Зошто е потребно да го сортираме нашиот отпад?
Реткоста на биоразградливите амбалажи и кантите за сортирање отпадоци се оправдување за нашите игнорантни однесувања во однос на екологијата, но не потполно. Доколку како заедница би имале повисоко ниво на еколошка свест, промените би биле неизбежни
Елена Дурловска
Според последните официјални податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) од пред 2 години, просечниот жител на оваа држава, годишно произведувал 452 килограми отпад. Низ годините оваа бројка имала тенденција само да се зголемува, па многу веројатно е моментално да наближува и половина тон.
Околу 900.000 тони комунален отпад се создава на ниво на целата држава, кажуваат податоци на ДЗС. Нешто повеќе од две третини од вкупниот овој отпад доаѓа од домаќинствата. Знаејќи дека, повеќето од нас се справуваме со нашите отпадоци собирајќи ги во една црна вреќа, канта или контејнер, кои потоа ќе бидат отстранети или испразнети од камион за ѓубре, не е зачудувачки дека 99,8% од вкупниот собран комунален отпад завршува на депонии.
Она што „долева масло на оганот“ е дека овие бројки се однесуваат на собраните отпадоци, но не ги земаат предвид дивите депонии, незаконски палените отпадоци и ѓубрето кое го фрламе во реките и езерата.
Доколку немаме забележано во секојдневието дека селектирањето отпадоци и рециклирањето на индивидуално ниво, се реткост кај нас, со овие податоци со сигурност можеме да дојдеме до заклучок дека се.
Сите овие податоци се безполезни. Реткоста на биоразградливите амбалажи и кантите за сортирање отпадоци се оправдување за нашите игнорантни однесувања во однос на екологијата, но не потполно. Доколку како заедница би имале повисоко ниво на еколошка свест, промените би биле неизбежни.
Заложбата на секој поединец е важна
Да започнеме со најочигледното – естетските причини. Кога отпадоците би се селектирале, па потоа со нив би се управувало соодветно, би ги спречиле сите непријатни миризби и глетки на преполните канти, отпадоците на улица и по зелени површини, на депониите низ природата.
Местата на кои се ослободуваме од несортираните отпадоци, остануваат загадени барем наредните неколку децении. Палењето и закопувањето на отпадоците ги загадуваат и почвата и воздухот, што директно влијае врз нашето здравје како и врз благосостојбата на биолошките системи во природата. Со селектирањето и рециклирањето отпадоци, ние директно помагаме при решавањето на овој проблем.
Кога сортираме ѓубре, исто така придонесуваме во зачувувањето на природните ресурси. На пример, за да произведеме дрвени производи, сечеме шуми. Во исто време, старите маси, столови, штици – ги фрламе, најчесто на депонија. Истото важи и за алуминиумот, железото, стаклото и т.н.
Сортирањето и рециклирањето на отпадоци е индустрија од повеќе милијарди долари, од која Македонија не е дел. Рециклирањето на стаклени шишиња, картон и хартија, како и метални и пластични предмети, дава финансиски придобивки и за претпријатијата кои го селектираат отпадот и за оние кои го преработуваат.
Како Љубљана станува град со нула отпад?
Уделот на нашата земја во загадувањето и „оѓубрувањето“ на глобално ниво е речиси непостоечко. Наместо ова да биде нашиот изговор за ниската еколошка свест, треба да биде токму поттик за сортирање отпадоци. Полесно е да се систематизира рециклирањето и селектирањето на помала територија.
Да ја земеме за пример Словенија.
Почнувајќи од 2014 година, Љубљана стана првиот европски главен град кој прави чекори кон нула отпад. Градот успеа да го умножи своето одделно собирање на органски отпад и да го намали количеството на отпад за 95% додека ги одржува трошоците за управување со отпад меѓу најниските во Европа. Како? Преку јавното претпријатие „Снага“ кое обезбедува управување со отпад и преку усвои три главни стратегии. Воведен е систем за собирање од врата до врата, фокусиран на собирање органски отпад, понатаму, намалена е фреквенцијата на собирање за преостанатиот отпад, додека собирањето на отпад за рециклирање и органски отпад останува на исто ниво, како и преку силна комуникациска стратегија фокусирана на превенција и повторна употреба, која ги вклучува и ангажира граѓаните.
Македонија има потенцијал да стане „зелена“ како и Словенија. За да не останеме само на тој потенцијал, потребно е сите да работиме многу повеќе во оваа насока!
Акциите на некои од комуналните претпријатија, граѓански иницијативи за чистење и сортирање отпадоци, работата на граѓанските организации кои креваат свесност, како и на непрофитните компании, социјални претпријатија и иницијативи (Пакомак, Eco-Logic, Redy Recycling…) се она кое нè доближува кон една еколошка средина, со соодветно управување со отпадот.
Дали вие го селектирате вашиот отпад?
(авторката е средношколка и волонтерка во „Лице в лице“)