Доза вести, Час по родови прашања

Жените не се повеќе жртви, туку победнички!

Време на читање: 6 минути

Социјалното менторство, услуга која во моментов ја добиваат 15 жени кои преживеале насилство, носи резултати од: девет вработени жени, но и унапредување на нивниот квалитет на живот, сликата за себе си. Истовремено се овозможува партнерско делување со значајни чинители, меѓу кои се и граѓанските организации кои работат со оваа целна група, но и со бизнис секторот и институциите. Разговараме со една од четирите социјални менторки од оваа програма, Магдалена Чадиноска Кузманоски, која веќе 10 месеци работи со 5 жени кои преживеале насилство.

Економското зајакнување на жени кои преживеале насилство е меѓу клучните алки во синџирот на потребите кои се неопходни за една жртва да може да се реинтегрира и да живее нормален живот. Преку обезбедување на услугата социјално менторство, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ од Скопје, влијае на овозможување инклузивни работни места за 15 жени кои преживеале насилство. Во партнерство со UN Women Skopje, во рамките на проектот „Можности за економска реинтеграција преку социјално менторство за жени жрви на насилство“, кој пак е дел од регионалната програма на UN Women, финансирана од ЕУ, за ставање крај на насилството врз жените „Спроведување норми, менување умови“, постигнати се значајни резултати: 9 вработени жени, но, жените не само што се зајакнуваат економски, туку и се унапредува нивниот квалитет на живот, сликата за себе си. Истовремено се овозможува партнерско делување со значајни чинители, меѓу кои се и граѓанските организации кои работат со оваа целна група, но и со бизнис секторот и институциите.

Разговараме со една од четирите социјални менторки од оваа програма, Магдалена Чадиноска Кузманоски, која веќе 11 месеци работи со 5 жени кои преживеале насилство.

Што сè опфаќа услугата социјално менторство за жени жртви на насилство?

Опфаќа сè она што ѝ е потребно на една жена за да можеме одговорно да ја советуваме да го напушти насилникот: темелна проценка, правилно упатување, сеопфатна поддршка, јакнење и охрабрување во процесот на работна интеграција. Директна поддршка од страна на социјален ментор значи, пред сè, соодветна проценка дали жената е спремна за отворен пазар на труд, процена и уважување на нејзините квалитети и компетенции, изготвување на индивидуален план по кој ќе се движиме и комуникација со бизнис секторот за соодветно вработување. Откако ќе излезе на отворен пазр на труд, работата на социјалниот ментор не завршува тука, продолжуваме во следна активност, која подразбира директна работа со жената и со работодавачот за да го задржи тоа вработување, и, секако, ако постои можност, да напредува на истото.

Како е да се биде социјална менторка на жени кои се соочиле со насилство и што е за Вас лично социјалното менторство?

Директната работа со ранливи категории бара голема посветност. Бара и емпатија која треба да имате способност и да ја контролирате за да направите професионални граници, затоа што теренот е понекогаш поинаков од  тоа што предлага методологијата. Случките кои со нас ги споделуваат жените жртви не се приказни, туку вистини со кои што се соочиле. Самите жени не се број на досие туку живи суштества кои се наоѓаат во незавидна положба, не по своја вина. Јас уживам во својата работа затоа што и по темперамент сум некој што сака да исправа неправдини и во системот и на ранливите групи. За жал, имаме многу работа. Многу работи треба да се променат од корен и за тоа треба време. Се радувам на секое поместување на подобро кај жената, на секоја позитивна промена и секако, на секое вработување и задржување на работното место. Многу од жените не само што го задржаа вработувањето и си го подобрија квалитетот на живот на себе и на своите деца, многу од нив напреднаа на самото работно место, и секако и финансиски.

Во овој контекст, кои се најголемите предизвици?

Би ги издвоила најчестите, бидејќи предизвици има многу. Најголем предизвик кај жените е грижата за децата. Овие жени најчесто немаат ни поддржувачка средина ни доволно финансии за да обезбедат жена или градинка која би се грижела за децата, додека мајката е на работа. Треба да постојат привилегии при упис во градинка или училиште и ослободување од финансиски надоместок за тие услуги, барем во првите 6 месеци кога жената го остава насилникот и ѝ треба време за да снајде и избори сама. Најчесто децата се доделуват кај мајката и тоа е многу важно за неа. Но, исто толку често тие стануваат и единствено нејзина одгворност. Исто така, голем проблем се извршителите кои сакаат да го наплатат заостанатиот долг. Никој не го интересира како настанал тој долг, многу често кредитот е земен под притисок на насилникот, а на име на жртвата и сега таа и без кров над главата и со едно или повеќе деца, треба да најде начин како да го отплати долгот.

Вие како социјална менторка ги зајакнувате вештините, талентите и капацитетите на жените со кои работите, овозможувајќи поголема вработливост, но истовремено, го подобрувате и нивниот квалитет на живот. На кој начин?

Нешто што ја издвојуава оваа програма е тоа што не вработуваме по отворено работно место, туку по соодветно и за двете страни, за менторираното лице и за работодавачот. Социјалнот ментор ги согледува потребите, капацитетите и вештините на жената, нудиме платени обуки за доквалификации, мапирање на потенцилни работни места во однос на личните и професионалните капацитети. Има случаи кога преземаме и други активности, кои реално не се наша работа, ама па на некој начин влијаат на можноста жената да се вработи или да го задржи вработувањето. Тука пред сè, мислам на најчестите предизивици со кои се соочуваат жените, како на пример, упис во градинка или училиште на своите деца, обезбедување образовен асистент, едукативен центар за време на летниот и зимскиот распуст, и низа други работи.

Кои се најзначајните промени кои ги забележувате во животот на жените со кои работите?

Најзначајната промена е кога самата ќе се увери дека соодветно поддржана, може и сама. Често се збунети, исплашени и во паника, затоа што навистина најголемиот терет и одговорност паѓа кај нив. Општеството во кое живееме наметнува жртвата да се срами, наместо насилникот. Се радувам кога жената ќе се ослободи од сите овие стеги, кога ќе се види со поинакви очи и кога ќе го земе својот живот во свои раце. Стануваат свесни за своите квалитети, се гордеат на храброста да излезат од таква насилна средина и да продолжат и успеат сами, стануваат поконкурентни на пазарот на трудот. Накусо, стануваат луѓе со еднакви можности како и останатите. Не се повеќе жртви, туку се победници!

Општеството во кое живееме наметнува жртвата да се срами, наместо насилникот. Се радувам кога жената ќе се ослободи од сите овие стеги, кога ќе се види со поинакви очи и кога ќе го земе својот живот во свои раце“, вели социјалната менторка Магдалена Чадиноска Кузаманоски
Фотографија: Томислав Георгиев

Какви се реакциите на бизнисите и институциите кај кои има вработувања во склоп на овој проект?

Имаш ли уште вакви жени да ни понудиш? Ова е најчестата реченица што ја добивам во комуникацијата со бизнис секторот каде што имаме вработувања. Бизнисите го почитуваат искрениот пристап кон нив.  Колку и да е примливо тоа вработување за жената, ако сметам дека нема да се снајде на такво работно место или во таква работна атмосфера, не ја земам предвид таа можност. Мораме да мислиме и на работодавачот, не смееме кај него да направиме штета на сметка на тоа да ја искористиме добрата прилика за жената. Добар пример е дека во рамките на овој проект, имаме вработување во државна институција, а поради принципот на доверливост не можам да откријам повеќе. Но, дефинитивно е добар пример дека институциите треба да отворат повеќе инклузивни работни места, за сметка на партиските вработувања. Ќе бидат добар пример за останатите, а истовремено ќе добијат добар и посветен работник.

Што сè можеме да сметаме за успех во работата со жени кои преживеале насилство?

За успех треба да се смета секоја позитивна промена кај жената. Мене некогаш не ми е најголема сатисфакција самото вработување, туку сите поместувања и сите видливи промени кај жената. Кога ќе видите како една личност похрабро и посигурно чекори, поспремно одговора на сите нови предизивци и многу поодлучно настапува кон нови решенија, не можете а да не го сметате за голем успех. Многу од нив ја надраснуваат првичната работна позиција и бараат нова, само затоа што се соодветно поддржани. Ме радува тоа што стануваат поконкурентни на пазарот на трудот и што не им пречи да излезат од својата комфорна зона. Секако, најважниот успех е тоа што откако психолошки и финансиски доволно ќе зајакнат, сè порешително одлучуваат да не се вратат повеќе во насилната средина.

Дел од интервјуто е објавено во склоп на 24. програмски њузлетер на Un Women и е достапно на англиски на овој линк.

(Содржината е дел од кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, кон која се приклучува и Платформата за одржлив развој, „Лице в лице“, преку регионалната програма на UN Women, финансирана од Европската Унија, за ставање крај на насилството врз жените, „Спроведување норми, менување умови“).



Напишете коментар