Зелена република

Поголемо загадување – помалку деца во западен Балкан

Човековото тело е приспособлив, но, сепак, многу нежен организам. Приспособувањето на различните услови во животната средина, вклучително и на аерозагадувањето, се плаќа со пократок животен век, болести, како и со репродуктивни проблеми. Аерозагадувањето предизвикува дополнителна контаминација на плодното земјиште, растенијата, животните и на целиот синџир на исхрана, а со тоа го зголемува и влијанието на штетната материја врз здравјето на луѓето. За жал, покрај сето ова, веќе е познат фактот дека застарена технологија што загадува, недостигот од филтрирање и директната контаминација на животната средина од отпад, може да доведат до неплодност и до стерилитет.

Неколку меѓународни студии го поврзаа загадувањето на воздухот со неплодност, компликации при породување, поголема стапка на вродени аномалии кај потомството и мртвородени деца. Стапката на плодност статистички се намалува со зголемување на загадувањето на воздухот. Одредени загадувачи на воздухот, како олово и бакар, ја нарушуваат функцијата на жлездите во човечкиот организам, што има негативно влијание врз репродукцијата.

Друга причина е загадувањето со пластика, особено со микропластика и со нанопластика, кое стабилно расте, што го отсликува зголемувањето на производството на пластика – надминато само со производство на челик и на цемент. Само еден циклус на машина за перење со синтетички алишта ослободува повеќе од 700.000 пластични влакна.

Загадувањето со пластика е глобален проблем имајќи предвид дека пластичните честички се разбесуваат со дожд и со ветер, по распаѓањето и согорувањето на пластичниот отпад, што е особено битно прашање за земјите од западен Балкан, каде што завршува поголем дел од европскиот пластичен отпад. Неодамнешните резултати од истражувањето јасно покажаа дека полистиренот, вид пластика, кој се наоѓа во храната, водата и во воздухот, во својата микроформа и во наноформата, влијае на раниот развој на ембрионот, што во подоцнежната фаза може да предизвика абнормален развој и предвремено породување.

Аерозагадувањето како причина за неплодност кај жените

Неколку студии докажаа дека жените што живеат во загадена област имаат помалку витални јајце-клетки, пониска стапка на плодност и поголема стапка на неуспешна имплантација на ембрион за време на вонтелесно оплодување, во споредба со жените што не се изложени на влијанието на загадувањето на воздухот. ПМ 2,5 честичките го намалуваат квалитетот на јајце-клетките, а изложувањето на 10 μg / m3 ПМ 2,5 честички во воздухот, ја намалуваат плодноста за два процента. Градовите од западен Балкан што се најпогодени од загадување бележат годишен просек повисок од 50 µg / m3, што е двојно повеќе од максимално дозволените годишни вредности, додека дневните нивоа често надминуваат 200 μg / m3. Долготрајната изложеност на загаден воздух во западен Балкан може да ја намали плодноста кај жените за повеќе од 10 проценти. Високото дневно ниво на загадување ги намалува шансите за зачнување и ја зголемува веројатноста за спонтан абортус.

Студија од 2010 година, фокусирана на градот Лабин во Хрватска, покажува дека случаите на спонтан абортус и на мртвородени деца се значително поголеми за време на периодот на изложеност на загадување на воздухот произведено од блиската централа на јаглен, во споредба со периодот без такво изложување. Соединенијата на сулфат што се создаваат со процесот на согорување јаглен го зголемуваат ризикот од спонтан абортус до 13 проценти, додека изложеноста на ПМ 2,5 и ПМ 10 ја намалува стапката на зачнување.

Овие податоци поттикнуваат на очигледен заклучок дека загадувањето на воздухот има негативно влијание врз плодноста кај жените и дека е потребно радикално подобрување на квалитетот на воздухот за да се вратат стапките на плодност во нормала, а вонтелесното оплодување да биде поефикасно.

Аерозагадувањето како причина за неплодност кај мажите

За време на бременоста, жените се поранливи на загадувањето на воздухот, но, сепак, слабиот квалитет на воздухот предизвикува неплодност и стерилитет и кај мажите. Неколку студии покажаа дека честичките ПМ 10 и ПМ 2,5, освен што можат да навлезат во алвеолите на белите дробови, можат да стигнат и до тестисите и да ја намалат плодноста, да предизвикаат фетални аномалии и да ја зголемат веројатноста за спонтан абортус.

Една чешка студија покажа дека загадувањето на воздухот е поврзано и со опаѓање на подвижноста на спермата – параметар од најголема важност за природно оплодување.

Влијание врз вештачкото оплодување

Во 2019 година, една од шест двојки во Србија доживеала проблеми со зачнувањето, а слична е ситуацијата и во другите земји од Западен Балкан. Ова, исто така, предизвикува пораст на бројот на пациенти што бараат медицинска помош и кои сè повеќе се подложени на вештачко оплодување.

Загадување на воздухот во самите лаборатории за вештачко оплодување е дополнителен проблем при решавање на стерилитетот бидејќи ги намалува виталноста на јајце-клетките, спермата и на ембрионот, со што се намалуваат и стапките на успех на вонтелесното оплодување. На пример, во случај на дефект на системот за внатрешно филтрирање во лабораториите, стапката на бременост по вонтелесно оплодување значително опаѓа. Откако ќе се инсталираат нови филтри, стапките на успех се враќаат во нормалните вредности. Меѓутоа, ако пациентите се постојано изложени на контаминиран воздух, проблемот со стерилитет и со губење на бременоста може да опстане, без оглед на современата лабораториска технологија.

Во САД, седум од 10 водечки лаборатории работат во чисти простории, каде што се елиминира секоја можна форма на контаминација. Овој пример, заедно со сеопфатно намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух, треба да го следат земјите од западен Балкан.

Како може да се поправи стапката на неплодност?

За намалување на стапката на неплодност на западен Балкан, покрај различните здравствени мерки, се потребни и итни активности за подобрување на квалитетот на воздухот. Загадувањето предизвикано од честички, сулфурни оксиди и од тешки метали мора да се намали колку што е можно поскоро, за стапката на плодност постепено да се врати во нормалните вредности. Исклучувањето на јагленот од производството на електрична енергија е најважната мерка за подобрување на квалитетот на воздухот. Замена на апаратите за греење и за готвење во домаќинствата со еколошки почисти решенија, соларни панели на покривите на куќите и на зградите и проекти насочени кон подобрување на енергетската ефикасност, исто така, може да имаат важна улога. Мора да се преземе акција што побргу! Ако ја набљудуваме неплодноста низ временска призма, таа постојано расте и со тоа претставува еден од најголемите фактори во падот на населението во земјите од западен Балкан.

Друга мерка за намалување на штетното влијание на загадувањето на воздухот е преку намалување на еднократна употреба на пластика, особено пакување што не може да се рециклира, како и замена на синтетичките влакна со природни влакна.

Земјите во регионот треба да ги поддржуваат репродуктивните ендокринолози и гинеколози во промовирање здрава бременост, преку едукација на жените за безбеден начин на живот за време на периодот пред зачнувањето. Потребно е и да се обезбедат високоефикасни системи за филтрирање на воздухот во затворените простории, заедно со обезбедување навремени информации за граѓаните за загадувањето за да се избегнат активности на отворено за време на периоди со слаб квалитет на воздухот.

Освен краткорочни подобрувања, потребно е и унапредување на капацитетите на дијагностичките центри, поддршка на реализација на заеднички студии што ќе користат следење и мерење податоци од земјите од западен Балкан. Заедничкото создавање интерактивни мапи и математички модели би ги открило ефектите од краткорочното и од долгорочното изложување на штетни загадувачи во воздухот, со посебен акцент на нивните ефекти врз неплодноста, предвременото породување, појавата на болести и стапката на мртвородени деца.

Земјите од западен Балкан, место да се фокусираат само на наталитетот, мора да им обезбедат поддршка и услови на луѓето што сакаат да имаат деца во кои децата ќе можат да растат и да дишат чист воздух.


(Извор: Кампања „Обединет Балкан за чист воздух“, https://www.facebook.com/BalkansUnitedforCleanAir)

Напишете коментар