Еколошката правда сè уште недостижна: Корупцијата екстремно ни го дозагади воздухот!
Зошто граѓаните треба да ги следат бројките за PM2.5 и PM10?
Загадениот воздух не е само еколошки проблем! Тој е директно огледало на политичкиот интегритет и замавот на корупцијата. Кога институциите дозволуваат индустриски загадувачи да работат без надзор, кога законот се прилагодува според бизнис интереси, а инспекторите се под притисок или корумпирани, цената ја плаќаат граѓаните: болести, скратен живот и загубена доверба во државата. Борбата против загадувањето е истовремено борба за транспарентност, отчетност и владеење на правото – за да може секојдневниот воздух што го дишеме да биде безбеден, а институциите да работат за јавниот, а не за личниот интерес.
Загадувањето е проблем кој што ги мачи македонските граѓани низ целата година, ама преку зима, предупредувачкиот аларм не се гаси воопшто. Тогаш воздухот им пркоси и на природата и на науката. Станува видлив, добива и мирис и вкус. Упативме прашање до еколошките активисти, дали властите немаат капацитет за решавање на овој проблем, или не сакаат да го решат, бидејќи во позадина се кријат криминални шеми, речиси сите се едногласни – бизнис интересите ја кројат судбината на граѓаните.
Пишува: Валентина Вурмо
Илустрации: Зоран Инадески
Креативи: Натали Китаноска
Во изминатата 2025 година, од 365 дена, гостиварци само 11 дена дишеле добар воздух, чист и незагаден. Тоа се оние денови кога можеле да вдишат со полни гради, без задршка и страв дека со секој нов здив можеби си го скратуваат животот.
На жителите на Тетово, Битола, Кавадарци и Центар оваа „привилегија“ им била достапна 15 дена од целата година, а струмичани имале три дена повеќе од нив. Со задршка се дишело дури во најчистото Лазарополе, бидејќи загадувањето стигнало дури до таму.

-Додека политичарите зборуваат, вие дишете: PM2.5 загадување 97% од времето во Гостивар, 96% во Тетово, Битола, Кавадарци, Центар, 95% во Струмица, 94% во Гевгелија и Куманово… Гостиварци дишеле само 3% чист воздух во 2025 година, а во планинското „најчисто“ Лазарополе едвај 37% – алармираат од „О2 Иницијативата, споделувајќи податоци од официјални мерења од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Заклучокот кој го извеле еколошките активисти е дека во однос на загадувањето со PM2.5, најопасните и најштетни по здравјето, нема некоја промена во последните 5 години. Во зима концентрациите се до 18 пати повисоки, а надвор од грејна сезона до 3,5 пати над дозволеното. Поразително е што ниту Лазарополе, кое важи за референтно чисто подрачје, не ги исполнува здравствените граници за PM2.5.
Загадувањето со PM10 е во слични рамки и исто не покажува некоја промена низ годините. Зимските концентрации се до 7,5 пати повисоки од дозволеното, а летните до 2,5 пати. Само Лазарополе има PM10 вредности во граници на заштита на здравјето.
За оние, пак, кои не сакаат многу бројки, од „О2 Иницијативата“ појаснуваат дека ова не се само броеви.
– Ова се болни деца, астма, рак и скратени животи. Против нашето здравје, против нашите деца, против нашето право на живот. До кога вака? – прашуваат еколошките активисти.

И додека алармантните бројки со години се повторуваат, а последиците од загадувањето се множат, станува јасно дека корупцијата вмешала прсти и во животната средина. Или како што коментираат нашите соговорници, некој дебело профитира замижувајќи пред загадувачите.
Мајан Калевски од „Зелен хуман град“ тврди дека загадувањето е резултат на корумпираноста во земјата. На прашањето, дали властите немаат капацитет за решавање на овој проблем, или не сакаат да го решат, бидејќи во позадина се кријат криминални шеми и бизнис интереси, Калевски вели:
– Повеќе работи се во прашање, но главно се сведува на примање мито од индустриски загадувачи и тотално отсуство на интегритет и неедуцираност на луѓето кои доаѓаат на позиција во институција да спроведат мерки и проект, кои се најисплатливи и научно докажано најефективни и со најмал негативен ефект врз животот и здравјето на луѓето, животните и животната средина – вели Калевски.
Тој посочува дека најважно од сѐ е да се измени Законот за контрола на индустриски емисии, кој беше донесен еден месец пред локалните избори во 2025 година.
-Ова беше првпат во историјата на Македонија, во закон што директно ги засега нашето здравје и животната средина, индустриското загадување да стане „деловна тајна“ – нагласува Калевски.
Тој додава дека мора да се изменат и Законот за животната средина и Правилникот за емисии според кој моментално индустриските капацитети имаат можност да вршат мониторинг на загадувањето само 2/3 од времето и тие резултати да се валидни.
– Мониторингот на цела индустрија и со А и со Б интегрирани дозволи мора да биде 24/7 јавно достапен во реално време, а не да се прифаќаат извештаи со дупки и со просеци од мерења кои може да бидат предмет на манипулација – вели нашиот соговорник.
За инспекциската контрола, пак, вели дека мора да биде професионална и некорумпирана.
– Мора да се воспостават ефикасни инспекциски служби за животна средина на локално и централно ниво кои ќе бидат во служба на граѓаните, а не во служба на индустриски моќници и корумпирани политичари – заклучува Калевски.

Тој појаснува дека властите со децении се изземаат од одговорност со нарачани студии за загадување, обвинувајќи ги домаќинствата, без воопшто да го спомнат загадувањето од индустријата.
– Во студиите се изведуваат погрешни заклучоци дека согорувањето биомаса е од домаќинства, а не се земаат предвид загревањето и работењето на јавни и објекти на правни лица во Скопје – вели Калевски.
Тој како пример ја зема студијата каде што се анализирани податоци од мерната станица во Ново Лисиче.
– Не е објаснето потеклото на елементите со најголеми вредности, кои всушност се нуспроизводи на индустриска активност, урбанизација и горење на отпад/депонии. Напротив, во цела студија се лоцираат само домаќинствата како извор на загадување. Има пронајдено елементи кои се резултат на работа на индустрија, а тоа не е посочено во студијата – вели нашиот соговорник.
Прочитајте го целото интервју со Калевски
Кој и како го загадува Скопје стана деловна тајна

Дека корупцијата е директна причина за зголеменото загадување, смета и поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска. Таа е можеби и единствената директорка на оваа институција, која остави белег во јавноста. Граѓаните, преку неа ја дознаа улогата на овој инспекторат, а кога беше разрешена во 2021 година, коментираа дека ја тргнале бидејќи си ја вршела работата. Сметаа дека со засилените инспекциски надзори и казни, разлутила многумина.
–Корупцијата е како рак што го разјадува општеството. Кога инспекторите прифаќаат компромиси, било од незнаење, било од притисок или мито, загадувањето станува „нормално“ – вели Петровска.
Таа, посочува примери, со кои се отсликува состојбата на терен.
-Не се оди навремено на терен за да се земат мостри, токму кога загадувањето на реката е најголемо, или воопшто не се земаат мостри, а јавноста се замајува со пораки дека „нема хемиско загадување“. Се дозволува автолакери да лакираат возила на отворено, под прозорците на жители во станбени згради, наместо во затворени кабини со контролирани услови, емитирајќи отровни супстанци, без дозвола за работа и без инспекциски надзор по завршување на работното време, кога всушност се вршат нелегалните активности. Се дозволува механичарски работилници да се греат на отпадно масло, инсталации да „регенерираат“ отпадни масла и да произведуваат горива со сомнителен квалитет, па дури и да работат со А интегрирана еколошка дозвола. Се дозволува увоз на отровни горива, бидејќи нема протокол за мострирање на увезеното гориво на царински терминал. Не се обезбедуваат доволно средства за контрола на квалитетот на горивото што го користат болници, институции, индустриски инсталации…. Корупцијата е директна причина за зголеменото загадување и за жал, таа е навлезена многу длабоко – децидна е Петровска.
Поранешната директорка, но сè уште активна еко активистка, Петровска, открива дека Инспекторатот за животна средина работи под притисок и закани. Таа самата сподели искуство дека добила предупредување каде не требало да оди за да се изврши контрола. Во позадината, како што вели, секогаш се кријат бизнис интереси.
– Замислете инспектор кој го познава законот, но одејќи на теренски надзор се соочува со сопственик на фабрика кој има политички врски и влијание во правосудните лавиринти. Притисокот е реален: да се затворат очите, да се одложи контрола, да се прифати документ што не одговара на реалноста (мерења од лабораторија без соодветна акредитација, нереално високо поставени гранични вредности за емисија…). Најголемиот предизвик е да се остане професионален и да се каже: „Јавниот интерес е поважен од личниот мир“ – вели Петровска.
Таа појаснува дека кога инспекторите чувствуваат дека мора да прашаат „каде и кога“ пред да излезат на терен, независноста исчезнува.
-Тоа е како да имате судија кој мора да се консултира со политичар пред да донесе пресуда. Во пракса сум видела инспектори кои се договарале со сопственици на постројки, а граѓаните тоа го чувствуваат и губат доверба дека законот важи еднакво за сите – вели таа.
Преку примери, Петровска споделува, како недостигот на интегритет довел до штети за граѓаните.
-Една бетонска база работеше со одобрен Елаборат за заштита на животната средина, иако за тој капацитет на производство требало да добие Б интегрирана еколошка дозвола. Базата беше лоциирана покрај река и куќи. Реката беше бела од истурен вишок бетон, а покривите на куќите беа целите со прашина. Граѓаните немаа мир од бучава. Тоа е само еден од многуте примери кога граѓаните ја плаќаат цената на „изневерен“ интегритет – вели Петровска.
-Транспарентност – секој надзор да биде видлив за јавноста. Заштита на инспекторите – да знаат дека ако работат професионално, никој нема да им се одмазди. Јавна отчетност- институциите да одговараат пред граѓаните, не пред политичките центри. Кога ги објавував надзорите на „Фејсбук“, увидов дека јавноста е моќна заштита – истакнува Петровска.

Прочитајте го интервјуто со Петровска на овој линк
Ана Петровска: Кога инспекторите прават компромиси, загадувањето станува „нормално“
Еко активистката Татјана Чакулев, од „О2 Иницијативата“, вели дека решавање на загадувањето на воздухот, никогаш не било приоритет, поради повеќе причини.
-Кога се работи за постриктни стандарди за индустријата, секогаш е економијата на прво место. Кога се работи за менување на начин на греење на јавни објекти, но и за решавање на загадувањето од домаќинствата, во прашање е вложување пари кои секогаш се испланирани на друго место. За регулирање на сообраќајот врз основа на тоа која категорија е возилото според тоа колку загадува, во прашање е популизам, да не се изнервира гласачкото тело кое на следни избори нема да ги гласа. Комбинација од причини е – вели нашата соговорничка.

Покрај притисоците и заканите, голем проблем се и малиот број инспектори, кои е невозможно да ги исконтролираат сите потенцијални загадувачи. Од Државниот инспекторат за животна средина добивме одговор дека функционираат со преполовен капацитет.
-Во моментов има 18 државни инспектори, 13 за животна средина, два водостопански, три за заштита на природата и шест административни службеници. Инспекторатот работи со половичен капацитет од само 50% од вкупно 50 систематизирани средства. Се работи на измени на регулативата за формирање единствено инспекциско тело во животна средина – велат од Државниот инспекторат.
Сепак, како што посочуваат, во 2025 година биле спроведени 1.700 инспекциски надзори.
-Од нив, 839 претставуваат редовни надзори, 532 беа вонредни, а 329 беа контролни инспекциски надзори. Притоа, беа констатирани 398 неправилности и издадени се исто толку решенија во рамките на инспекциската постапка. Покренати се над 30 прекршочни и четири кривични постапки- велат од Инспекторатот.
За тоа, што е потребно за да се зајакне борбата против еколошкиот криминал, бидејќи предметите што се откриваат од оваа област се во мал број, ја прашавме Елена Жакула, јавна обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје.
-Изминатиов период само во Скопје бевме сведоци на неколку настани и интензивни пожари преку кои директно беше загрозена животната средина и природата, а особено здравјето на граѓаните. Пожарите се само еден сегмент од кривичните дела кои се подведени под категоријата еколошки криминал, а последиците од вакви кривични дела значително ги чувствуваат токму луѓето – вели обвинителката.
Таа дополнува дека и досега евидентираниот мал број вакви предмети, апсолутно не укажува на фактот дека појавата на еколошкиот криминал е ретка:
– Напротив, институциналните капацитети се ограничени, бидејќи борбата со еколошкиот криминал бара еден сеопфатен и системски пристап со што би се детектирале навремено незаконските активности на сторителите- потенцира обвинителката Жакула.
Таа додава дека клучен предуслов за поефикасно справување, детектирање и постапување по предмети од еколошки криминал е јакнењето на институционалните капацитети, унапредување на механизмите за откривање и пријавување, како и сè почести, односно проактивни инспекциски контроли на терен.
-За да може ефикасно да се спроведуваат законите кои ги инкриминираат кривичните дела од областа на еколошкиот криминал, особено е значајна меѓуинституционалната координација и размена на информации меѓу надлежните органи со цел брзо и ефикасно да се водат постапките. Брзата реакција води до обезбедување цврсти докази, кои понатаму ќе бидат поткрепа на обвиненијата кои би резултирале со ефективни и одвраќачки санкции и доследна примена на законските одредби во насока на одговорност на сторителите – вели обвинителката Жакула.
Според неа, од особено значење е и подигнувањето на јавната свест и вклучување во целиот овој процес на граѓанските организации и медиумите за зголемување на бројот на пријавени случаи и за зајакнување на превентивната функција на кривичното право.
-Значењето, сериозноста и последиците од овие кривични дела е препознаена и од страна на МВР, па така веќе е планирано да се формира специјализирана истражна единица која ќе биде насочена кон откривање и истражување на кривичните дела поврзани со управување со отпадите и загадување на животната средина. Во рамките на јавното обвинителство, исто така, во континуитет се преземаат активности во насока на зајакнување на капацитетите, обука и специјализација на јавните обвинители кои постапуваат по вакви кривични дела – споделува Жакула.

Правникот Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи, граѓанска организација, која со други организации и државни институции, е дел од Платформата за еколошка прада, вели дека еколошката правда во моментов не е целосно достижна во пракса, иако формално е гарантирана преку Уставот и релевантното законодавство.
-Главниот проблем не е секогаш во отсуството на правна рамка, туку во нејзината недоследна и неефикасна примена. Постапките за заштита на животната средина се ретки и долготрајни поради слабата институционална координација, недоволните капацитети на надлежните органи и отсуството на специјализација во правосудството за еколошки предмети. И покрај тоа што законодавството предвидува прекршочна и кривична одговорност за загадување и уништување на животната средина, овие одредби ретко се применуваат во пракса, а постапките често завршуваат со благи санкции или со нивно целосно изостанување. Таквата состојба испраќа порака дека повредите на еколошките стандарди не се третираат како сериозни општествени закани, што создава чувство на неказнивост кај загадувачите и ја поткопува превентивната функција на правото – вели Јовановски.
За еколошката правда да стане реално достижна, според Јовановски, неопходно е системско јакнење на институционалните капацитети.
-Подеднакво важно е доследното спроведување на обврските за транспарентност и суштинско учество на јавноста во процесите на донесување одлуки поврзани со заштитата на животната средина. Во отсуство на вакви системски промени, правото на здрава животна средина ќе продолжи да постои претежно на декларативно ниво, наместо да биде ефективно и еднакво остварливо право за сите граѓани- дециден е Јовановски.
Токму истражување на Центарот за правни истражувања и анализи, покажува дека судските предмети од областа на животната средина се многу малку застапени во правосудството. Изминатите две години, според статистиката која ја добиле од 25 основни судови, имало вкупно 89 судски предмети за кривични дела против животната средина. Најзастапено кривично дело е Узурпација на недвижности, додека најмалку застапени се тешките дела против животната средина и загадувањето на животната средина.
-Иако во 2023 година беа направени измени на Кривичниот законик со кои се предвидуваат нови кривични дела од областа на животната средина, а најзначајно е новото кривично дело –Екоцид, сепак податоците говорат дека досега ниту еден таков случај не се нашол во судовите – велат од на Центарот за правни истражувања и анализи.
Што се однесува до казнената политика, пак, од 65 пресуди, само една се однесува на изречена казна затвор, додека најголемиот дел се со условни казни. Така, за случајот со утврдено загадување на реката Брегалница во Штип, за што било предвидено казна затвор од една до три години, завршил само со парична казна. Обвинетиот управител на фирмата, Германец, признал вина и бил осуден на парична казна од 200.000 евра, а фирмата добила казна од 3.250 евра.
Неодамна, стигнаа првите позитивни одлуки, каде победници се граѓаните, а за виновна е прогласена Владата. Поточно, Управниот суд одлучи дека таа е виновна, бидејќи од 2018 година па сè до сега, не е донесен Национален план за заштита на амбиенталниот воздух. Иако во поднесените тужби се бараше одговорност од повеќе државни институции, сепак Управниот суд, како единствен „виновник“ ја прогласи Владата.
„Предлогот на предлагачот за заштита поради незаконско дејствие на Владата се уважува. Се задолжува Владата да донесе Национален план за заштита на амбиенталниот воздух со рок на важење од најмалку 5 години“, одлучи Управниот суд.
Сега повторно на потег е Врховниот суд.

Секоја година, особено преку зима, проблемот со загадениот воздух станува видлив, и тоа буквално. Жителите на главниот град, но и на голем дел од градовите во внатрешноста дишат токсичен воздух.
Податоците од последниот Европски извештај за животната средина за 2025 година објавен од Европската агенција за заштита на животната средина се алармантни:
Годишно се губат околу 3.800 животи поради изложеноста на лош квалитет на воздухот и ова претставува 17,7% од вкупната смртност на населението, што ја прави Македонија меѓу најзагадените земји во Европа. Економските загуби од овие ефекти изнесуваат меѓу 5,2% и 8,5% од бруто националниот производ според процените на Светската банка.
Согласно Светската здравствена организација, ниедно ниво на загадување на воздухот не може да се смета за „безбедно“ и врската меѓу загадувањето на воздухот и респираторните и кардиоваскуларни болести е тесно поврзана.
Последните истражувања покажуваат дека дури и најниските нивоа на загадување на воздухот предизвикуваат значителна штета на здравјето. Со вдишување честичките патуваат низ крвотокот и предизвикуваат штети на нашите бели дробови и на срцето.
Студиите, исто така, ги поврзуваат суспендираните честички со оштетување на здравиот развој на децата и со болести, како прекумерна тежина и Алцхајмер.
Лошиот квалитет на воздухот е исто така поврзан и со хронични и акутни респираторни заболувања, кои значително го намалуваат квалитетот на животот, како бронхит и влошување на астма. Особено сериозни се последиците што може да ги предизвика кај трудниците.
Истражувањата покажуваат дека честичките од загадувањето на воздухот патуваат низ белите дробови на бремена жена и се сместуваат во нивната плацента, наштетувајќи им на бебињата уште пред да се родат.
Затоа секој мал индивидуален чекор во областа на животната средина се смета за голем за човештвото. Ова право на граѓаните им го гарантира и највисокиот правен акт во државата, Уставот, со член 43:
„Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“.
Вашето мислење ни е важно. Одговорете на прашалникот на линкот подолу
Корупцијата не е бројка – тоа е човечка цена: повик за анонимни сведоштва и искуства

- Заштитено: Иштван Фаркаш, продавач на „Лицеулице“ во Нови Сад: „Солидарноста не е милостина“
- Луѓе кои ја движат промената: инспиративни пристапни приказни за трансформација и зајакнување
- Отворен повик за млади фотографи: „Сликите на вкусот“ ги обединува креативците од Балканот
- Инклузивна изложба на графики по повод Меѓународниот ден за подигање на свеста за лицата со аутизам
- „Саранда“ во Жеровјане, место каде различностите се мешаат, токму како и вкусовите на сладоледот