Во Жеровјане, одбојката зборува јазик што сите го разбираат
Одбојкарскиот клуб „Лирија“ од Жеровјане гради заедништво таму каде што многумина очекуваат поделби. Тоа е место каде што различностите играат во ист состав, а заедништвото се гради – поен по поен.
Концепт, видео и дрон снимки: Артан Ибиши
Пишува: Ермира Селами
Монтажа: Ардит Ибиши
Во видеото се користени и архивски материјали и фотографии во сопственост на клубот „Лирија“
Во малото тетовско село Жеровјане, одбојката не е само спорт. Таа е причина луѓето да се соберат, да навиваат за ист тим и да се препознаат едни со други – без оглед на јазикот, потеклото или возраста. Ова не е приказна за спорт и за натпревари, туку за една тивка и истрајна приказна што им пркоси на штетните наративи.

Одбојкарскиот клуб „Лирија“, основан во 1970 година, повеќе од половина век е место каде што спортот не е само натпревар, туку простор за заедништво, солидарност, меѓуетничка и меѓукултурна соработка.Тоа е место каде што различностите играат во ист состав, а заедништвото се гради – поен по поен.
Клуб што расте заедно со заедницата
Жеровјане е мало село во Полошката котлина кое има околу 1000 жители, од кои на последниот попис во 2021 година, најголем дел се изјасниле дека припаѓаат на албанската националност.
Мештани од ова село, кое е дел од општина Боговиње, се распрскани низа различни држави како Германија, Швајцарија, Италија, Австрија… Многумина се враќаат на лето и тогаш селото живнува. Но, кога станува збор за одбојката, нивната релација со спортот е постојана. Сите во еден глас навиваат за „Лирија“.
Овој клуб низ годиниве ги надминува етничките, јазичните и културните рамки. Во изминатите децении, во „Лирија“ поминале играчи од различни делови на земјата, но и странски спортисти, од Грузија, Албанија и од кои други земји. Луѓе со различни животни приказни, но со иста цел: да играат како тим.
Архивските фотографии и старите снимки сведочат за генерации млади луѓе кои растеле заедно со клубот. На теренот, разликите никогаш не биле пречка. Напротив, тие станале сила што го одржува клубот жив и релевантен до денес.



Спортот како заеднички јазик
Актуелниот тренер на „Лирија“, Садик Ферати, вели дека клубот ја продолжува традицијата која за нив значи многу повеќе од тренинг и резултати.
– Одбојката е комплексен спорт. Ние се трудиме да го направиме поедноставен и подостапен. На нашите играчи им пренесуваме дека единството создава сила. Спортот и нашиот клуб се важен дел од нашата заедница. Ги повикуваме родителите да ги насочат своите деца кон спортот, особено кон одбојката – вели Ферати.
Токму таа доверба, изградена низ спортот, се пренесува и надвор од салата – во секојдневието на селото, во односите меѓу луѓето и во чувството дека успехот на еден е успех на сите.
Рамо до рамо, со иста цел
Денес, во „Лирија“ играат млади луѓе од различни етникуми, како и странски играчи кои Жеровјане го доживуваат како свој втор дом. На тренинзите и натпреварите, тие се дел од ист ритам, иста тактика и иста визија – да дадат максимум за тимот.
Овој спој на локално и интернационално, на различни идентитети и искуства, го прави клубот жив пример за тоа како инклузијата функционира во пракса, а не само како збор во стратегии и документи.

И оџата навива за „Лирија“
За Нашит Ферати, оџа во Жеровјане, навивач и поранешен тренер на клубот, „Лирија“ е симбол на селото.
– Ние сме мало село, но имаме голем клуб. „Лирија“ се натпреварува во првата лига во државата. Горди сме што имаме играчи од различни националности и токму тоа е пораката што сакаме да ја пренесеме, заедно сме посилни – вели Ферати.
Во таа поддршка од жителите на селото, се гледа вистинската сила на спортот – способноста да создаде заедничко чувство на припадност, без оглед на разликите.

Приказна што продолжува
Денешните тренинзи на „Лирија“ се доказ дека ова не е приказна од минатото, туку жива практика што продолжува. Кога се игра како тим, резултатите на табелата се важни, но уште поважни се врските што се градат и вредностите што се пренесуваат.
Најголемите успеси на „Лирија“ се во сезоната 2001-2002 година, кога екипата била финалист на плеј оф и на Одбојкарскиот куп на Македонија. Поради тој успех, клубот бил дел и од европскиот куп ЦЕВ, каде успеа да победи против клубот „Босна“ од Сараево и да обезбеди пласман во групна фаза. Од тогаш, дури 2013 година, екипата на „Лирија“ се пласира во финалето на Одбојкарскиот куп.
„Лирија“ покажува дека различностите не се слабост, туку ресурс. Дека спортот може да биде мост таму каде што другите гледаат ѕидови. И дека кога играме заедно – победата навистина е за сите.
Видеото со архивски снимки и изјави од луѓето што ја живеат оваа приказна, погледнете ја во видеото тука:
Прочитајте повеќе приказни од со луѓе од Жеровјане и теотовскиот регион
Оваа сторија е реализирана со финансиска поддршка од Европската унија, во рамките на Reporting Diversity Network. Содржината е единствена одговорност на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија или на Reporting Diversity Network (RDN).
