескрајно!

13.30 Сè уште имаше време да стигне до Буњаковец. Ако побрза и до орасниците. По „Орце Николов“ се движеа само какофонијата од свирките на автомобилите и нервозата на тие во нив. Но, не и автомобилите. Протест, делегација, раскопана улица? Секогаш имаше нешто. Благодарна за слободата на две тркала со леснотија исцртуваше патека на безгрижност во сиот тој сив и гласен метеж. Подзастана кога го слушна своето име од еден од автомобилите заглавени во бесконечна колона.

  • Блазе си ти, на точак! 
  • Еј, Никола! Од кога те убедувам дека нема подобро! Не знам каде си тргнал ама не ми изгледа дека ќе стигнеш наскоро…
  • Невозможна мисија, треба да одам во УЈП, па во банка за потврда и на крај во Министерство за култура. Краен рок – денес.
  • Сакаш крукче?

Ништо од зумбулите, ама ќе има време за кафе. Пиењето кафе сам – половина здравје, си се убедуваше пресметувајќи за колку најбргу може да стигне до „Железничка“. Седум минути, десет минути? „Можно е да задоцнам, извини“, пиша набрзина откако виде 14.35 на мобилниот.

  • Ми го спаси денот, знаеш? А и проектот, се надевам! Купувам точак, тоа е тоа – свечено ѝ изјави Никола, тазе среќен сопственик на архивско бројче од министерство. – Дури и да стигнев, немаше шанси да најдам паркинг, градов е еден голем општ хаос!

14.55 Со картонската кутија орасници безбедно сместена во кошницата пред неа веќе пливаше под липите на „Партизанска“, па низ плоштад, по новоослободениот кеј кон „Железничка“.

15.05 На главниот влез веќе немаше никого, освен продавачот на ѓевречиња. Не беше ниту на влезот на меѓуградската автобуска. Погледна во телефонот, сѐ уште ја немаше прочитано пораката. „Ти реков“, го слушна суфлерот во нејзината глава.

  • Знаев дека ќе дојдеш на точак, па изнајмив и јас – го слушна познатиот глас зад себе. – Сакаш крукче?

Сите настани и ликови се измислени… донекаде. (На „Железничка“, за жал, нема сервис за изнајмување точаци, на пример.) Но, приказните се тие и ги живееме секојдневно обидувајќи се да преживееме во град направен за 250.000 луѓе, а кој некако магично собира повеќе од 700.000. Автомобилот на повеќето им е логичен и прв избор, иако времето потребно да се стигне од една до друга точка многу често е двојно подолго, отколку на точак. Бонусот е во тоа што секогаш можам точно да испланирам за колку време ќе стигнам некаде, без оглед на тоа дали има делегација, протест или е, едноставно, петок.

Можам да ги набројам сите факти и бројки за здравствените придобивки, јаглеродниот отпечаток што (не) го оставаме и, секако, еколошкиот аспект на возењето точак, но единствениот начин на кој може да се разбере волшепството и слободата на две тркала е да се доживее.

Доколку нешто се сака, се наоѓа начин, во спротивно се наоѓаат оправдувања. Така е и со возењето велосипед. Вистина е дека до пред десетина години велосипедските патеки беа реткост, но денес ги има сѐ повеќе и голем дел од градот е веќе поврзан и со овој важен крвоток. Со повеќе од 300 сончеви дена годишно имаме совршени услови или, како што често велат моите колеги Холанѓани – не постојат лоши временски услови, туку само облека несоодветна за тие услови.

„Сакаш крукче“ е гласот на детето во мене, со колена шарени од стари и нови модринки и со срце подготвено да се обиде пак. Кога сум на точак, овој глас, кој може сè, е посилен од сите цинични суфлери доселени во мојата глава низ годините како возрасна. Ми дава сила меѓу два состанока, обврски, шалтери и ми го покажува градот каков што заборавам да го видам. И себеси во него, каква што заборавам дека сум.

Скопје се сака #НаТочак <3


(Авторката е пасиониран точакољубец, #акотребаштотреба експерт)

Напишете коментар