Блог

Дали жените и девојките во Македонија беа безбедни во 2025 година?

Родово насилство - дали сме безбедни 2025

Пишува: Александра Спасеска
Насловна илустрација: Freepik.com

Фотографии: Ерина Богоева

Поминаа пет години од откривањето на „Јавна соба“. Креаторите добија само четири години затвор, додека илјадници мажи кои споделуваа експлицитни фотографии на девојки и жени, поминаа неказнети и неименувани. Јилдиз Веапоска живееше три години во агонија чекајќи пресуда за лекарот кој ѝ извади три здрави органи. Некаква правда виде дури лани во ноември, непосредно пред да застари делото. Росица Коцева не дочека правда за демначот и насилник Илија Стефановски – тој ја уби неа и татко ѝ, иако таа упорно го пријавувала повеќе пати.

Речиси една петтина од жените во Скопје и Тетово рекле дека одбегнуваат да излегуваат сами навечер бидејќи се чувствуваат небезбедни додека се движат во јавните простори. Жени сведочат за суптилни, но и отворени сексистички коментари, како и за ситуации во кои биле мерени според изгледот, а не според професионалните квалитети на интервјуа за работа.

Во 2025, со четири фемициди и илјадници нерегистрирани случаи, прашањето „Дали бевме безбедни?“ не е реторичко. Тоа е крикот на улица што бара правда. Како една од оние кои маршираа со „Ниту една повеќе“, одново и одново ќе ги раскажувам приказните зад статистичките податоци, ќе ги барам институционалните пропусти и ќе повикувам на акција. Зашто безбедноста не е привилегија – таа е право.
И во 2025-та, ние жените ја немавме.

Безбедни простори како утопија

Пред неколку години, се чинеше дека нештата се подобруваат за жените и девојките во глобални рамки. На работното место, компаниите почнаа да го пријавуваат родовиот јаз во платите; #MeToo (во Македонија #СегаКажувам) ги нормализираше болните разговори не само за сексуалниот напад, туку и за сложеноста на динамиката на моќ, принудата и матните заднини на однесувањето каде што злоупотребата може „да цвета“. Интерсекционалноста конечно, цврсто беше на феминистичката агенда, а иднината изгледаше, накратко, како да е посветла за генерациите што доаѓаат. Сепак, една пандемија подоцна, и таа надежна искра речиси изгоре.

Перцепцијата на страв го ограничува безбедното движење на жените- 2025. Фотографија: Ерина Богоева
Перцепцијата на страв ја ограничува слободата, но и го ограничува безбедното движење на жените, а со тоа и учеството во општествениот живот.
Фотографија: Ерина Богоева

Светот што девојките го наследуваат им се чини понепријателски настроен од кога било досега. Перцепцијата на жените за безбедноста на јавните простори е под влијание, не само на потенцијалните ризици од криминал или несреќи, туку и на разновидната изградена средина, индивидуалните и социјалните карактеристики. Овие влијанија можат да се манифестираат преку нарушување на социјалниот ангажман и активностите на отворено, што може негативно да влијае на нивната мобилност, целокупниот квалитет на живот и благосостојбата.

Оваа реалност ја намалува слободата на движење на жените и девојчињата. Ја намалува нивната способност да учествуваат во образовните процеси, работата и јавниот живот. Го ограничува нивниот пристап до основните услуги и нивното уживање во културните и рекреативните активности и негативно влијае на нивното здравје и благосостојба.

Според податоци од последното истражување на „Реактор“, кои проблемот го следат 15-тина години, уште со објавувањето на платформата Реагирај – биди безбедна! (на која може да се означуваат локациите на кои жените доживеале непријатни искуства движејќи се надвор), листата на небезбедни јавни простори со години останува речиси непроменета: неосветлени улици, подземни премини, јавен превоз, паркинзи, паркови, па дури и места наменети за забава и рекреација.

– Одговорноста за безбедноста не треба да се бара во способноста, односно очекувањето од жените да го регулираат своето движење, туку потребна е поголема мултисекторска вмреженост за унапредување на нивната безбедност на јавните места. Сѐ додека институциите ја занемаруваат распространетоста и сериозноста на овој проблем и владее недоверба и неказнивост, постои ризик да се нормализира сексуалното вознемирување и насилство на јавните места, како неизоставен дел од секојдневниот живот на една девојка или жена“- вели истражувачката на „Реактор“, Душица Лазова, во интервју за „Призма“.

Иако семејното и насилството на работното место сега е широко признато како кршење на човековите права, сексуалното вознемирување и другите форми на насилство врз жените и девојчињата на јавни простори често се занемаруваат, со малку закони или политики за спречување и справување со него. Гласовите на девојчињата и девојките мора да бидат во сржта на секој разговор за родовата еднаквост бидејќи нивните животни искуства откриваат сурова реалност: работата на феминизмот е далеку од завршена.

Сведоштвата споделени во истражувањата и медиумските извештаи истакнуваат свет каде стравот го диктира однесувањето од рана возраст и каде младите девојчиња се принудени да се прилагодат на културата на вознемирување, наместо да очекуваат значајни промени.

2025-та беше година на регрес, гнев и апатија

2025. Фото Ерина Богоева
Во сенките на градот, стравот го демне секој простор.
Фотографија: Ерина Богоева

Во 2025 година, додека политичарите објавуваа стратегии и извештаи, жените во Македонија уште како одговор на пријавите за насилство слушаа „тоа е приватна работа“. Прашањето за безбедноста на жените и девојките во Македонија останува централно и алармантно. Истражувањата и извештаите од ОБСЕ, МТСП, ЕПИ и други покажуваат дека насилството – физичко, вербално, онлајн и во јавни простори – продолжи да биде секојдневие за значителен дел од нив, особено за младите. Дали институционалните напори донесоа вистинска заштита или остануваат само на хартија?

Истражувањата не се само бројки – тие се приказни на жени кои стравувале додека се возеле во јавен превоз,  добивале закани на „Инстаграм“ или се враќале кај насилниците поради празни паричници. Минатата година донесе неколку значајни публикации што фрлаат светлина на реалноста. 

ЕПИ во анализата Родово базирано насилство врз жените низ призмата на препораките за нашата држава од четвртиот круг на универзалниот периодичен преглед на Советот за човекови права на Обединетите нации“споделува сведоштва од рурални жени:

Полицијата доаѓа, но мерки нема – циклусот се повторува.

Истражувањето на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, спроведено од „Индаго“ на репрезентативен примерок од 600 млади жени (18–29 години), откри дека две третини од нив биле жртви или сведоци на родово базирано насилство (РБН) во јавните простори. Ова вклучува вербални навреди, сексуални вознемирувања и онлајн закани, со акцент на небезбедноста во паркови, во сообраќајот и на социјалните мрежи. Резултатите нагласуваат дека стравот од насилство го ограничува движењето и учеството во општеството. Ова не е само статистика; ова е реалност каде две третини од младите девојки се чувствуваат загрозени во сопствената земја, а 932 жени регистрирани како жртви на семејно насилство се само видливиот врв на сантата мраз.

– Иако 36 отсто од испитаничките во последното истражување изјавиле дека доживеале или познаваат жена што доживеала физички напад на јавно место, само 8 отсто од нив имаат искуство со пријавување каков било инцидент во полиција, без разлика дали е поврзан со напад на јавно место или друго искуство. Тоа укажува на сериозна недоверба во институциите, но и на постоење општествена стигма поради која кај жртвите се јавува срам, страв и вина, кои дополнително ги обесхрабруваат да пријават, како и (пренесеното) искуство дека нема да бидат сфатени сериозно. Често, решението го бараме во полиција, но полицијата најчесто се активира откако насилниот инцидент ќе се случи, без да ги таргетира причините што ги претвораат јавните простори во места на страв наместо на слобода – вели Лазова во интервјуто за „Призма“.

Психолошки, траумата од насилството води до анксиозност и депресија – 50% од жртвите бараат поддршка, но за тоа чекаат со месеци. Ама, битно министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, на промотивниот настан на ОБСЕ „Од податоци до дијалог и акција“ лани во декември, јавно рече дека „насилството не е приватна работа, тоа е општествен проблем и заедничка одговорност“.

И оттогаш не ја отвори веќе темата.

Институционален одговор: Напредок или илузија?

Македонија има солидна законска рамка – Закон за спречување на насилство врз жени и семејно насилство, ратификувана Истанбулска конвенција – но имплементацијата според 2025 извештаите е слабa. МТСП најавува нова Стратегија 2026–2033 и Акциски план 2025–2029, со фокус на едукација и услуги, но проценката за 2022–2027 покажува само 40% реализација на целите. Родовиот индекс на МТСП останува низок: застапеност на жени во парламентот 38%, во локални совети 35%, но во приватниот сектор под 20%. МВР регистрира случаи, но Државниот завод за ревизија предупредува за неефикасност на системот за заштита. Кампањите како „16 дена активизам“ ја зголемуваат свеста, но без буџет за 24/7 линии за помош, ефектот е ограничен.

Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство (Мрежата) предупредува дека земјава и понатаму нема воспоставено функционален и одржлив систем на специјализирани услуги за долгорочен третман на жртви на сексуално насилство кои всушност се законска обврска на државата согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство кој е донесен уште во јануари 2021 година.

Недостасуваат јавно достапни и стабилно финансирани специјализирани сервиси за поддршка на жртвите, кои вклучуваат редовни психотерапевтски сесии, стручна поддршка за справување со последиците од траумата, континуирана психосоцијална помош и поврзани правни и социјални услуги. Додека овие услуги не се воспостават, жртвите на сексуално насилство ќе продолжат сами да се справуваат со последиците од насилството.

Мрежата укажува на итната потреба од измени и дополнувања на Кривичниот законик со кои ќе се препознаат и санкционираат новите форми на дигитално и онлајн родово-базирано насилство: сексуалната експлоатација во дигитален простор и злоупотребата на нови технологии и ВИ-алатки за создавање и ширење злоупотребувачки содржини.

– Фемицидот не е ненадеен чин, туку крајна точка на долг процес на толерирано насилство, игнорирањето на предупредувачките сигнали и несериозно третирање на потенцијалните ризици- велат од Мрежата.

Оттаму јасно порачуваат дека се потребни итни и суштински системски промени: адекватно и реално спроведување на законите, навремена заштита на жртвите, функционални и стабилни специјализирани сервиси за жени и за деца жртви, сериозна проценка на ризик и модернизација на кривичното законодавство согласно новите форми на насилство.

Статистиките од 2025 година не се занемарливи и се огледало на општество што толерира неказнивост и ја претвора безбедноста во привилегија, а не во основно право.

Јасна е насоката во која мора да се движиме: итно спроведување на постоечките закони, воспоставување функционални специјализирани сервиси за жртви, модернизација на кривичното законодавство за дигиталното насилство и сериозна проценка на ризик.

Потребни се 24/7 линии за помош, не смо кампањи од 16 дена еднаш годишно. Безбедноста на жените не е само феминистичко прашање – тоа е економско, социјално и развојно прашање. Општество што не ги штити своите жени е општество што се осудува на заостанување. Времето за козметички промени помина. Потребни се системски решенија, сега.

 Содржината е првично објавена на медиумот „Кајгана“.

Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Во рамки на соработка меѓу „Лице в лице“ и Мрежа „Стела“, ги објавуваме содржините кои произлегоа по обуката за препознавање родови дезинформации и справување со дигитално родово-базирано насилство. Избраните новинарки и новинари добија менторска поддршка и финансиски придонес за да ги креираат сториите. Содржините кои се финализирани ќе бидат достапни овде, на веб-страницата на „Лице в лице“, како дел од нашата мисија за видливост на инклузивни и одговорни медиумски практики кои придонесуваат кон родовата еднаквост.

Читајте ги и останатите стори од оваа соработка

Не е обљуба туку силување – зошто медиумите мора да известуваат родово сензитивно?

Напишете коментар