Ученици и наставници од Пробиштип и Злетово во посета на медиуми во Скопје

Во организација на „Паблик“, „Лице в лице“ и „ГРИТ“, ученици и наставници од ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Никола Карев“ од Пробиштип, како и од ПООУ „Кирил и Методиј“ од Злетово, реализираа едукативна посета на повеќе медиуми во Скопје. Посетата имаше за цел да ја зајакне медиумската писменост и критичкото размислување кај младите, преку директна средба со медиумски професионалци.
Првата станица беше редакцијата на „Лице в лице“, каде што учениците учествуваа на интерактивна сесија на тема „Медиумската писменост и критичко размислување – зошто се важни?“. На учесниците им беше претставено новото, 56. издание на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“, и беа поттикнати да споделуваат мислења за улогата на граѓаните во споделувањето содржини во јавноста.

Учениците споделија дека се активни во медиумски клуб, но и дека редовно се информираат од социјалните мрежи. Конвенционални медиуми, речиси и не користат.
Следеше посета на редакциите на медиумите „Трн“ и „Рацин“, каде што младите добија можност одблиску да се запознаат со новинарската работа и да разговараат со претставници од редакциите за значењето на независните медиуми кои објавуваат содржини за специфични целни групи и на специфични теми.
Денот заврши со посета на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), каде што учениците слушнаа инспиративни приказни за новинарски истражувања и улогата на поединецот во поттикнување општествени промени.
Оваа посета претставуваше вредна можност за младите да се информираат, мотивираат и охрабрат да бидат активни учесници во општеството и информирани граѓани.
*Oваа содржина на „Лице в лице“ се реализира во рамки на Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на Здружението на граѓани за истражување, комуникации и развој „Паблик“- Скопје и не мораат да ги одразуваат ставовите на Европската Унија.
