Актив арт, Лице в лице интервју, Магазин, Читам / Слушам / Гледам

Интервју со Руки Чуки, илустраторка и дизајнерка: Женските прашања ми се инспирација

Време на читање: 6 минути

Како луѓе мора да правиме поголеми промени. Треба да сфатиме дека можеме да      правиме промени и дека треба да се окуражиме да менуваме работи

Илустраторка, дизајнерка, креативна жена, жена што редовно придонесува во „Лице в лице“. Нејзини илустрации редовно се наоѓаат на новогодишните честитки на „Лице в лице“, има сработено и насловна страница за 14. број на нашето списание и е редовна креативна сила што дава ветер в грб за многу потфати – Руки Чуки! Така, се родија и „Добри картички“. Нејзините цртежи, кои со „Лице в лице“ ги објавивме во рамките на новиот производ на Платформата за одржлив развој – „Добри картички“, се создавани подолг период. Токму со нив, на почетокот на минатата година, уличното списание го почна одбележувањето на 10-годишнината од својата работа и постоење. Со нив посочуваме дека женските прашања не се само предизвик за жените, туку за сите нас и дека пораките од „Добри картички“ ќе донесат глас во борбата против (не)видливата дискриминација, но и ќе ја поттикнат грижата за себе кај жените.
Веќе шест години живее и работи во Лондон, а со неа зборуваме за нејзината инспирација, за мајчинството, за нејзиниот моќен, женски израз, кој на уникатен начин комуницира со      публиката. Дел од интервјуто е достапно и во видеоформат на нашиот канал на „Јутјуб“. 

Како е да си уметничка и дизајнерка во Лондон?
– Работата како дизајнер, веројатно, е секаде иста, не е многу поинаква во Лондон отколку во Скопје. Како работна обврска – иста е. Големата разлика е колку многу луѓе има во Лондон, колку многу луѓе се вклучени во еден процес, колку е голема конкуренцијата. Лондон е непресушен извор на инспирација. Огромна џунгла за секој креативен работник.
Нашето семејство веќе шест години живее во Лондон. Веќе се приспособивме, здобивме многу пријатели, си направивме наш круг луѓе, кои прават да се чувствуваме супер и се тука за нас. Сега веќе Лондон е нашиот дом.

Кои паралели можеме да ги повлечеме со условите овде, и како услови за дизајнерки / уметнички и во однос на услови како за жена, и жонглирањето со работните и домашни обврски?
– Вo Англија нема државни градинки за деца помали од тригодишна возраст. Таа разлика, до ден денес, ни е огромен шок. Мора да се најде начин како да се функционира во семејството со новороденче. Има голема алтернативна поддршка како дадилки, дадилки што чуваат деца дома, но тоа е финансиски нaпорно. Грубо кажано, државата не им помага на родители со бебенце дома. Во вакви случаи, најчесто мајката не работи и чува бебе. Неколку дена во приватна градинка, неколку дена дома, помош од баба и дедо, кој има… Тој дел е многу поинаков од тоа како бевме навикнати со Миа (првата ќерка н.з) во Македонија. Го знаевме ова пред  да се преселиме во Англија. Но кога се роди Нина тој проблем стана актуелен. Моментот кога отидов на породилно се совпадна со тоа да барам работа и да останам дома и да бидам со Нина. Од оваа страна, Лондон нуди многу активности за родител со бебе. Мислам дека нуди толку многу забава што во секој момент и секоја активност што ја поминавме со Нина во последниве неколку месеци, колку што уживаше Нина уживав и јас.

Како се родија „Добри картички“? Која беше главната инспирација, главниот немир од кој произлегоа?
– Инспирацијата дојде од ковид-19 и од затвореноста. Отвори многу прашања за мене како жена. Ме натера да ги видам клучните предизвици како жена, како мајка, како сопруга. Од многу близу, концентрирано, во едно јадро. Секогаш сум била сурово искрена и визуелно гласна за некакви емоции, но ова беше подлабоко копање. Труднички дневник, како што знам да си го наречам. Илустрациите ги правев и во периодот кога бев бремена со Нина. Ова беше еден мој личен визуелен дневник од изминативе неколку години. Исклучително многу ми значи.
Седењето дома, исто така, беше голема почетна точка за таа серија илустрации. Сакав да знам како се чувствуваат луѓето. Да, сите се соочувавме со истиот глобален проблем, но ме интересираше дали на сите ни е исто дома – дали сите правиме леб од банана, пиеме вино повеќе од нормалните количества, дали нè полудува тоа што се вртиме сите во една иста соба, што учиме и работиме заедно со децата во истиот простор… Јас така почнав да медитирам, почнав и да трчам, да бидам физички поактивна, и почнав и да се чувствувам пријатно во сопственото тело. Тоа е многу голема промена. Колку и да беше негативна таа затвореност, кај нас дома донесе многу позитивни работи. Се поврзавме семејно на позитивен начин, повеќе се гледавме, имавме повеќе време заедно. Ја истражувавме Англија, бевме на кампување…

Што читаш, на кои дела им се навраќаш постојано?
-На масичката до кревет во моментов ми стои книгата на Џej Шети „Тhink like a monk“, подарок од мојата братучетка. Во совршено време за мене. Многу често знам да ја отворам таа книга. Си имам обележано страници што знам дека е добро да ги препрочитам. Ова е една од тие книги што не можеш да ја затвориш и да кажеш – готово, ја прочитав. Особено ми е драга затоа што влијаела на мои лични промени во животот, личен начин на размислување. Исто така, последна книга пратена од Македонија ми е „Избрани драми“ од Горан Стефановски, малку да се потсетиме. Тоа ми е актуелно во моментов. Читам и многу списанија. Многу го читам магазинот „Тајм аут“, тој ми е еден од омилените списанија во Лондон. Веќе не се печати, но може да се чита дигитално.  Криво ми е што не се печати, обожавам да читам печатени списанија.

Што слушаш?
Многу експериментираме со музика. Веќе неколку месеци оставам „Спотифај“ да ме изненади со комбинирана листа по мој вкус. Имаме ритуал, со децата слушаме утринска програма на радио „Харт рејдио“.
Исто така, многу слушам поткасти: доктор Шефали, поткастот на Џеј Шети… Многу често медитирам со апликацијата „Хедспејс“, тоа ми влијае многу инспиративно во текот на денот.

Што те инспирира?
Kои дизајнери, уметници ти се најголема инспирација? Од кого учеше Руки?
Скопје е голем дел од мојата инспирација, исто така и Лондон. Ме инспирираат животни промени, моите предизвици како мајка, сопруга, како жена.
Целото мое знаење се базира на тоа што го учам и од колегите од факултет, од професорите, од колегите со кои сум работела.  Верувам во тоа дека човек учи додека е жив, така што многу голем дел од тоа што го имам сега е заслуга на колегите од работа. Знам да бидам многу напорна со прашања. Нормално, како студент се инспирирав од познати имиња – Баскијат, на пример, огромни имиња, кои, нормално, влијаеле, но знаењето многу често доаѓа од тој до тебе. Работењето како дизајнер вклучува константно учење, никогаш не е доста од учење, без разлика колку време работиш. Исто така, секогаш го зачинувам со екстразнаење од книги, списанија, од интернет. Не се фокусирам толку на имиња, колку на нивните дела. Сега ми се актуелни „Инстаграм“ и „Пинтрест“ за да видам што се случува на полето на илустрациите – мојата главна пасија. Ги препознавам авторите по некој стил. Алгоритамот на „Инстаграм“ ме има добро прочитано и точно знае што да ми понуди. 

Кои се твоите планови за 2023 година? На што работиш во моментов, што да очекуваме од тебе наскоро?– Решив да не правам планови. Многу често не излегуваат како што треба, не се реализираат. Имам два проекта што сакам да се остварат – книга што треба да се реализира нареднава година и сакам да го освежам мојот веб-сајт www.rukichuki.com. Би сакала многу почесто да патуваме како семејство, да ги гледаме пријателите, да патуваме и со нив. Најважно од сè, добро здравје на сите. Тоа е број 1!

За кого би сакала да читаш вакво интервју како ова со тебе?
– Мора да е „Лице в лице“ на појадок со Дејвид Атенборо. Има многу да се разговара со него, го видел цел свет. Мене би ми било чест да седам на маса со некој што го видел цел свет. Колку што тој може да нè исплаши со тоа што се случува со планетава, не може никој. Кога тој е загрижен, сфаќаме дека ситуацијата е алармантна.

Илустрацијата е инспирирана од работата и заложбите на Дејвид Атенборо и исто така е дел од „Добрите картички“

Напишете коментар