Суводол – автентично искуство за одговорни патници
На гостите во Суводол, може да им биде овозможено незаборавно искуство каде што барем неколку часа ќе пасат овци, ќе вкусат скромна, но, вкусна овчарска ужина, и ќе уживаат во тишината и во овчарските приказни. „Нудиме кусо бегство од хаосот што го наметнува современиот живот во урбаните средини“, велат мештаните
Александар Бачиќ
Фотографии: Маријана Пилева
Демир Хисар не се наоѓа на туристичката мапа на Европа, ниту на Македонија, но тоа не значи дека нема што да понуди. Природата ја дарувала оваа земја во изобилство. Традицијата тука се гради од дамнина, искуствата се неповторливи…
Но, сепак, останува впечатокот дека најголемото богатство на Демир Хисар се луѓето, со сета своја едноставност, непосредност, ненаметливост, а тоа што го имаат, во комбинација со недопрената природа, навистина може да биде добар туристички производ доколку биде соодветно спакуван и понуден. Скромните луѓе тука како да се срамат да го презентираат тоа што го работат – тоа што го посадиле, одгледале, приготвиле, создале… Повеќето несвесни дека токму тие посебности се дополнителната вредност на тоа што можат да го понудат како туристички производ.
Најдовме и млади луѓе, кои ги препознале можностите што се отвораат преку практикување искуствен туризам. Вредни млади жени, свесни дека тоа што го работат секојдневно – може да биде интересна понуда за потенцијалните гости.
Бегство од урбаните средини
Една од нив е Јасмина Котевска, магистер по историја на уметност, која смислата на своето битисување ја нашла тука, во родниот крај. Разговорот со неа тече во лесен ритам, а нејзината непосредност во комуникацијата само го потврдува веќе кажаното за добродушноста на луѓето од овој крај.
– Не ни помислував дека ќе останам да живеам во Суводол. Моите замисли беа да живеам во Скопје, или некаде во странство, никако тука. Така и бидна, преку склоп на околности, во 2010 година отпатував во странство каде што и ја доживеав својата катарза. Кога на луѓето таму низ разговор ќе им кажев дека моето семејство егзистенцијата ја обезбедува преку одгледување овци, тоа наидуваше на одушевување што, за жал, не е случај овде, каде што на таа работа сè уште се гледа со потценување – вели таа.
Јасмина е свесна дека не е единствената што животот ја ставил во сложена ситуација, но во тоа го нашла мотивирачкиот импулс, искуство што треба да се искористи. Своето искушение преку одлуката да се врати во Суводол и да работи заедно со татко ѝ на фармата за овци го претвора во предност гледајќи на животот целосно посветен на животните како на шанса повторно да живее во природа, на чист воздух, настрана од бучавата, метежот, стресот, карактеристичен за урбаната средина. Додека ја пренесува својата животна приказна, како нишка низ разговорот постојано се провлекува нејзината поврзаност со животните.
– Работата со животни облагородува. Љубовта кон нив не е како кон милениче, да се има куче, маче. Од 2014 година, кога се вратив дома, заедно со татко ми, го водиме ова домаќинство, се грижиме за 85 грла овци. Како што одминуваше времето, сѐ повеќе се врзував за животните и во овој миг воопшто не размислувам да го менувам тој начин на живот. Можеби би заминала одовде, но никако в град или надвор, туку повторно на село, некаде Мариово, и повторно работа со животни. Воспоставувајќи врска со животните, човекот воспоставува врска со луѓето, со човечкото – вели таа.
На гостите во Суводол, вели, можат да им понудат незаборавно искуство каде што барем неколку часа ќе пасат овци, ќе вкусат скромна, но вкусна овчарска ужина, и ќе уживаат во тишината и во овчарските приказни.
– Нудиме кусо бегство од хаосот што го наметнува современиот живот во урбаните средини. Сметам дека можеме да привлечеме внимание – вели таа.
Бурек со грав и алва со путер и со млеко
Го посетивме и домот на Зелија и на Емине Селимоски. Двете го чинат столбот на нивното домаќинство обезбедувајќи ја својата егзистенција самостојно, одгледувајќи тутун, без машка рака во семејството. Во слободно време, хоби им е плетење. Eмине се занимава и со шминкање. Нивните вредни раце кријат многу вештини здобиени како животно наследство од нивната мајка и од баба им, од ракотворби до традиционални турски специјалитети зготвени според рецепти што со генерации се чуваат во семејството.
Ширум ни ги отворија вратите, нѐ прошетаа низ нивното домаќинство, презентираа како се работи на тутуново поле, распослано веднаш до семејната куќа.
Додека Зелија раскажуваше за тоа како се сади, одгледува, бере, нижи и суши тутунот, Емине пред наши очи приготвуваше турски специјалитет според рецепт постар од 200 години – бурек со грав, како и алва со путер и со млеко. И тоа на начин како што се правело во тоа време, на софра, со тенко сукало и со домашни производи. Целосно подготвени своите вештини и знаења да ги споделат со гостите што би дошле тука да бидат дел од едно несекојдневно искуство.
Добредојдени се сите тие што сакаат да се обидат да садат, да берат, нижат тутун, во зависност од сезоната, но и да ораат со трактор, да подработат на нива, да се обидат во кулинарските вештини и потоа во отпуштена атмосфера и душевен мир да уживаат во тоа што и самите го приготвиле.
Општина Демир Хисар го реализира проектот „Откривање на скриените атракции“, со кој е предвидено развивање токму на туристички патувања исполнети со локални искуства како планинарење, часови за готвење, авантури во природа, изработка на домашни ракотворби, собирање лековити билки и други автентични доживувања.
Од платформата за автентични туристички искуства „Genuine experiences“, која е произлезена од сличен, веќе завршен проект на ИПА, кој и сега се вклучува со поддршка на тековниов, преку пилот-промоција на Суводол како место за искуствен туризам, сметаат дека преку развој на одржливите форми на туризам ќе му се помогне на локалното население, притоа не уништувајќи го токму тоа поради кое некое мало место е автентично и вреди да се посети.
Нашите пријатели од „Арт Поинт – Гумно“ и од „Genuine experiences“ ни ги открија скриените атракции на Демирхисарскиот регион. Соработката произлезе од заедничката визија за автентичен туризам како начин да му се помогне на локалното население, но и можност туристите што доаѓаат во познатите туристички места како Охрид или Битола – да поминат еден ден плус и во Демир Хисар. Станува збор за две нови искуства што ќе бидат достапни за резервирање на https://genuinexperiences.com/