РАЗГОВОР СО ДИЗАЈНЕРКАТА АНА ТАСЕВА – АВТОРКА НА НАЈДОБРИОТ ПОСТЕР НА ПОВИКОТ ЗА БРЕНДИНГ НА КАМПАЊАТА ЗА ОРГАНОДОНОРСТВО И ТРАНСПЛАНТАЦИЈА
Анета Ристеска
Секоја раскажана приказна е плетка. Кога е вистинска, тогаш во неа има и живот, и пулс.
Вака накусо може да се опише наградениот постер на графичката дизајнерка Ана Тасева, која ја освои наградата за најдобро решение во оваа категорија на Повикот за брендинг на тема: трансплантација и органдонорство.
Постерот го носи слоганот “Weaving life, Knitting Hope”, („Ткаење живот, плетење надеж“).
На доделувањето на наградата во Ист Гејт, на отворањето на изложбата „Од срце – за животот“, што беше организирана во партнерство со Нептун Македонија, Тасева рече дека целта ѝ била „да се постигне доза на надеж, постерот да биде минималистички, а во слоганот, да се даде повеќе значење“.
Во интервју, пак, за „Лице в лице“, вели дека барањето нови предизвици во работата ѝ е постојан императив.
Целиот разговор со неа, за Повикот кој е дел од проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од Европската унија, во кој краен корисник е Министерството за здравство – во продолжение.
Што ве мотивираше да учествувате на овој Повик за визуелни дела за трансплантација и донирање органи? Споделете ја инспирацијата за вашето дизајн решение.
Како графички дизајнер постојано барам нови можности за напредување во мојата кариера. Кога го видов овој повик, тоа за мене претставуваше прилика да истражам тема на која пред тоа немам работено. За мене непозната, но, со исклучително важен карактер. Идејата да се пренесе една витална порака преку самиот дизајн кој може да влијае на нечија одлука, да поттикне некого да стане органодонор и носи потенцијал да го промени животот некому – беше најмотивирачкиот поттик.
Инспирација ми беа поединците и семејствата кои несебично носат храбра одлука, да донираат органи, претворајќи ја трагедијата во надеж, а очајот во нови почетоци. Тие приказни ми служеа како потсетници низ целиот процес на дизајнирање. Мислата дека секој човек има способност да направи разлика, да остави трајно влијание и да даде дар на животот.
Како се подготвувавте да му пристапите на предизвикот? Имавте ли некакви предзнаења за темата пред да се приклучите кон Повикот, или истражувавте?
Предзнаења за темата немав, но, истражувачкиот процес ми помогна многу како клучен дел од мојот принцип на работа. Пред да се впуштам во креативното патување секогаш претстои истражувачки тек, според мене еден од најважните аспекти кој е од суштинско значење за секој проект. Така и овој пат. Пред да почне фазата на дизајнирање, тргнав на опсежно истражувачко патешествие. Тоа вклучуваше длабоко навлегување во сложеноста на темата, истражувајќи ги етичките и емоционалните димензии.
Која порака или емоција сака(в)те да ја пренесете со вашето дело?
Со дизајнот имав за цел да пренесам силна порака за надеж, порака која инспирира промени и ја подигнува свеста за едно вакво важно општествено прашање. Со приказот на клопче волна која се трансформира во пулс на животот се симболизира отчукувањето на срцето во ритам на емпатија, добрина и несебичниот чин на органодарување.
Посилен акцент е даден на самиот слоган „Weaving life, Knitting Hope” – „Ткаење живот, Плетење надеж“, кој во контекст на органодарувањето, ткаењето и плетењето се метафора за животите на поединците кои се испреплетени заедно преку чинот на органодарувањето. Претставува таписерија од споделени искуства, втора шанса, и ја пренесува убавината што се појавува кога еден живот придонесува за благосостојба на друг.
Дали наидовте на некои специфични предизвици во текот на креативниот процес и ако да, како ги надминавте?
Истражувачкиот дел помина супер, и создадов јасна слика во која насока сакам да одам со дизајнот. Кога се впуштив во креативниот процес и ги поставив елементите, нешто недостасуваше. Тука се појави еден мал креативен блок во кој почнав да се запрашувам дали дизајнот е оној крајниот кој сакам да го пренесам. Тоа е нормална фаза во креативниот процес која јас ја надминувам со една практика која ја научив на ликовна академија. Најдобриот начин да го победам креативниот блок е секогаш кога ќе се јави тоа чувство да си дадам одмор од платното, и да дозволам на мозокот да се ресетира, бидејќи принудното продолжување на работата кога нешто не е во ред допринесува до дополнителна фрустрација и деградација на делото. И така, следниот ден со освежена перспектива се вратив на делото и изнајдов решение кое испадна оригинално и различно.
Што очекувате консументите да понесат од вашето дело? Какво доживување, каква мисла?
Очекувам дека дизајнот ќе разбуди чувство на емпатија, разбирање, меѓусебна поврзаност и ќе инспирира некого. Посакувам дизајнот да ги поттикне консументите, да размислуваат на оваа тема, колку таа е од огромно значење и како може да го промени животот некому.
Во крајна линија, се надевам дека дизајнот ќе ја подигне свеста и ќе ги мотивира луѓето да се приклучат во некаква акција за подршка на оваа влијателна општествена кауза.
Дали вашите лични верувања или искуства влијаеа на вашиот пристап кон овој предизвик?
Каков е вашиот став по овие прашања? Колку вашето опкружување знае за темата?
Како човек кој цени емпатија, сочувство и алтруизам, пристапив на овој проект со емоција, почит и посветеност. Верувам дека во секој од нас постои потенцијал за нешто поголемо
и дека можеме да делуваме на некој начин за да ги промениме животите на другите, било тоа преку мали и секојдневни постапки. Моето опкружување несомнено има слушнато за оваа тема, но мислам дека можеби не е доволно информирано и запознаено за важноста и влијанието на истата.
Како ја гледате улогата на дизајнот во решавањето на општествените прашања како што се донирањето органи и трансплантацијата?
Уметниците отсекогаш користеле различни форми на изразување за да се пренесе чувство, состојба на едно општество, да се прикажат клучни моменти од историјата или пак перспектива на време и простор, и секогаш успеваат во тоа. Така и дизајнот игра круцијална улога во решавањето на општествените прашања како што е донирањето органи и трансплантацијата. Јa има моќтa да информира, да ја подигне свеста и да иснпирира акција. Преку стратегиски осмислени пораки, може визуелно да ги раскаже причините и пристапите и ефективно да допре до консументите, да го пренесе значењето на оваа тема и да ги мотивира луѓето. Преку информативни кампањи, интерактивни веб страници или атрактивни визуелни материјали, информациите повеќе допираат до индивидуите, и така, тие носат информирани одлуки со што се рушат митовите и недоразбирањата.
Во светот многу позитивни иницијативи за човештвото уживаат поддршка од уметници, со цел гласот побрзо да допре до јавноста... Дали мислите дека кај нас има клима за почести неформални акции меѓу уметниците – со цел да се подигнува свеста и да се направи поглем импакт за прашања кои се општествени и животно важни за сите нас? Прашања кои неправедно се во сенка.
Во едно општество, во кое, за жал, се чини како многу работи да се во сенка и се соочува со многу предизвици, уметниците имаат витална улога во решавањето на социјалните прашања преку неформални акции, со цел потикнување позитивни промени. Во тој контекст, тие преку својата креативност и имагинација треба повеќе да се вклучуваат во решавање на општествените проблеми со цел да се подигне свеста и да се придонесе кон позначајни решенија. Со нивно здружување тие имаат моќ да го демонстрираат трансформативниот потенцијал на уметноста како катализатор за позитивни општествени промени. За жал, мислам дека нема доволно такви акции.
Каква беше првата реакција кога дознавте дека вашиот постер е награден? Кој прв дозна?
Беше доцна навечер кога го видов среќниот е-маил кој ја носи најдобрата вест! Сите позитивни емоции на светот мислам дека ги доживеав одеднаш, многу бев среќна и возбудена. Таа ноќ се борев со несоница, од среќа.