РАЗГОВОР СО КАТАРИНА СТОЛИЌ, СОЦИЈАЛНА МЕНТОРКА ОД НОВИ САД
Социјалното менторство не носи промени само на микро ниво, туку и на ниво на пошироката општествена заедница. Од една страна даваме поддршка на поединецот во постигнување позитивни промени на ниво на личен раст, развој и успех, а од друга страна ја менуваме климата на целата општествена заедница која станува подобро место за живеење.
Трансформациите во светот на работата се неизбежни. И во мајндсетот на бизнисите, и во вештините и приодите при вработување на потенцијалната работна сила. Во оваа мисија, социјалните ментори имаат клучна улога – во подобрување на идната слика на пазарот на трудот, посебно во сферата на интеграцијата на ранливите групи.
Изминатиов период, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, во Нови Сад го одржа и четвртиот модул за социјалните ментори од Србија и од Босна и Херцеговина. Фокусот беше ставен на креирањето успешни и продуктивни врски со бизнисите – со цел: задоволни работодавачи, задоволни вработени. Отвореноста за промени кај новите социјални ментори беше повод и за подоцнежниот разговор со Катарина Столиќ, носителка на новите трендови во светот на работата во Нови Сад.
Катарина, вие сте еден од осумте ментори од првата генерација ментори за работна интеграција (социјални ментори) во Србија. Како долги години вработена во Центарот за социјална работа во Нови Сад и со значително искуство како социјален работник и менаџер на случаи, што ви донесе ова ново искуство како социјална менторка?
По професија сум социјален работник и работам во системот на социјална заштита скоро дваесет години. Имам големо искуство во работа со маргинализирани групи и тоа е една од причините зошто влегов во програмата за социјално менторство мислејќи дека тоа ќе биде уште една слична услуга која добро им се најде на нашите корисници.
Искуството на социјален ментор ми донесе многу повеќе од она што првично го очекував, а пред сè, сознанието дека оваа програма не е ни слична со програмите што ги спроведуваме во моментов. Програмата ме направи длабоко свеснa дека работам во систем кој е полн со притисоци, крут и подесен – структурата, организацијата, процедурите, начините и правилата, да не оставаат многу простор за вистински промени.
Преку искуството на социјалниот ментор, сфатив дека промените се можни, но дека можеме да се соочиме со промените само со отворен ум и срце, бидејќи само така може да се промениме себеси, за да можеме да ги поддржиме другите во истата промена.
Едукативната програма за менторство за работна интеграција ги интегрира образованието и праксата. Веќе сте во завршна фаза од вашата едукација. Што ви донесе оваа програма?
Социјалните ментори работат со луѓе кои припаѓаат на тешковработливите категории. Првите асоцијации што ги имаат повеќето луѓе кога ќе се спомене оваа категорија е дека овие луѓе имаат проблеми, пречки, тешкотии, што не треба да не’ изненадува, бидејќи живееме во општество кое не е социјално чувствително и каде што различноста сама по себе е пречка. Програмата за социјално менторство учи дека секој човек со сите свои тешкотии има многу повеќе силни страни, вештини, таленти, капацитети, само треба да ги откриеме и да се фокусираме на нив. Оваа програма е дизајнирана на таков начин што вие не работите за менторираната личност, туку работите со неа и сте покрај неа, понекогаш малку напред, понекогаш малку позади или рамо до рамо на патот на позитивни промени.
Во оваа смисла, искуството на социјален ментор носи чувство на професионална слобода и можност да ги искористиме нашите знаења, искуства и вештини во нашата работа до полн капацитет и да ги насочиме заедно со менторираниот и неговите силни страни во насока на позитивна промена.
Според вас, која е специфичноста на оваа програма, како би ја разликувале?
Програмата за социјално менторство е специфична по многу нешта. Не нуди готови решенија, шаблони, модели, туку дава централен концепт или клучна идеја што ја иницира акцијата и целиот процес на промена. Главната идеја за позитивна промена се провлекува низ сè што правиме во менторството и дава значење и кохезија. Социјалното менторство е специфично по тоа што не е програма на класично учење и примена на наученото, тоа е процес кој ќе го разберете и примате со целото ваше срце и ум, бидејќи според мене тоа е единствениот начин да се работи.
Што е за вас социјалното менторство и какви промени може да донесе во општеството?
За мене, социјалното менторство е патување каде вие и менторираниот одите во насока на позитивни промени. Убавината на социјалното менторство е во тоа што имате можност да бидете дел од позитивна промена и да ги поддржувате луѓето на кои им е потребна и ќе ја прифатат на патот.
Социјалното менторство не носи промени само на микро ниво, туку и на ниво на пошироката општествена заедница. Од една страна даваме поддршка на поединецот во постигнување позитивни промени на ниво на личен раст, развој и успех, а од друга страна ја менуваме климата на целата општествена заедница која станува подобро место за живеење. Преку оваа програма го негуваме духот на различноста и социјалната чувствителност, ги намалуваме социјалните нееднаквости, ја поттикнуваме соработката, солидарноста, емпатијата меѓу луѓето од различно потекло и искуства.
Што би им препорачале на идните социјални ментори?
На идните социјални ментори би им рекла да влезат во оваа програма со отворен ум и срце кое ќе биде подготвено да прифати, пушти и да се промени, затоа што само така ќе го разберете процесот на позитивна промена од кој ќе бидете дел. Доколку ја прифатите и разберете суштината на социјалното менторство, тоа ќе ви донесе лично и професионално задоволство со самиот факт што добивте можност да бидете дел од нечија позитивна промена и да бидете дел од нечиј раст и развој.
Еден коментар на “Секој човек има потенцијал, а социјалното менторство го препознава!”