Што сѐ ѝ должиме на уметноста?
Во свет создаден од линии и зборови, ние можеме да ја пронајдеме нашата вистина и убавината која ни е потребна за да живееме. Она што не сме способни да го искажеме, можеме да го забележиме во нешто кое го изразил некој друг – вредноста на уметноста е неизмерна и таа е храна за душата
Елена Дурловска
Уметноста го прави човекот подобар. Било да е книга, театар, песна, преку уметноста ја согледуваме нејзината способност да ги претстави универзалните човечки емоции.
Уметноста ги уништува бариерите помеѓу луѓето. Преку неа учиме и согледуваме дека осудувањето, дискриминацијата, лошиот третман не нè водат кон посакуван напредок. Уметноста нè поттикнува да го набљудуваме општеството од поинаква перспектива.
Се подразбира, доколку целта на уметникот/уметницата е токму тоа. Така, за пример да ги земеме портретите од серијата „Слики на ризикот“ на американската уметница од Чикаго, Рива Лерер. На нејзината веб-страница пишува:
„Овој проект е разгледување на тоа што значи да се биде предмет на токсично зјапање. Луѓето кои живеат во стигматизирани тела честопати се засрамени, поради осудувачкиот, агресивен поглед на јавноста често насочен во нивна насока.“
Портретите на Лерер се креирани во нејзиното домашно студио, а луѓето кои се на нив, таа не ги познава. Во текот на нивната сесија таа на минимум еден час го напушта студиото, оставајќи ги субјектите да го прават она што сакаат сами во нејзиниот дом. За возврат, таа од нив бара да го променат портретот: да го доцртаат, да насликаат нешто, па дури и да го уништат.
Додека се набљудуваат, овие дела многу лесно ни ги пренесуваат емоциите на оној кој ги правел, кој во случајот е и субјектот во портретот. Уметничките дела во овој контекст, се исполнети со несигурност, нервоза, немир и мир. Кога ќе разбереме како се чувствува субјектот на некое уметничко дело, можеме да разберeме и како останатите се чувствуваат. Кога некој така сликовито ќе ги посочи сите негативни емоции и страдања низ кои поминува една личност, во реалниот живот ние стануваме поперциптивни кон нив. Со тоа, уметноста ги отвора нашиот ум и срце и дозволува во нас да се развие сочувство.
Тргнувајќи од оваа релација на поединецот со уметноста, очигледна е улогата и во поголеми размери.
Уметноста извршила големо влијание врз општеството и колективната мисла. Сите епохи и културни движења биле пропратени или најавени со некое ново уметничко движење. Уметноста носи и општествени промени. Во некои случаи, само еден текст или слика, биле дури и она кое ги започнало.
Во 30-тите години на деветнаесеттиот век, Пикасо ја насликал „Герника“, која ни го прикажува ужасот и опустошувањето од војната. Во годините кои доаѓале, таа ги инспирирала луѓето да се борат против опресијата од војната, па во 1970-тите дури и станала симбол на движењата против диктатурата на Франко во Шпанија.
Постојат и многу други вакви дела, од кои уште ќе го издвојам перформансот „Ритам 0“ на Марина Абрамовиќ. Уметницата се поставила како субјект во своето дело. Шест часа, таа стоела во една положба до маса со најразлични предмети, од ножици до пиштол. Публиката имала била повикана и имала дозвола на каков начин што сака да ги употреби овие предмети врз Абрамович. Резултатот од уметничкиот перформанс била личност врз која на најразлични начини биле извршувани повеќе типови на насилство. Ова дело, иако во периодот во кој било изведено имало значителна улога за афирмирањето на уметниците од женскиот пол, главно зборува за промената на моралните вредности кога човекот ќе се најде во група каде поголемиот дел е подоминантни од некого. Грозоморните аспекти на човековата природа прикажани со овој перформанс, не се ограничени само на собата и моментот во кој се изведувал. Истото се забележува и на светско ниво и вака истакнатите општествени проблеми, сè она кое на човекот му дава храброст за да биде дел од промената и му помага да го воочи проблемот.
Решение за осаменоста и тагата
Во многу случаи, уметноста била и решение за тагата и осаменоста. Можеме да пронајдеме утеха и во самата уметност, а и во колективот кој се формира заради доживувањето на истата.
Стиховите „Се надевам дека еден ден ќе ни се придружиш; И светот ќе живее како едно“, од добропознатата песна на Џон Ленон „Imagine“, чија коавторка е Јоко Оно, ни пренесува порака за единство. Оваа песна со текот на времето станала химна на мирот. Така, во 2015 година, после бомбардирањата и нападите во Париз, пијанистот Давид Мартело под своја иницијатива ја отсвирил оваа песна пред театарот „Батаклан“, за да им даде надеж и утеха на семејствата на жртвите.
Во вакви случаи, уметноста урива ѕидови и гради мостови помеѓу оние кои ја доживуваат, исто како и помеѓу творецот и набљудувачот. Мисли, идеи, емоции кои не би можеле да ги претставиме самите, уметноста е тука за да ги истакне и да нè утеши.
Кое е вашето мислење?
Како влијае уметноста врз вашиот живот?
(aвторката е средношколка и волонтерка на „Лице в лице“)