Земјоделки и везени пиперки за економско и социјално засилување
Нанижаната сушена пиперка е автентичен производ, карактеристичен за кујната од овие простори. „Виножито“ е социјално претпријатие што увидело дека на пазарот речиси нема ваков производ, па ги насочило капацитетите да ангажира жени што се вешти во оваа работа со што се овозможува нивно економско и социјално засилување
Жени, чијашто просечна возраст е 73 години, кои целиот живот се занимавале со земјоделство, немаат ниту еден ден работен стаж, ниту, пак, сигурност во пензионерските денови. Немаат имот на свое име и зависат од тоа што ќе им го обезбеди семејството. Социјалното претпријатие „Виножито“ го решава токму овој предизвик – економско (но и социјално) засилување на овие жени, со тоа што ги ангажира за преработка и за дехидрација на земјоделски производи со акцент на нижена пиперка, која се ниже на стар начин.
Везената пиперка е дел од орнаментиката на фасадите по македонските села, а „Виножито“, ангажирајќи ги вештите земјоделки од Радовишко, на оваа приказна ѝ носи поголема блажина, перспектива, надеж и вредност.
Сопствен труд што носи гордост
Македонка Коцева, која е основачка на ова социјално претпријатие, објаснува дека отсекогаш ги забележувала социјално ранливите граѓани, но не секогаш имала начин како да им помогне. Нанижаната сушена шарена пиперка е автентичен производ, карактеристичен за кујната од овие простори. Откако увиделе дека на пазарот речиси нема ваков производ да се купи, ги насочиле капацитетите да произведуваат везена сушена пиперка и да ангажираат жени што се вешти во оваа работа. Таа објаснува дека со „Виножито“, можеби, не успеваат да решат крупен општествен проблем како што е исклученоста на лицата што работеле од пензискиот фонд, но сè до стапувањето во сила на одлуките за социјална пензија, носат надеж:
– Носиме надеж во една рурална микросредина дека една посебна група граѓани, барем во есенскиот период може да смета на зголемување на своите лични приходи и тоа преку сопствен труд. Сопствен труд е клучниот договор затоа што тоа е најдостоинствениот начин некој да си ги зголеми скромните приходи – не преку помош, туку преку сопствен труд. Тоа звучи гордо.
Ред пипер, ред песна
Коцева го опишува работниот ден на жените што ги ангажира „Виножито“. Вели дека е многу весело. Сите седат на под, на поставени постилки и перници. Еден човек носи пиперки и ги истура близу до секоја од жените. Тие, пак, опремени со долги игли за нижење и со коноп ги нижат пиперките во низа.
– Има многу муабет, знаат и да запеат, имаме кафе и топли или студени пијалаци, знаеме да си направиме и заеднички ручек на отворено и се јаде, исто така, на под – објаснува Коцева.
Нижат на отворено во двор или под импровизирана стреа доколку е дождливо. Дождливите денови најчесто не се работни за нив бидејќи, како што објаснува Коцева, поради влагата нанижаната пиперка не се суши квалитетно.
– Тие сакаат да нема многу такви денови, дури, ако е возможно да се работи и секој ден за да можат да имаат и повеќе приходи. Задоволни се што на нивни години има кој да ги ангажира, особено се задоволни поради меѓусебната дружба и не се жалат на условите, премногу се скромни – вели Коцева.
Таа додава дека сите заедно размислуваат за зголемување на капацитетите. Летово работеле на изградба на покриен работен простор, а понатаму ќе се опремува со сè што е неопходно. Сите вклучени жени се од руралните региони на општина Радовиш. Речиси сите се земјоделки и имаат исклучителни вештини за земјоделски работи, но и за создавање ракотворби.
– Се вклучуваат од три до седум жени дневно, а досега се вклучени 20-ина. Дневно се ниже толку пиперка колку што е набавена, а работните часови варираат од два до пет часа најмногу бидејќи тие се вешти и многу брзо работат. Да имаме капацитет за складирање би можеле да нанижеме и исушиме и повеќе од 10 тони во сезона – вели Коцева.
Таа додава дека работат многу на порастот и на развојот на ова социјално претпријатие, опремени се со амбалажа и со помошни средства за работа, а имаат и солиден простор од 60-ина квадрати.
– Имаме поддршка и од приватниот сектор, особено во менторство, но и отстапување простор за складирање.
„Виножито“ во моментов работи на создавање пакување и соодветна амбалажа за мали и за поголеми низи пиперка. Коцева објаснува дека поради тоа што имаат веќе купувачи на сите производи што ги произведуваат, досега немале рекламирање, но планираат зголемување на производството. Таа нагласува дека за оваа година во фокус им е одржливоста.
– Почнавме од ништо, имавме само приказна што ни ја поддржа ЦРПМ преку „Смарт старт“. Првата година ја поминавме со таа поддршка, а продолживме и минатата година, преку програмата „Промени за одржливост“ во која сме грантисти преку „Конект“. Исто така, Општина Радовиш имаше слух за социјалната мисија на „Виножито“ и финансиски помогна за нашиот развој, по што можеме да кажеме дека имаме средства и за следната година – објаснува Коцева.
Текстот е подготвен во рамки на проект на УСАИД за граѓанско учество „Социјалните претпријатија – тежиште на триаголникот: економски пораст, развој на заедницата и социјална инклузија“