Доза вести

ЛИЦЕ В ЛИЦЕ СО КРИСТИЈАН МАРКОВСКИ: Ме радува што луѓето ме препознаваат како Кико од „Лице в лице“

Со објавувањето за мојата несреќа на социјалните мрежи на „Лице в лице“, сите мои купувачи и поддржувачи дознаа за неа. Многу од нив сакаа да ме поддржат, па го купија списанието од мојата продавничка на интернет.  Со тоа добив голема морална поддршка, која многу ми значеше во тие моменти. Mногу ми значеше и финансиската поддршка бидејќи трошоците за физиотерапевт не се мали, па преку продажба успеав да покријам поголем дел од рехабилитацијата, која во овие моменти е клучна за моето побрзо заздравување. Ви благодарам на сите! И на тие што купија од мене, но и на тие што се јавија да ме прашаат како сум и да ме поздрават со реченицата „Ајде Кико, ти си јунак, ќе бидеш подобар“

Магдалена Чадиноска-Кузманоски
Фотографии: Томислав Георгиев

Мислев дека кога ќе пишувам вовед за Кико (Кристијан Марковски, н.з.), ќе биде многу лесно затоа што тој беше првиот продавач на „Лице в лице“ што го запознав, па со тоа и најдолго го познавам. Но, заклучив дека за него има толку многу да се каже, па и не е баш лесно да се собере во неколку реченици. Во своите 10-ина години непрекината ангажираност, Кико стана не само продавач, туку и пријател и водечки столб на нашата мисија. Тој не само што ги продава списанијата, туку и го инспирира секој што ќе го сретне.
Неговата ангажираност не се ограничува само на уличната продажба. Сигурна сум дека сте го сретнале на многу јавни настани, концерти, собири, фестивали. Тој е таму, секогаш со нас, со својата искрена посветеност да ја прошири својата порака за заедничка поддршка и солидарност. Со неговото присуство секој настан станува поинаков. Кико, весел и расположен, оди кај секој што го познава. Ако, пак, се работи за позната личност, тој и да не ја познава, оди и ја запознава.
За восхит е како успева да ги запомни родендените на сите нас, па со години наназад е првиот што ни ги честита рано наутро со прашањето: „Кому му е денес роденден?“

За него продажбата на „Лице в лице“ е повеќе од работа, тоа е и дружење, запознавање нови луѓе и, тоа што најмногу го радува, значи да биде во друштво на луѓе од јавната сцена.

За жал, Кико претходното лето доживеа тешка сообраќајна несреќа од која сѐ уште заздравува, па затоа и не е активен во продажбата на терен. Преку неколку акции што ги организиравме, продаваше преку интернет, а тие финансии му помогнаа во процесот на рехабилитација.

Во оваа пригода ќе зборуваме и за убавите и за помалку убавите работи што се составен дел животот.

Кико, ти си еден од нашите продавачи со најдолго искуство во продажба. Како влијае вклучувањето во „Лице в лице“ на квалитетот на твојот живот?

Да, јас сум меѓу првите продавачи. Тоа значи дека сум со поголемо искуство во оваа работа. Се сеќавам дека бев многу возбуден кога излезе оваа можност за мене, затоа што бевте меѓу првите што ми дадоа шанса и веруваа во мене. Со директна поддршка, ваша и на моето семејство, научив многу работи и колку и да беше тешко на почетокот – не се откажав. Бев истраен и навистина сум благодарен за таа можност. Мене вклучувањето во продажбата ми го промени секојдневието, а со тоа и животот. Повеќе од 10 години преку продажбата на „Лице в лице“ запознав многу луѓе, кои ми станаа и пријатели. Запознав и многу познати лица, кои ги гледав само на телевизија и имав желба да ги запознаам и во живо и да поразговарам со нив.

Што ти се допаѓа најмногу во продажбата, а што ти е најголем предизвик?

Продажбата ми овозможи да се здобијам со нови пријателства и тоа е тоа што најмногу ми се допаѓа. Пред сѐ, посебно ме исполнува фактот дека и јас придонесувам во домашниот буџет. Преку продажбата имам свои пари, кои ги трошам за да покријам некои трошоци и дома, но и да си го дозволам тоа што си го дозволуваат сите мои врсници. Потоа, исто така, многу сакам да доаѓам во канцеларија, па со тимот на „Лице в лице“ да испијам заедничко кафе, да ми споделат што има ново кај нив, а и јас да им споделам за мене. Ме исполнува и тоа што луѓето на настаните и на концертите на кои одам ме препознаваат како Кико од „Лице в лице“. Некогаш и сами ми доаѓаат за да поразговараат и да ме прашаат како ми оди продажбата. Многу често и купуваат списанија од мене и со тоа ме поддржуваат во мојот работен ангажман. Морам да кажам дека продажбата не е секогаш лесна, може да налетате на секакви луѓе. Но јас гледам да останам секогаш позитивен и да не ме демотивираат тие што се некогаш и груби и крути во односот кон мене.

Беше вклучен и во процес на менторство за работна интеграција. Колку програмата ти помогна полесно да најдеш и да ја задржиш работата?

Да, бев вклучен во програмата за работна интеграција. И таму бев меѓу првите лица со кои се работеше, односно бев вклучен при пилот-програмата. Прво работев со Ема, а потоа и со тебе, Магде, како менторка за социјално вклучување. Вие преку секојдневна работа и средби ме насочивте како полесно да најдам работа. Ме научивте и како воопшто да барам работа, како да селектирам кој оглас е за мене, а кој не е. Научив и како да се претставам на интервју, да бидам искрен и да кажам и за моите послаби страни, но и да ги истакнам моите можности. Здобив поголеми вештини и уште повеќе ги надградив моите работни навики. Програмата за работна интеграција ме насочи и ми помогна во клучното – да го задржам вработувањето. Да научам да ги разбирам колегите и моите работодавци, но, да се потрудам и тие да ме разберат мене. По програмата се вработив и сѐ уште сум вработен на истото работно место. На секое работно место има предизвици, но мора да научиме да се бориме и да бидеме издржливи.

Кико, ти минатото лето имаше сериозна сообраќајна несреќа од која сѐ уште заздравуваш? Како си сега? Како ти поминува времето?

Одејќи на работа, минато лето доживеав потешка несреќа. Со тешки повреди останав подолго време на болничко лекување. Имав и хируршки интервенции, но, за среќа, сѐ помина успешно и добро. Моето заздравување сѐ уште трае, но имам одлична нега и се надевам дека за брзо време ќе закрепнам целосно. Се трудам многу. Правам сѐ што е потребно за што побрзо да успеам да се вратам и да бидам истиот како пред сообраќајната несреќа. Многу ми недостига дружењето со сите тие што ги познавам. Ми недостига и работата, ми недостига продажбата на списанието, особено оние организирани продажби по фирми, настани и концерти. Засега, времето го исполнувам со следење на телевизиската програма и слушање музика, која многу ја сакам. Голем дел од времето е, секако, посветено на интензивно вежбање со физиотерапевт, кој ми помага да заздравам што побрзо.

Кој ти беше најголема поддршка во закрепнувањето?

Во сите мои најтешки денови како најголема поддршка ги имав мојата мајка и брат ми. Тие се постојано со мене, од првиот момент, па до денес. Секако, тука беа сите мои роднини,  пријатели, колегите од Црвен крст, кои многу ми помагаат со тоа што ми обезбедија возило за транспорт. Добив поддршка и од сите институции и министерства каде што претходно продавав. Морам да споменам дека посебна поддршка добив и од тимот на „Лице в лице“. Постојано се јавуваа и се интересираа како закрепнувам и ме мотивираа со убави пораки и желби дека сè ќе биде во ред. Многу од нив сакаа да ме поддржат, па го купија списанието од мојата продавничка на интернет. Со тоа добив голема морална поддршка, која многу ми значеше во тие моменти. Mногу ми значеше и финансиската поддршка, бидејќи трошоците за физиотерапевт не се мали, па преку продажба успеав да покријам поголем дел од рехабилитацијата, која во овие моменти е клучна за моето побрзо заздравување. Ви благодарам на сите! И на тие што купија од мене, но и на тие што се јавија да ме прашаат како сум и да ме поздрават со реченицата „Ајде Кико, ти си јунак, ќе бидеш подобар“. На сите им ветив дека ќе останам јунак, таков каков што ме доживуваат, и ќе се борам да бидам истиот Кико од порано.

На Кико сите му посакуваме побрзо да закрепне и да се врати на неговото работно место, како и во продажбата на „Лице в лице“, која му е важна и поради незаборавните дружби. До тогаш ве повикуваме сите вас, кои сакате да го поддржите, истото да го направите со купување примероци од списанието на неговата интернет-продавничка „Купи од Кико“, која ќе најдете на нашата веб-страница licevlice.mk

Напишете коментар