Тројца врвни илустратори од Хрватска ќе гостуваат на Фестивалот за литература и илустрација за деца и млади „Литера 2023“
Тројца врвни илустратори и креативци од Хрватска ќе гостуваат на петтото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца и млади „Литера 2023“ кој ќе се одржи од 23 до 27 мај во Музејот на град Скопје.
Тоа се Доминик Вуковиќ, илустратор и автор на плакатот за „Литера 2023“, мултиталентираната Николина Манојловиќ Врачар и инспиративанта Бранка Холингсворт Нара. Ним ќе им се придружат и домашни илустратори, писатели, автори на сликовници, мултимедијални ликовни уметници.
Доминик Вуковиќ, хрватски илустратор и автор на плакатот за „Литера 2023“
-Присуството на Фестивалот на уметниците од Хрватска е особено важно, бидејќи преку мастеркласови и предвања своето искуство ќе го пренесат на младите илустратори и сите што сакаат да се занимаваат со оваа професија во нашата земја, вели Софија Семенпеева од тимот на Фестивалот.
Фестивалот се одржува под мотото „Свет со љубов“, а централен настан ќе биде конференцијата на која ќе гостуваат реномирани професионалци од областа на детската литература и илустрацијата.
Освен изложби и мастеркласови, во соработка со Македонската асоцијација на издавачи ќе бидат организирани промоции на книги, а наши писатели ќе организираат детски работилници и јавно читање сликовници. Во рамки на Фестивалот ќе бидат отворени три изложби на автори од Хрватска, како и изложбата „Свет со љубов“, во која ќе бидат изложен дела на конкурсот што го организираше фестивалот.
Бранка Холингсворт Нара
Наградите „Литера 2023“, ќе бидат соопштени и доделени на затворањето на фестивалот.
-Визијата на Литера е голема, со тимот работиме многу посветено и внимателно. Литера е повеќе од значајна за нашето општество, но најмногу за новите генерации. Преку квалитетна илустрација за деца се развива визуелната култура на децата. Будно ја следиме домашната сцена и важно ни е на Литера да се промовираат најдобрите наслови за од ден на ден да имаме што повеќе македонски сликовници кои ќе се преведуваат низ светот. Петтото издание на фестивалот за нас е мал, но значаен јубилеј, бидејќи е потврда дека чекориме по вистинскиот пат. Годинава ќе биде празник за младите илустратори од Македонија, кои ќе имаат можност да бидат дел од работилници водени од значајни хрватски автори. Ќе се потрудиме да бидеме ветар во грб на младите автори и илустратори“, додава Семенпеева.
Николина Манојловиќ Врачар