Актив арт, Доза вести

„Тело“ на Петра Селишкар со премиера на Сараево филм фестивал

Светската премиера на долгометражниот документарен филм „Тело“ на режисерката Петра Селишкар ќе се одржи во рамките на официјалната програма на 29. Сараево филм фестивал. Станува збор за најновиот документарен филм на Селишкар, кој ќе се натпреварува за наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм.

„Тело“ е трогателен долгометражен документарен филм, кој опфаќа период од две декади за необичниот живот на нејзината блиска пријателка Уршка, која се бори со ретки автоимуни болести. Некогаш манекенка, а денес професионална пијанистка, Уршка се соочува со огромен број предизвици, но никогаш не го губи својот нескротлив дух. Филмот е спој на интимни разговори, лична архива и креативна визуализација кој ги истражува мистериите на човечкото тело и моќта на уметноста и пријателството да допре до неговата суштина. Бурно патување кон исцелувањето и себеприфаќањето – најавуваат продуцентите.


Фестивалот ќе се одржи од 11-ти до 18-ти август во главниот град на Босна и Херцеговина. „Тело“ ќе се натпреварува заедно со 20 документарни остварувања, чија селекција ја направи Рада Шешиќ, која посочува:

Филмовите на многу начини се инспиративни за гледачите, па дури и кога прикажуваат многу трауматични вистини, во себе носат енергија на позитивност.

Во креативната екипа со која Селишкар го реализира документарниот филм „Тело“ се кинематограферот Бранд Ферро како директор на фотографија, монтажерите Сашко Потер Мицевски и Сандра Басташиќ, композиторот на музиката Владимир Ракиќ, додека дизајнери на звук се Владимир Ракиќ и Вера Галешев. Продуцент на филмот е Петра Селишкар со „Петра Пан Филм“ (Словенија). Копродуценти се Сара Ферро од ППФП (Северна Македонија) и Тамара Бабун од „Волфганг и Доли“ (Хрватска). Придружен продуцент е Виктор Еде од „Синефаж продукција“ (Франција).
Филмот е копродукција помеѓу Словенија, Хрватска и Северна Македонија со поддршка од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Агенција за филм на Република Северна Македонија, „Еуримаж“, Програмата Медиа на „Креативна Европа“, Pегионот Прованса-Алпи-Азурен Брег. Светски дистрибутер на филмот е „Лајтдокс“.

Македонската премиера на документарниот филм „Тело“ е планирано да се случи на 14. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ , кој ќе се одржи од 17-ти до 24-ти август во Скопје.

Напишете коментар