Актуелно, Доза вести, Инклузивно општество

Без работа – како без живот. Денес сѐ е поинаку!

Време на читање: 7 минути
- банер -

Марко e млад човек. Нема богата работна биографија, ама имаше силна желба да си направи структура во денот. Да се чувствува исполнето, реализирано, задоволно. Да си поставува нови скалила и да чекори по нив.
Самодовербата беше мала, но, поддршката од најблиските огромна.
Тоа е и причина денес Марко, или Марче, како што го викаат блиските, да чувствува огромна промена во својот живот
.

Анета Ристеска
Фотографии: Ирина Крстевска

Замислете, денот ви е исполнет, го работите тоа што го сакате, можете да придонесете за себе и за опкружувањето, за општеството.

Оваа замисла денес е реалност, а само пред неколку месеци беше желба на 21-годишниот Марко Младеновски, кој сега е вработен во продавница на позната модна групација.

Патот до таму не беше мазен, ама и Марко, и средината околу него, не се штедеа за секој од свој агол да придонесат за приказна во која сега нашиот главен херој вели дека е пресреќна личност и дека четири часа работа му се малку. Сака повеќе.

Мала самодоверба, големо охрабрување од блиските 

Марко е млад човек. Нема работна биографија, ама имаше силна желба да си направи структура во денот. Да се чувствува исполнето, реализирано, задоволно. Да си поставува нови скалила и да чекори по нив.
Самодовербата беше мала, но, за среќа, поддршката од најблиските огромна.
Тоа е и причина денес Марко, или Марче, како што го викаат блиските, да чувствува огромна промена во својот живот.

– Пред да се вработам се чувствував многу осамено и мислев дека животот нема никаква цел за мене. Денес работите се сменија. За една личност планот за текот на денот значи многу. Сега, покрај работата, расположен сум и за шетање, дружба со другарите, излегување… – вели Марче.

- банер -

Неговата енергија сега има само нагорна линија. За кратко време, само неколку месеци по ангажманот во продавницата, тој почувствува дека може да работи и повеќе од 4 часа, па реши да се приклучи и во продажба на списанието за одржлив развој „Лице в лице“.

Промената е стопроцентна

Но, како почна сè?
Првиот потег за градењето на успешната приказна дојде од неговиот пријател Кристијан Аврамоски (Кико). Пријателството им датира одамна, живеат во исто соседство. Марче, вели, не му е само пријател, туку брат. Брат за кого грижата е природна работа.

Кико ни се јави во канцеларијата на „Паблик“ и се интересираше како може да му помогне на Марко да излезе од состојбата што не е посакувана за никого, најмалку за млад човек. Да се биде претежно дома, без друштво, без работа. Средбата со нашата менторка за работна интеграција Магдалена Чадиноска-Кузманоски се случи многу брзо по повикот.

– Марко беше дете што се мачеше да се пронајде себеси. Немаше многу пријатели и секое конкурирање за работа му завршуваше безуспешно. Кога сте во тие години, таквите работи можат да влијаат многу врз вашата психолошка состојба. Со неговата менторка Магде успеавме да го насочиме да се пронајде себеси, а тој успехот го оствари сам, со неговата макотрпна работа – вели Кристијан.

Промената ја оценува како стопроцентна. Вели дека Марко многу добро разбрал пред какви предизвици треба да застане за да го промени своето секојдневие.

– Светот е една голема ајкула, која во секој момент може да те голтне ако не играш по правилата. Најголем проблем за Марко беше неговата комуникациска вештина. Му укажувавме дека со неговиот влез на пазарот на труд, комуникацијата ќе му биде основна алатка за работа. Со текот на времето, преку тримесечната менторска работа, почна повеќе да се социјализира, да запознава нови пријатели, да презема иницијативи за многу работи. Едноставно, сега веќе го прави тоа што го прават повеќето луѓе на негова возраст и одлично се вклопува во сите општествени текови – додава Кико.

Кристијан Аврамовски (Кико)


Менторството – клучно во позитивните животни промени

Менторката Магдалена вели дека при работата со лица со лесна попреченост клучна е поддршката и иницијативата од трети лица. Доволно е, нагласува, да препознаат и да се обратат на вистинското место, а потоа стручен работник може да преземе и да води понатаму.

– Марко беше вклучен во програмата социјално менторство за работна интеграција. Редовноста и точноста на нашите средби беше показател дека здобивањето работни навики кај него нема да биде тешко. Изработивме индивидуален план за развој и го упативме на МКФ-процена, која е важна за ваквите инклузивни вработувања. Тоа е комисија што ја одредува работната функционалност на лицата. Следуваше разговор со претпријатија. Важно е да бидеме свесни дека овие вработувања се малку поинакви, тие, можеби, некогаш не се различни во однос на квалитетот што го добиваат работодавците, но на лицата им е потребна поинаква и потемелна поддршка – вели Чадиноска-Кузманоски.

За жал, додава таа, поголем дел од претпријатијата сè уште не се подготвени за ваков вид вработување или имаат нереални очекувања од лицата, па мора да се внимава на работната средина и атмосфера во која влегуваат овие лица.

– Кај Марко сите овие работи ги земавме предвид и тој веќе неколку месеци е дел од одлична работна атмосфера со соодветна поддршка и секојдневно се развива и ефективно придонесува на работното место – нагласува Магдалена.

За Марко оваа менторска релација има клучно влијание во позитивните промени во неговиот живот. Вели дека менторката Магде е важна личност во неговиот живот.

– Нејзиното влијание врз мене е многу големо. Нејзината практика за дисциплина и работни вештини ми помогнаа да се надградам како личност. На крајот, едно реторичко прашање: Има ли нешто поблагородно од тоа да работиш со лица на кои им треба помош? – прашува Марче.

Магдалена Чадиноска Кузманоски

Поддршката е најважна!

И неговата менторка е задоволна од постигнатите резултати. Вели промената е забележлива затоа што држењето, ставот и погледот на Марко зборуваат многу повеќе од самите зборови.
–  Велат дека и среќата и тагата се гледаат по очите. Кога ќе го погледнете Марко сега се гледа дека доминира среќата. Се чувствува корисен, исполнет, среќен и со многу поголема самодоверба. Кога на нашиот прв состанок го прашав дали сака да работи, тој ми одговори со прашање, сосема зачуден: „Јас да работам? Сакам многу, ама не знам дали ќе успеам“. Замислете, сега кога успеа, како се чувствува. Јас верував уште тогаш и верувам и сега дека лице што е добро поддржано, со добра процена во која работна атмосфера и услови може да се вклучи, може и да се вработи и, уште поважно, да го задржи работното место – категорична е Чадиноска-Кузманоски.
Лично, смета дека менторството треба да биде услуга што ќе ја добие секое лице со попречност при процес на работна интеграција. Многу е полесно за лицата со попреченост кога знаат дека некој стои до нив и им е достапен за какви било предизвици, кои, очекувано, можат да се јават на самото работно место.

Ја прашувам, што е најважно за успешна интеграција на лица со попреченост.

Поддршката, вели. Поддршката од блиските, околината, но и менторската поддршка, која има и дел на застапување, посебно кај оваа целна група. Мораме, вели, да бидеме сигурни дека ги оставаме во вистински раце затоа што целта на вработувањето е да направиме прогрес на работните вештини и на целиот квалитет на живот на лицето, а со погрешен избор, многу лесно може да се направи регрес и лицето да се почувствува уште полошо.

– Ние и во случајот на Марко имаме типичен пример како, всушност, некогаш општеството овие лица неправедно ги чува во социјална изолација. Марко имаше желба, мотив и свесност за потреба од работа уште на првиот состанок, и јас му поверував. Tој го оправда тоа со фактот што една недела пред да почне да работи не спиел од возбуда дека во животот ќе му се случи таква промена. Тој и сега половина час пред да почне работното време веќе e пристигнaт на работа, за секој случај, да не задоцнел – раскажува Магдалена.

Моќта на пријателството

И Кристијан вели дека треба многу повеќе да се унапредат можностите во нашиот систем наменети за лицата со попреченост.
– Државата мора многу повеќе да се занимава со овие прашања. Сметам дека треба да постои и закон според кој секоја компанија со повеќе од 15 вработени ќе треба да интегрира и лица со попреченост во своите редови, кои ќе бидат соодветно ангажирани. Во моментов сме далеку од тоа. Но, кога ќе го промениме тоа, ќе значи дека сме успеале како држава – вели тој.

За крај, го прашувам Марко, што би им порачал на други лица што се наоѓаат во слична ситуација како него пред да се вработи. Каков чекор да преземат? Не се двоуми многу за одговорот.

– Да веруваат во себе и да се социјализираат затоа што во светов сè уште има луѓе што се подготвени да те поттикнат за да се пронајдеш себеси – заклучува Марче.

Само малку пред тоа, пак, Кико, прашан за тоа што значи за него пријателството со Марко, донесе одговор со иста сила.

– Не е тоа пријателство. Нашиот однос е повеќе братски, секогаш ќе бидам тука за него, а и тој за мене – сподели Кристијан.

Шансата ја дава бизнисот, а подготовката менторот за вработување

Триаголникот ментор за вработување – лице со кое се работи – бизнис е клучен во постигнувањето позитивни промени, како најчесто финале на менторскиот процес.
Тоа што е исклучително важно во оваа релација, посебно на почетокот, е улогата, заложбата на менторот, но и мотивираноста на лицето што сака да направи промени кај себе. Излегувањето од зоната на комфорот не е едноставна работа. Откако ќе го извадите лицето од таму – вие мора да му дадете поддршка за да истрае до целта – вели менторката Чадиноска-Кузманоски.
– Тоа е процес што трае во зависност од самото лице и од хемијата за работа што се создала во текот на процесот меѓу менторот и тоа лице. Кога ќе почувствуваме дека е подготвено за работа, тогаш почнува следна фаза, односно комуникација со претпријатијата. Тука е многу важно доброто поврзување меѓу претпријатијата и лицето. Бизнисот има многу важна улога. Вие можете да направите сè и сите фази да бидат успешни, ама ако не најдеме соодветен бизнис, тогаш не би имало каде да провериме што се сме научиле – вели таа.
Шансата лицето да види колку навистина може, сепак, на некој начин, ја дава бизнисот со одлуката да го вработи. Тоа е првиот чекор, но, не и единствен, доколку се настојува вработувањата да бидат одржливи. 

– Отвореноста на бизнисот, која кога зборуваме за лицата со попреченост, во исто време, значи и стрпливост, е многу важна. Соработката на менторот и на бизнисот за таа повисока цел, лицето да остане што подолго на работното место и, по можност, уште повеќе да се развива, е, всушност, клучот на успехот. Мора и отворено да зборуваме што и колку очекуваме од лицата со попреченост, како се поставуваме кон нив, како тие ги доживуваат нашите реакции, реакциите на колегите на работното место, пристапноста,  пристапот до работното место… Сето ова покажува колку еден бизнис е општествено одговорен. Одамна пакетот со донирана храна и облека стана само најлесен начин да покажеме дека правиме нешто за општеството. Новиот пристап го илустрира една стара поговорка, која е и првата лекција на факултет на секој социјален работник „Немој да ја ловиш рибата за лицето, научи го само да ја лови, за никогаш да не биде гладно“. Во исто време, бизнисот, со шансата што ја дава – не губи ништо, туку добива нов работник на кој му е потребно само малку поголема посветеност и стрпливост за да достигне суперквалитет на извршување на работните задачи – објаснува менторката за вработување.

Полека, но, забележливо, вели таа, се менува свеста кај луѓето, иако има уште многу работа за да речеме дека сме постигнале солидно ниво на процена на степенот на одговорност кај компаниите.

– Денес луѓето сè повеќе истражуваат од кого би купиле одреден производ, а на одлуката влијае одговорноста што ја има претпријатието кон општеството, од каде што, всушност, и го црпи приходот – заклучува Магдалена. 

Напишете коментар