Како да го спречиме кршењето на човековите права е прашање без одговор. Но како да им дадеме вистински, а не лажни права на тие што ги загубиле, е нешто на што сите ние можеме сериозно да поработиме. Почнувајќи од најгоре, од политичарите, па сè до едноставните граѓани, кои имаат обврска да бидат многу посвесни за просторот што го делат со обесправените и маргинализирани луѓе во кои спаѓаат бегалците, вели режисерката Тамара Котевска во интервјуто за „Лице в лице“
Железничка станица Скопје. Рано утро. Трчам по скалилата нагоре кон пероните. Само што стапнувам на последното, слушам звук на воз што заминува. Добивам шлаканица од свежиот ветар што ја најавува долгоочекуваната скопска есен. Сите очи на перонот се вперени кон мене. Неколку родители и 15 млади луѓе ме гледаат со прекор.
– Ти ѕвоневме, знаев дека си се успала – ми вели Драгана.
– Работилницата ни е од 12 часот. Со следниот ќе доцниме… далеку е Битола кога треба таму да стигнеме со воз – ја дополнува Трифун, додека го префрла ранецот од рамо в рака.
Септември 2012 година. Само што го промовиравме првото издание на „Лице в лице“ во Скопје. Нè очекува работилница за фотографија со српскиот фотограф и директор на фотографија Миладин Чолаковиќ на 33. издание на „Браќа Манаки“. Група средношколци и студенти ме чекаат да ги однесам на фестивалот. Ми текна дека ќе стигнеме брзо со автобус, кој тргнуваше за кусо време. Во автобусот главата ми паѓа, очите ми се затвораат, но сериозниот разговор што го водат децата зад мене ме држи будна. Имам чувството на зачуденост кога ги слушав колку се решени и знаат што сакаат да бидат „кога ќе пораснат“. Непријатно ми е од нив бидејќи за малку, поради моето забавување претходната ноќ, тие немаше да стигнат на фестивалот. А и задоволна сум дека носам олку умни деца на прочуениот фестивал и дека и покрај тоа што поради моја вина го пропуштивме возот, најдов решение за помалку од половина час. Цел пат зборуваа за филмови, за фотографија, за приказни што мора да се раскажат…
Денес, 12 години подоцна, „децата“ што ме држеа будна цел пат од Скопје до Битола сериозно се занимаваат со уметност и со слични, многу, многу важни работи. Едниот е режисерот Трифун Ситниковски, кој пред некој ден го видов со награда „Никола Младенов“ в раце (за најиновативен новинарски производ – истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“). Другата, пак, е режисерката Тамара Котевска, коавторка на „Медена земја“.
Горда на нејзините успеси, но и на нејзината освестеност и посветеност, а по повод нејзините нови филмски патешествија, ѝ пишав на „месинџер“ со прашање дали сака да реализираме интервју за „Лице в лице“.
-Дааааа – одговори Тамара, непосредно пред европската премиера нејзиниот нов документарен филм „Одење пеш“ (“The Walk”). Филмот месецов беше на Фестивалот за човекови права (FIFDH) во Женева, Швајцарија. Следуваа проекции и на еден од најголемите фестивали за документарен филм во светот CPH:DOX (Меѓународен фестивал за документарни филмови во Копенхаген).
Патувањето како да е тангента на вашата авторска потреба и општествените предизвици. Каде сме тргнале како човештво? Какво би било, пак, патувањето на кое Вие би сакале да бидете „водич на патот“?
Тоа судбинско патување се оствари токму во мојот нов документарен филм „Одење пеш“. Тоа беше патување на кое јас бев водич како режисер на тој филм, и кое мене и мојата екипа нè поведе по патот на бегалците што се движат од Сирија кон Европа. Би посакала да можам да поведам илјадници луѓе што игнорираат на тој пат што го поминавме ние за, конечно, да се најдат во кожата и во чевлите на бегалците и да ги закопаат сопствените предрасуди кон нив. Можеби тогаш, одејќи го истиот пат и, конечно, разбирајќи ја таа макотрпна животна борба на бегалците, сите би се бореле за подобар свет. Се надевам дека преку овој филм ќе успеам да бидам водич за гледачите, кои барем накратко ќе тргнат по тој пат.
Човековите права не се колач, па да се делат (парафразирам една кампања од пред повеќе години). Сепак, не знаеме колку се важни, додека не ги загубиме. Како да го спречиме кршењето на човековите права? Како да бидеме подобри како луѓе, како човештво?
Кампањата: „Човековите права не се колач, па да се поделат“ ме насмеа и ме растажи истовремено. Целата оваа кампања ја има доловено со една едноставна сцена во мојот нов документарен филм „Одење пеш“: кога Амал го посетува Советот на Европа во Стразбур. Таму, по измислено сценарио на самите политичари, и на огромно изненадување на документарната екипа, на Амал ѝ подарија пасош со човекови права за кој ѝ дадоа насока „да го сподели со другите деца бегалци на нејзиниот пат.“ КАКО ТОА СЕ ДЕЛИ ПАСОШ? Интернационалните, високореномирани политичари гордо се фотографираа со куклата Амал и со нејзиниот нов пасош, воопшто не сфаќајќи ја иронијата на сопствените зборови. Истовремено оставајќи илјадници живи луѓе на улица без никакви права и документи. Како да го спречиме кршењето на човековите права е прашање без одговор. Но како да им дадеме вистински, а не лажни права на тие што ги загубиле, е тоа на што сите ние можеме сериозно да поработиме. Почнувајќи од најгоре, од политичарите, па сè до едноставните граѓани, кои имаат обврска да бидат многу посвесни за просторот што го делат со обесправените и маргинализирани луѓе во кои спаѓаат бегалците.
Одбирате да работите документарен филм. Зошто?
Документарниот филм не е професија, туку начин на живот. Одбирам да работам (ЖИВЕАМ) со еден документарен филм поради тоа што сум многу љубопитен човек, кој сака да ги дознае одговорите на прашања, кои општата јавност ги нема. Сакам да запознаам начини на живот и индивидуи со кои го делиме истото небо, но не и истиот простор на земјата, и со кои речиси никогаш не би имале можност да се сретнеме. Документарниот филм е страст кон животот. Авантура. Огромна возбуда да се откријат неистражени светови, но многу често и огромна болка поради тоа што ќе се открие пред очите на авторот, а тој има должност да го сподели со публиката. Документаристите градат мостови меѓу два недопирливи света (тој на гледачите и тој на протагонистите), кои живеат и егзистираат едендодруг, а никако не би се спознале, освен преку филмот. Документарниот филм е опсесија. На крајот, тој е една чиста форма на љубов кон светот во кој живееме токму ние и токму денес.
Што е за Вас позначајно – да поставуваме прашања или да ги имаме одговорите?
Да поставуваме прашања. Бескрајно многу прашања, и истите по неколку пати. Прашањата често се одговори сами по себе.
Вашата професија документаристка и филмска авторка е неприкосновена. Се препознавате ли токму во тоа, ве препознаваат ли на овој начин?
Сега засега сум препознаена како режисерка на документарни филмови. Но фактот дека „Медена земја“ доби номинација за игран филм и дека сите мои документарни филмови имаат цврсто изградена структура слична на игран филм, тие се хибрид, во филмската индустрија веќе ме препознаваат по тој оригинален, хибриден стил. Исто така, веќе подолго време работам на мојот долгометражен игран филм. Сценариото веќе има прошетано повеќе од 10 работилници за развој на сценарио низ Европа и има добиено две награди за најдобра приказна досега, така што полека почнуваат да ме запознаваат и преку играната форма.
Кои се впечатоците од европската премиера на „Патување пеш“ во Женева? Раскажете ни како европската публика (која во голема мера има предубедувања и предрасуди кон бегалците) го прими филмот.
Филмот ја потврдува својата одлика на живо суштество токму кога еднаш ќе излезе во јавност и кога ќе видиш колку различно комуницира со различна публика. Филмот никогаш не е монолог, порака што авторот еднострано сака да ја прати. Напротив, секогаш е возбудлив дијалог, кој со различна публика може да отиде во многу различни насоки. Истото искуство ми беше и со различните проекции на „Медена земја“ на различни страни од светот и истото ми е со почетоците на „Одење пеш“. Премиерата во Њујорк (минатата година, н.з.) и премиерата во Женева беа сосем различни искуства. На DOC NYC во Њујорк филмот излезе токму кога пукна конфликтот меѓу Израел и Палестина. Со оглед на тоа што Америка беше радикално за Израел, филмот беше прилично непријателски доживеан. Филмот беше изваден од контекст бидејќи публиката, главно, се интересираше за делот на филмот што е снимен во Палестина. Така, беше претставен како заземање страна, иако филмот ја разработува суштината на бегалската криза низ призма на дете. Најнепријатната средба беше со еден италијански новинар, кој ме обвини дека не смееме толку еднострано да ги браниме бегалците бидејќи тие не се баш толку добри: „Па знаете ли вие што прават тие во Рим од каде што доаѓам?“ – ме праша со глас што се тресеше од гнев. „Се капат во нашите преубави, мермерни, историски фонтани!“ Јас само тажно го погледнав и го прашав: „А каде да се капат, господине, кога не им давате услови за живот и права, па мораат да спијат на улица?“ Дискусијата се претвори во конфликт во кој тој тврдеше дека Италија не смее да им даде пасоши на бегалците бидејќи не ги заслужиле италијанските пасоши. Се согласувам дека темата е многу комплексна и не е еднострана. Но, за жал, за мнозинството европски народ, „бегалците“ се едно големо, изобличено чудовиште од кал, кое им ги валка чистите европски улици, на кои само пред едно столетие течела истата крв на војната од која бегаат многумина денес во нивните земји. За жал, историјата, која, пред сè ,служи за да ги научиме грешките од минатото и да ги поправиме, најчесто останува само на површината на блескавите споменици и на фотографиите на насмеаните туристи.
Од друга страна, во Женева – интернационалниот град на бегалците, климата за филмот беше сосем поинаква. Швајцарија, навистина, е исклучок кога станува збор за третманот на бегалците. Тоа го почувствувавме и додека патувавме со куклата Амал, но и сега, по премиерата, која беше преполна и, изненадувачки, имаше и многу млада публика, која поставуваше многу прашања на темата. FIFDH е сериозен активистички фестивал, кој сака да разгори бурни дискусии за филмовите што ги избира и сака да ги спроведе филмовите во своето општество. Најсреќна бев кога се отвори дискусија дека фестивалот, во соработка со дистрибутерите од Англија, би сакал да го спроведе филмот во училиштата во Швајцарија како тема што ќе ги едуцира најмладите да ги прифатат своите маргинализирани соученици што доаѓаат од воени зони.
„Kако дете што се бори да го најде своето место во светот, Тамара Котевска нè носи во универзумот на трагичното и фантастичното. Tаа нè впушта во секојдневниот живот на девојче што загубило сè во војната: семејството, домот, идентитетот. Со елеганција и интензитет, што се карактеристика на нејзината кинематографија, македонската филмска авторка зборува за луѓето што веќе немаат дом и за тешкотиите со кои тие секојдневно се соочуваат, додека спомените од нивниот претходен живот полека исчезнуваат“, се вели во критиката објавена во престижното филмско списание за филмска критика „Cineuopa“
Која е Азил? Зошто ја одбравте токму неа за Вашиот нов филм?
Азил е деветгодишно дете – бегалче од Сирија. Ја запознав во Газиантеп на Турско-Сириската граница додека патувавме со куклата Амал. Таа ми остави толку силен впечаток, како и нејзината реакција на Амал. Тоа ме инспирираше да ја раскажам приказната од нејзината перспектива, од очите на дете, чијашто надеж никогаш не умира и кое во сè бара смисла за да продолжи да живее и да ја бара сопствената слобода и среќа. Азил премногу ме потсетуваше на Амал, не само физички, туку и карактерно. Тоа девојче речиси никогаш не се смееше. Имаше поглед на возрасна жена. Куклата Амал смислено е направена да нема фацијална експресија на смеење. Тоа е откинатото детство од двете.
Зошто една од главните хероини во филмот е куклата Амал?
Сè почна со Амал и сè продолжува и понатаму со Амал, која не запира да патува низ светот. Амал е кукла од три метри за да го соочи светот со тоа каква слика создава за бегалците: тие се марионети што немаат своја слобода на движење, некој ги контролира каде да одат. Тие не се луѓе како другите, тие немаат комплексни емоции и доживувања, тие се само бројки што поминуваат низ нашиот свет и се речиси невидливи. Но, напротив, куклата Амал го докажува спротивното – таа не е невидлива. Таа е три метри! Никој не може да го сврти погледот од неа! Таа е жива! Не само што чувствува и има свои комплексни мисли, туку и предизвикува премногу силни чувства кај публиката и жестоки мисли и дебати. Затоа Амал е хероината на овој филм и на овој патувачки театар.
Кога македонската публика ќе го види филмот?
На лето, на фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“.
Следува период на промоција на филмот? На што друго работите?
Работам на два нови проекта: документарен филм и мојот прв долгометражен игран филм „Човек против јато“, кој е поддржан од „Еуроимаж“ на третото место за најдобро сценарио од 111 проекти, како и од уште шест интернационални копродукции. За документарниот филм сè уште не би зборувала пред време. Двата филма се тесно поврзани, произлезени еден од друг и истражувајќи ја мојата вечно непреболена тема: врската на човекот со природата / како политичките и капиталистичките одлуки сериозно влијаат на уништувањето на земјата, и, на крајот, земјата, сама по себе со сета своја плодност, моќ, но истовремено и немоќ да им пркоси на човечките одлуки.