СЕ ФРЛААТ ИЛЈАДНИЦИ ТОНИ СОВРШЕНО ЗДРАВА ХРАНА
Автор: Блаже Јосифовски
Поради ниската свест на потрошувачите и несоодветното снабдување и побарувачка во земјава се фрла илјадници тони совршено здрава храна
И покрај деценискиот напредок во намалувањето на гладот во светот, во 2017 година се забележува зголемување на бројот на луѓе што се гладни. Повеќе од 820 милиони лица сѐ уште си легнуваат гладни секоја ноќ – тоа значи дека еден на секои девет луѓе нема храна што му треба за да живее здрав и продуктивен живот. Ова е неверојатно ако се има предвид дека во моментов се произведува повеќе храна, отколку што има потреба светската популација.
Светската здравствена организација смета дека ова е најголема закана за глобалното здравје. Гладот е цикличен и генерациски проблем, кој спречува луѓето да ги развиваат и користат своите способности, а преку тоа и да се ослободат себеси и своите семејства од сиромаштијата во која се наоѓаат.
Се фрлаат илјадници тони совршено здрава храна
Освен економската нееднаквост, една од главните причини за гладот е несоодветноста на системите за управување храна, недостигот од патна инфраструктура за поврзување на луѓето со пазарите, лошите објекти за складирање, при што таа се губи и никогаш не стигнува до тие на кои им е потребна.
Временските шокови, кои делумно се должат на климатските промени, исто така, сѐ повеќе влијаат на овој проблем. Една половина од сиромашните во светот сами си одгледуваат храна, но природните катастрофи како што се сушите и поплавите, често ги бришат целите нивни насади и приходи.
За жал, Македонија е земја што се вбројува меѓу тие што имаа голем дел од сопствената популација во состојба на немање пристап до доволна количина храна со која ќе може да си ги задоволат сопствените потреби, а бројките се застрашувачки и велат – дури 460.000 Македонци. Всушност, 30 проценти до 40 проценти од храната во Македонија се фрла.
„Сите сити“, како мрежа од граѓански организации, работи да ја види Македонија како земја во која добрата храна не се фрла, а тоа го прави преку поврзување на организациите што работат заедно во борбата против гладот користејќи го вишокот храна. Согледано е дека поради ниската свест на потрошувачите и несоодветното снабдување и побарувачка се фрла илјадници тони совршено здрава храна.
Последните 18 месеци се фокусиравме на напорна работа за да го спречиме фрлањето и да го ублажиме гладот преку воспоставувањето на првиот систем за донации на вишок храна.
Неопходен ни е поефикасен систем за храна
Освен намалувањето на фрлањето храна, како земја треба да работиме и на поврзување на земјоделците со ресурсите што им се потребни за да го зголемат производството за да се нахранат нивните семејства и да ги зголемат своите приходи. Потребна е системска поддршка на малите производители преку обезбедување обуки за подобрување на постојната земјоделска практика, но и подобрување на системите за наводнување, заштита на автохтоните семиња и поттикнување на органското производство. Потребни ни се сериозни напори за подобрување на ефикасноста на македонскиот систем за храна, преку намалување на загубите и на отпадот од храна. Тоа значи помош за подобрување на капацитетите за складирање, транспорт, но и подобрен пристап на производителите до пазарите за нивните производи. Локалните власти се многу важни за развојот на инклузивна политика, која ќе им го олесни на луѓето пристапот до ресурсите што им се потребни за да напредуваат. Често занемарен, но исклучително важен фактор е и подобрување на позицијата на жените. Потребно е поттикнување културна промена, која ќе ја поддржува нивната независност и ќе значи засилување на нивната моќ за донесување одлуки. Тоа ќе го поттикне зголемувањето на приходите и шансите за прехранување на своите семејства. Освен обезбедувањето некаква храна, потребно е да се насочат напорите и за обезбедување разновидна и хранлива храна, која значи здравје.
Сега е најдоброто време да почнеме да работиме напорно за подобрување на нашата сегашност и иднина како земја. Нема подобар начин да го направиме тоа, од тој што ќе значи намалување на гладот во Македонија. Бидејќи, со гладот како приоритет, се отвораат за решавање едни од најголемите проблеми што може да ги има едно општество, економската и родова нееднаквост, слабиот пристап до квалитетно образование и работни места, надополнето со енормно нарушување на животната средина.
(Авторот е координатор на „Сите сити“, www.sitesiti.mk)