Дурбин, Тема на месецот

Излезе 42. издание на „Лице в лице“: трансформацијата на општеството почнува од трансформцаијата на образованието

Време на читање: 3 минути

Како би можел да изгледа еден час, на кој, меѓу другото, децата се поттикнувани да поставуваат прашања и да развиваат критичко размислување, не е задолжително да се седи во клупа, се учи преку примери и експерименти, учениците се и во улога на учители, а наставникот е отворен, мотивира и насочува. Ова се дел од аспектите кои уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ ги разработува во видеото насловено „Да се обидеме и вака“, кое беше промовирано вчера, 26-ти октомври 2020 година, преку премиерно емитување споделено на социјалната мрежа „Фејсбук“. Публиката беше поканета да го сподели, заедно со одговори за тоа како го замислува образованието од иднината, која е целта на образовниот процес, како да ја поттикнеме љубопитноста на децата и како тие да се изградат во одговорни граѓани кои што ќе придонесуваат во општествениот развој…
Видеото е изработено како почеток на кампањата на „Лице в лице“ која е на тема „Образование од иднината“, чиј клучен дел е и  42. издание на уличното списание, кое ќе биде достапно за своите читатели од утре.

Најновото, 42. издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, како и кампањата која што ќе се одвива на социјалните мрежи, зборуваат токму за перспективата на образованието кое ќе создава генерации со вредности, во кое наставниците континуирано ќе се развиваат професионално и ќе креираат часови кои што ќе ја поттикнуваат љубопитноста кај учениците, ќе ги мотивира и ќе ги гради во индивидуалци, човечки капитал што ќе го движи општеството напред, кон одржлив развој.

Видеото кое го најавува новото издание на „Лице в лице“  е направено во соработка со иницијативата „Наука за деца“ и со основното училиште „Кирил и Методиј“ од скопско Стајковци, каде и беше снимано.
Извршната директорка на „Паблик“, издавач на списанието и главна уредничка на „Лице в лице“, Климентина Илијевски нагласува дека пандемијата го измести функционирањето на образовниот шаблон, но кризата треба да ја гледаме и како можност за пресвртница. 
– До фактите денеска доаѓаме со еден клик на компјутер или телефон, а создавањето одговорна популација со критичко размислување што ќе создаде подобро општество, е процес во кој се вложува, зашто трансформацијата на општестовото почнува од трансформацијата во образованието – вели таа.

„Лице в лице“ ја обединува заедницата преку дигитална платформа
Списанието за одржлив развој, заедно со новиот број, промовира и дигитална платформа која е достапна за читателите на електронската верзија на „Лице в лице“ кои имаат годишна претплата на списанието или на единечно издание.

До крајот на ноември, читателите на „Лице в лице“ имаат бесплатна регистрација и пристап на платформата. Посетителите на кои што ќе им се допадне ваквиот начин на искусување на идеи донесени преку содржините на „Лице в лице“, можат да станат дел од заедницата на „Лице в лице“, обезбедувајќи си годишно членство (600 денари), со што ги добиваат сите содржини и иницијативи на „Лице в лице“ во текот на една година, или пак двомесечен пристап, кој чини 100 денари. 

Платформата е креирана во склоп на проектот „Дигитализација на уличното списание `Лице в лице` за време COVID-19 пандемија”, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, посочува дека прв чекор во реформите треба да се враќањето на достоинството на наставникот. 
– Ни требаат и наставници што се грижат за учениците, не дали фактографски научиле, туку дали се граѓани што ќе ги достигнат вредностите што ги очекува општеството и економијата. Такви постојат, тие се тука – нагласи Царовска на средбата за кокреирање на содржина за новото издание на „Лице в лице“
Николас Морган, стручњак за образование од Шкотска, на истата средба сподели:
– Разговараме за курикулумите, содржината и вештините, но, не и за големите нешта- какви млади луѓе сакаме во нашето општество. Какви се нивните вредности, ставови… Ако стигнеме до консензус каква младина сакаме, ќе знаеме што да сториме за да постигнеме таков развој – вели Морган, во дел од содржината на новиот број на списанието.
„Лице в лице“ пренесува и практики од Шведска кои носат одлични резултати:
– Кога организирам предавање, размислувам за различни стилови на учење и се обидувам да ги внесам сите елементи. Не предавам само на начин на кој самата учам, туку излегувам од улогата на улител и барам студентиет да преземат. Така, во позиција сум да ги учам „учителите“, но во суштина тие самите се учат себе си – вели Ема Стенстром, директорка на Центар за уметност, бизнис и култура при Школата за економија во Стокхолм, Шведска.

*Фотографии : Томислав Георгиев

Напишете коментар