Доза вести

Успешни претприемачи – гости на Меѓународниот форум на креативно културно претприемништво во Скопје

Време на читање: 3 минути
ДВОДНЕВНИОТ ФОРУМ (30 НОЕМВРИ И 1 ДЕКЕМВРИ) ГО ОРГАНИЗИРА УНИЈАТА НА МАКЕДОНСКИ ПРОФЕСИОНАЛНИ АСОЦИЈАЦИИ ВО КРЕАТИВНИТЕ ИНДУСТРИИ - УМПАКИ
- банер -

Концептот на креативното културно претприемништво е во фокусот на Меѓународниот форум за креативно културно претприемништво што ќе се одржи денеска и утре (30 ноември и 1 декември) во СКопје. Форумот го организира Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ. Станува збор за настан во кој ќе се промовира креативното претприемништво, ќе се едуцираат учесниците за креативното претприемништво преку интерактивни работилници и ќе се вмрежуваат учесниците со можност за идни партнерства. Поради околностите, настанот ќе се одржува комбинирано со физичко присуство, но и со виртуелно присуство и стриминг во живо. 

Дводневната програма ја сочинуваат две форум-дискусии, работилница, една сесија на брзи состаноци („Speed dating“) и две сесии во кои ќе се споделат успешни и добри практики на креативно претприемништво од земјава. 

Денеска во 10.30 часот во хотел „Солун“ во Скопје ќе се одржи дискусија на тема „Креативните индустрии во време на Ковид-19 и важноста на културното креативно претприемништво за земјите од Западен Балкан“. Ќе учествуваат: Нада Пешева (Министерство за култура на С.Македонија), Маја Тасева (Агенција за претприемништво на Р.С. Македонија), Македонка Димитрова, (професорка на Лондонскиот Метрополитен колеџ во Скопје), Фрик Јанмат, (Делегација на ЕУ во Скопје) и Николина Стојанова (Центар за развој на претприемачи и менаџери – ЦЕЕД Р.С. Македонија). Настанот ќе се пренесува во живо преку веб-страницата на Форумот, како и на фејсбук-страницата. 

Веднаш потоа, од 11.30 часот, ќе следува дискусија на тема „Европските практики и предизвици во креативните индустрии и културно креативното претприемништво“. Преку онлајн-платформата ќе говорат повеќе странски гости – претставници од партнерската организација КЕА од Брисел за промоција на креативното културно претприемништво и креативната индустрија, но и релевантни експерти кои имаат искуство и продлабочени знаења на темата креативно претприемништво од повеќе земји од соседството и од Европа. 

- банер -

Потоа следува претставување на успешни практики во креативните индустрии од млади претприемачи од земјава. Комбинирано со физичко и онлајн-присуство на првиот ден ќе се претстават Ивица Димитријевиќ и Јасмина Василева (од проектот „Хорот“ (Chorus)), Ирина Тошева (модна дизајнерка),  Стефан Митров, (M3DS Академија за 3Д и гејм дизајн), Марија Димовска, (Стартап Македонија, Маја Раванска (проект „Лице в лице“) и Саша Станишиќ (платформа „Cinesquare“). 

Работилницата на КЕА закажана за вториот ден (1 декември) од 11 часот ќе се фокусира на одржување на креативниот екосистем низ Европа, како и пристап до финансии и креативни бизниси – како да се артикулираат различни извори на финансирање и како да се мешаат јавно и приватно финансирање. 

Вториот ден од 12.15 часот следува уште една сесија на успешни практики на која ќе се претстават Наум Михајловски од „Студио Furious Avocado (игра Tie Dye)“ и Ника Гавровска, издавачка куќа „Гаврош“ и кафе-книжарница. 

Преку форумот очекуваме дека ќе се зголеми интересот кај креаторите на политики и останатите клучни засегнати страни за вложување поголеми ресурси и инвестирање во политики и фондови кои би ги поттикнале младите лица кои дејствуваат во областа на културата и креативните индустрии да ги поврзуваат своите ресурси и таленти, а со тоа и директно ќе го применат моделот на креативно претприемништво. Ова ќе влијае директно и во полза на државата при креирање и хармонизација на националните стратегии и акциски планови во насока на културата и економијата.

Форумот се реализира со поддршка од Министерството за култура на Р. С. Македонија.

Напишете коментар