Доза вести

(видео) Уличниот печат продава приказна за да создаде подобро општество

Време на читање: 2 минути

Колегите од шведското улично списание „Фактум“ изработија видео анимација која има за цел да ја истакне улогата на уличниот печат ширум светот – движење кое се спротиставува на сиромаштијата, бездомништвото, социјалната исклученост и други форми на маргинализација.

Уличните весници и списанија ширум светот работеа заедно на креирање анимирано видео за да ја едуцираат јавноста за движењето на уличен печат и да ги охрабрат луѓето да го поддржат нивниот локален уличен весник (како „Лице в лице“ кај нас), пред оваа празнична сезона. Наратор на анимираното видео е Расел кој го продава „Фактум“, улично списание од Шведска.

„Нè видовте таму. На дожд и студ. На сонце и жега. На булеварите и на улиците. Во градот. Ние продаваме приказни. И да, тоа е бизнис. Многу личен бизнис. Тоа за нас е начин да се воздигнеме“, раскажува Расел во анимацијата.

„Ја користиме моќта на овие приказни за да создадеме подобра ситуација за нас и луѓето околу нас“, е објаснувањето за моделот на уличен печат – оние кои го продаваат списанието генерираат  приход на достоинствен и моќен начин.

Анимацијата е произведена од шведското филмско студио  „Oh No Gravity“ и е поддржана од уличното списание „Фактум“ од Шведска.

Движењето на уличен печат носи весници и списанија што ги продаваат луѓе кои се соочуваат со сиромаштија, бездомништво, социјална исклученост или други форми на маргинализација. Тие им даваат на луѓето, преку квалитетно новинарство и застапување, на непосреден, достоинствен и легитимен начин да заработат пари додека се справуваат со причините за сиромаштијата.

Денес, кога глобалната сиромаштија е под влијание на бројни други кризи – инфлација, климатски промени, системски расизам и конфликти – уличниот печат е потребен повеќе од кога било. Уличните списанија и весници функционираат како независни организации: непрофитни или социјални претпријатија кои го реинвестираат својот профит во услуги за поддршка на луѓето на кои им е потребна.
Овие услуги може да вклучуваат сместување во домување, обука за вработување, итни набавки за храна и облека, часови по јазик и друга социјална поддршка – програми кои се уште поважни денес бидејќи гледаме дека владите ширум светот ги ослабуваат или повлекуваат своите системи за социјална поддршка.

Во моментов има 92 улични весници ширум светот кои се издаваат во 35 земји. Сите тие ги поддржуваат луѓето на кои им е потребна поддршка и се залагаат за промената потребна за да се стави крај на сиромаштијата и бездомништвото засекогаш.

Во 2021 година, ширум светот беа продадени 13,2 милиони улични весници, што стави 17,9 милиони фунти во џебовите на продавачите кои ги продаваат.

Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) ги поддржува и ги поврзува овие организации преку глобална новинска агенција, заедница на практики, заедничко застапување, глобални кампањи и настани. Исто така, известува и обезбедува платформа за луѓе со искуство од сиромаштија и бездомништво за да можат да ги споделат своите приказни.

Погледнете ја анимацијата и пронајдете продавач на „Лице в лице“ (или, на локалниот уличен весник, ако сте надвор од Македонија).

Претплатете се на овој линк.


Напишете коментар