Да го трансформираме мислењето дека втора рака алиштата се ѓубре, доаѓаат од умрени и се само за сиромашни. Напротив, тие се луксузот кој ни е потребен за да покажеме колку можеме да придонесеме во оставање на планетата Земја едно подобро место, без крајната себичност да не се менуваме од она на кое сме навикнати и сме си го поставиле за нормално
Јавноста ја знае по акцијата „Мети си со класнето“, кога ги мотивираше средношколците да чистат подрачја кои се претвориле во депонии. Со голема акција за прибирање средства, која достигна и до дијаспората, таа иницираше реновирање на тоалетите во Средното медицинско училиште. Поводот за овој разговор со Марија-Магдалена Петковска Микаровска, професорка по англиски јазик во Средното медицинско училиште во Битола „Д-р Јован Калаузи“ е нејзиното новоформирано социјално претпријатие, насловено „Ministry of Second Hand“. Таа е решена да делува кон свеста на граѓаните за отпадот од текстил, за нашите консумеристички навики и да го намалиме влијанието врз животната средина, преку свесен и совесен избор на облека од втора рака. Во целата приказна вклучува многу едукација на оваа тема.
Модата како двигател на општествени промени… На прва, звучи како виц. Но, ако го тргнеме сарказмот и гледаме во решенијата, многу природно доаѓаме до идеја за социјално претпријатие. Како дојдовте до оваа идеја?
По опис и попис, јас сум трифтерка која, последниве 20 години, 80% од својата облека, гордо ја наоѓав во продавници за облека од втора рака. Сакам убава облека и ѝ се поклонувам. Oсобено, поради чувството кое ми го дава како жена. Кој ме знае, знае за што точно зборувам. Најголемо влијание врз мене имал Лондон, кој ме научи да трагам по богатствата на пазарите и продавниците во Нотинг Хил и Портобело Роуд и да го препознавам и вреднувам тоа чувство на победа кога ќе излезам со нешто пронајдено и купено, а е бесценето во моите очи. Таму ми се изострија сите сетила на препознавање, изградив облак во главата како најавтентично да се искомбинира даденото парче додека го гледам стуткано и фрлено, да изгледа вредно, достоинствено, автентично и да му се даде втор циклус на живот облечено на мене. Размислував и за тоа каква жена би можела тоа да го има носено, која била нејзината приказна, како еволуирала за тоа да не ѝ е потребно веќе. Тоа бев јас како потрошувач.
Години подоцна, кога насекаде околу нас се информациите за модата како трет најголем загадувач, ме фрапираа бројките! Годишно се произведуваат повеќе од 100 милјарди нови парчиња облека, а на планетата нè има 8 милјарди луѓе. Математиката е проста. Веројатно овие бројки ми биле дел од водечката цел во поставувањето на „Ministry of Second hand“.
Исто, за жал свеста за купување облека од втора рака облека е сè уште ниска во регионов. Нашите народи го перципираат како активност на сиромашните, а не на свесните. Ова е главната мисија на „Ministry of Second hand“ – да ја менува перцепцијата на купување облека од втора рака и да го прави овој тип на купување луксуз. Свеста е новиот луксуз за секој од нас. Ќе делуваме во насока на продолжување на животот на алиштата на друг начин, да дадеме прва шанса на ваквите продавници, без гадење или предрасуди, и од тоа да направиме животен стил кој од секој од нас ќе направи бренд на совесен граѓанин.
Главна карактеристика на „Ministry of Second Hand“ е едукацијата. Не е ни чудо, со оглед дека е основано од жена која цел живот е посветена на образованието. Како Марија-Магдалена професорката ќе раководи социјален бизнис?
Плановите се да се развива едукацијата на најкреативен начин, за да стигнеме до тоа, секој човек да почне да размислува на темата купување и продавање алишта од втора рака. Идејата е, како со својот микро потег, да се делува во макро сликата. Дали, преку размислувањето при купувањето, заинтересираноста за изработките на парчињата, етиката околу изработката и мало поместување на свеста, сепак ,секогаш во 100% од ситуациите ќе даваат шанса само на продавниците каде се продава нова роба? Да го трансформираме мислењето дека втора рака алиштата се ѓубре, доаѓаат од умрени и се само за сиромашни. Напротив, тие се луксузот кој ни е потребен за да покажеме колку можеме да придонесеме во оставање на планетата Земја едно малку подобро место, без крајната себичност да не се менуваме од она на кое сме навикнати и сме си го поставиле за нормално.
„Ministry of Second hand“ изработува веб страна на која секој ќе може да си основа свој виртуелен плакар и да ги постира своите алишта за продажба, а оние кои сакаат, ќе можат оттука да купуваат. Така, преку чистењето на плакарите и она што не ни служи веќе, ќе понудиме и начин да ни донесе и мала заработка, а некаде да е ценето како богатство. Со тоа го менуваме циркулирањето на алиштата и влегуваме свесно во одржлива циркуларна економија со голема помош на медиумското влијание и моќ.
Вториот новитет е што ќе може секоја жена да ги изложи своите фустани за изнајмување, бидејќи според истражувањата и податоците кои ги собравме, оваа гранка е сериозно потребна. Жените, посебно во свадбена сезона, се изложени на сериозни финансиски трошоци за овој тип облека. Дел од платформата ќе дава можност фустаните кои не ги носиме да ги изнајмуваме, некому да му заштедат пари, а притоа да изгледаат скапо и бесценето.
Продавниците за облека и дизајнерите имаат отворен повик да се вклучат со парчиња кои не им се продадени и им се вишок во магацините. Овде издвојувам само две од носечките услуги со кои започнуваме.
Зошто баш социјален бизнис?
Најубавото прашање! 🙂
Темата и истражувањето на мојата магистерска теза е развојот на перцепцијата на социјалните претпријатија во Северна Македонија, во кои сум вљубена и секогаш им давам прва шанса. Мојот пристап е practice what you preach (практикувај го она што го проповедаш). Ако немам дел во развојот на перцепцијата на овој тип на претпријатија, како ќе станам да ја бранам тезата? Исто како што не сметав дека можам да бидам добра професорка по англиски јазик и книжевност ако не ги опипам културите на Англија и Америка, најинтегрално со дишење на нивниот воздух на подолго време. Тоа сум јас, едноставно.
Кои се вашите купувачи, кому му е наменето вашето социјално претпријатие?
Во моментот најтаргетирани ни се луѓето со предрасуди. Тие треба да дадат шанса на овој вид купување и продавање на алишта. До нив ќе стигнеме преку информации и кампања. Потоа следат работилници. Не би сакала да откривам сè. Но, секако ова што ние го нудиме ќе биде секој да си направи своја прва станица на пребарување и со гордост да каже дека да, оттука купив, не затоа што сум сиромашен, туку затоа што сум свесен!
Вие сте и самохрана мајка, па верувам дека улогите на „жонглерка“ ви доаѓаат како на риба во вода. Или, не?
Статусот самохрана мајка кој пред 10 години сакаше да ме размрда, обесхрабри и турне в темница, кај мене само ја извади бестрашноста за да им дадам шанса на моите соништа пред стравовите. Работам постојано неколку работи. Мајка сум и татко 24/7. Најчесто не одмарам и не спијам, а кога тоа го правам, пак мислам на работа. Со смртта на нивниот татко, моите две деца, од многу мали станаа свесни за суштината на животот и за тоа колку секогаш треба да зависиме од себе. Затоа сум горда што двајцата се вклучени во креативноста на „Ministry of Second hand“! Сè она што како креатива излегува, го припишувам на ќерка ми. Двајцата веќе волонтираат за да успееме да направиме најавтентична платформа. Знаеме да пишуваме домашна работа по македонски на видеокол, да се испрашуваме додека сум на пауза од состанок и од сè тоа да правиме смешки.
За жал, ми се случило и со фарба на коса да однесам дете на инфузија и да ми каже „уште вака ме немаш усрамено“! Или, да доцнам на родителска, бидејќи не можам да се клонирам. Да се обидувам да поправам работи низ домот кои ги учам на „Youtube“, да газам по тенок мраз во тинејџерски менувања на расположение, но секогаш со духовитост и реално прифаќање. Не смеам да не ја спомнам помошта од мајка ми и моите другарки кои се незаменлив емотивен и физички систем на поддршка. Мајчинството, обезбедувањето услови и отвoрање пат на деца кои свесно си ги донел на овој свет, се една од најсветите работи. Тука нема компромис без разлика на условите кои ни ги сервира животот!
„Мети си со класнето“ е Ваша иницијатива. Што промени ова во локалната средина? Гледате ли промени и на лично ниво кај вас, но, и кај младите кои беа дел од иницијативата?
Имам бивши ученици со кои кога ќе се сретнам ми велат, ако не беше „Мети си“ по што ќе го памтевме средно?
Бескрајно сум горда на таквите коментари! Само ние кои бевме вклучени во тоа, знаеме колкава свесна жртва, но и сатисфакција претставува организирање и подготовка на една акција за чистење. Во недела, кога сите одмараа, ние бевме од глава до петици закопани во депонии и среќни. Надминавме многу предрасуди, поместивме една мала скала во свеста на луѓето да не им е нормално, ниту прифатливо да прават ѓубре, а и да чистат свое или туѓо ѓубре. Моите ученици се суперхероите во оваа приказна. Ова е нивна приказна која им покажа дека си покул кога чистиш, отколку кога валкаш. Секој од никој од нив има веќе поинаква перцепција за ѓубрето, после толку исчистено туѓо ѓубре. За презир се нашите колективни навики, нашата арогантност кон проблемите и префрлање на вината на институции или на други. Проблемот е во секој од нас, а решение скоро и да нема никој.
Што ќе им порача професорката Марија-Магдалена на своите досегашни и идни ученици, што е најважно во образованието и кариерата? Што пак, ќе им каже социјалната прептиремачка?
Правете дневна анализа на себе, кои сте, кои се вашите вредности, во што сте добри и за што не ве бива. Признајте си сè без срам и имајте вистинска слика за вашите квалитети и таленти. Не дозволувајте да го изживеете животот без да се едуцирате формално и неформално, во она што ќе одлучите да го правите. Знаењето и посветеноста носат до самодоверба, а самодовербата до решителност за кариера. Работете да ги подобрувате недостатоците и бидете горди на себе и кога сте несовршени, тоа е патот на еволуцијата. Само кога ќе се знаете точно себе си нема да можат да постојат такви да ви наметнат и да ви кажат за вас кои сте.
Не мора да сте еднослојни, имајте и професија и хоби од кое ќе заработувате, но што и да правите, правете го со најголема страст и љубов, насмевка и наклон. А можеби, еден ден, хобито ќе стане и ваша главна професија, а професијата хоби, who knows? Но, ништо од тоа, без многу знаење, доживотно учење, жртви, следење светски трендови и медиуми, работа и само работа, посветено и секојденвно. Учете од луѓето околу вас, тие се човечки библиотеки. Ценете ги, вреднувајте ги и славете ги способностите на другите, доблесно, без потценување. Само така ќе живеете во својата лична автентичност и тоа ќе ве прави незаменливи секаде и секогаш.
Имам уште многу, но тоа ќе го оставам за некое следно интервју…
Фотографии: приватна архива на Петковска – Микаровска
Прочитајте и за други теми