Менторската програма ја водеше младата Ивана од несигурност до професионален успех, помагајќи ѝ не само да најде работа, туку и да се избори со лични предизвици и да гради стабилна иднина за себе и своето семејство
Анета Ристеска
Силната врска што се гради меѓу менторот за вработување и менторираното лице отвора врата за длабока доверба и постојана поддршка, кои имаат моќ да надминат и најголемите предизвици. Оваа релација не само што ја олеснува професионалната трансформација, туку ја поттикнува и личната сила, создавајќи простор за промени што може да изгледаат невозможни, но стануваат реалност.
Еден таков пример е и односот што го создадоа менторката Ирена Туфекчиева од Битола, и нејзиното менторирано лице, Ивана, млада мајка на три деца. Начинот на комуникација, заедно со континуираното храбрење од страна на менторката, овозможија Ивана да најде начин како да ја оствари својата визија за подобра иднина.
Затоа, за неа, менторската програма претставува алатка за професионален успех, ама и клуч за решавање на личните проблеми со кои се соочувала. Со поддршка на Ирена, таа не само што пронајде работа, туку и ја откри својата страст за тетовирање, што дополнително ќе ѝ донесе финансиска стабилност. Менторството ѝ овозможи развој на професионалните вештини, како и сигурност во личниот живот.
Кога Ивана за прв пат се вклучила во менторската програма, имала големи очекувања, но и сомнежи за тоа како ќе ги оствари своите професионални и лични цели. Како млада мајка на три деца, чија грижа ја одалечила од пазарот на труд речиси повеќе од две години, знаела дека ќе се соочи со предизвици. Но, со поддршката и насоките од Ирена, процесот станал многу поедноставен. Следеле редовни консултации за професионалните задачи и за напредокот, но и за некои лични проблеми.
– Нашиот однос се базира на доверба и со една таква поврзаност можев да ја поддржам не само во професионалниот развој, туку и во решавање на нејзините приватни предизвици кои што го отежнуваа нејзиното излегување на пазарот на труд. Таа е амбициозна и свесна е за нејзините квалитети и вештини. Умее добро да ги примени како во работата која што денес ја работи, така и во процесот на стекнување нови знаења кои во блиска иднина ќе ѝ овозможат да го зголеми месечниот приход, споделува менторката Ирена.
Токму ваквата доверба и поддршка ја охрабриле Ивана да направи значајни чекори во својата кариера.
– Од менторката добивав максимална поддршка во секој поглед. Достапна беше за решавање на секој проблем или дилема која ја имав. Ми помогна во креирањето CV, во пребарувањето огласи за работни места, кога на еден од нив и аплицирав, и до ден денес успешно си ја работам работата, вели Ивана.
Нејзината посветеност кон професионалниот развој се гледа и во фактот што, освен работата која ја добила, во сектор продажба, таа започнала и курс за тетовирање, што во иднина ќе ѝ овозможи дополнителни приходи.
Но, менторството за неа не е само на полето на професионален успех.
– Менторката Ирена ми даде и правни совети кои ми помогнаа да се справам со проблеми со извршителите и ме охрабри да се соочам со моите стравови, вели таа. Оваа човечка димензија на менторството ја одвела до трансформација, не само во кариерата, туку и во приватниот живот.
И менторката Ирена не го крие задоволството.
– Ме радува што ги исполнивме целите од планот којшто заедно го изработивме и останува да го следам нејзиниот раст и развој. Повеќе од сигурна сум дека е на добар пат.
(Овој текст е дел од едицијата написи што ги следат успешните приказни на програмите „Социјално менторство за работна интеграција“ и „Менторство за вработување“. Преку овие програми се обучуваат ментори кои активно делуваат во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, овозможувајќи позитивни промени во животите на многу индивидуи и заедници.)
Photo: Freepik