Генерација Z, Доза вести

Среќен роденден Младински центар Пробиштип!

Време на читање: 3 минути

Се качуваме по студените скалила на Домот на култура „Злетовски рудар“ во Пробиштип. Доаѓаме до светол простор, исполнет со креативни изработки, ѕидови со мурали, мебел кој добил нов живот. Очигледно е дека активни и позитивни млади луѓе му дале душа на ова место. Станува збор за Младинскиот центар Пробиштип кој е одлично место кое покажува како, активни млади луѓе, го заживуваат не само физичкиот простор, туку, нудат нови иновативни идеи, поддршка, здружување, и позитивни делувања во нивната заедница.
Со низа активности насочени кон славење на придонесот за младите во заедницата, Младинскиот центар Пробиштип деновиве одбележува две години постоење. Центарот го раководи организацијата „ГРИТ“, која е партнер на „Лице в лице“ за повеќе активности кои ги таргетираат младите луѓе во овој регион.


По овој повод, разговараме со координаторката на Младински центар Пробиштип, Мартина Јачевска и со Валентино Нанев, координатор на настани и младински работник.
Јачевска споделува за нивното делување на локално ниво:

Горди сме на успесите на оние млади кои се охрабрија да дојдат во центарот. За нас, најголем успех е позитивната промена која ја гледаме кај нив. Овие млади, по учеството во активностите и програмите кои ги нуди Младинскиот центар се покомуникативни, поиницијативни и поактивни, не само во нашата заедница на локално ниво, туку продолжуваат да бидат активни и на национално и меѓународно ниво – вели Јачевска.

Нанев додава:

Нашата мотивација и конзистентност во работата, желбата за повеќе и подобро, понудата на нови и редовни можности за млади во Пробиштип е нашиот најголем успех

 Јачевска сподели и за најголемиот предизвик на младите.
– На нашите млади, особено на оние од помалите места, најмногу им недостига храброста да бидат различни и да го покажат тоа во нивните заедници. Стравот од осудување од врсниците многу често ги пречува во остварувањето на нивните соништа и нивниот личен и општествен развој – вели Јачевска.
Нанев се надоврзува:
– Им фали и дополнителна мотивација од страна на формалното образование за вклучување во активности од неформален тип. Ова е неопходно за да се оствари максимален професионален и личен раст и развој – вели тој.

Мартина (во средина) и Валентино, на една од активностите на Младинскиот центар

Во однос на плановите за нареднава година, Јачевска вели дека ќе се фокусираат на спроведување активности кои се од интерес за младите.
– Нашите програми и услуги ќе се однесуваат на долготрајна поддршка на младите во нашата заедница – вели Јачевска.
Нанев пак, дополнува дека ќе продолжат да ја следат примарната цел – овозможување на безбеден простор за раст и развој на младите, но исто така би ставиле поголем акцент на препознавање на потребите на младите и овозможување на нивните цели и идеи. 
– Верувам дека и дел од нашиот фокус ќе оди на соработка со формалното образование и вмрежување со истото како два најважни двигатели во развојот на младите – рече тој.

Напишете коментар