Доза вести, Лице в лице

Шведски и руски филм најдобри на „Џифони Македонија“

Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е прогласен за најдобар кај јуниорите (шесто до деветто одделение), додека рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и сениорите (прва до четврта година средно) на 13. „Џифони Македонија“, што заврши синоќа.

Вообичаено, по проекциите во повеќе категории, жирито на фестивалот, составено од сите учесници , гласа за наградите. Кај јуниорите, најдобар краток ученички филм е „Безвредна борба“ (Combat de merda) од Нико Ферари и Таина Арагонес (Шпанија), а најдобар краток филм е „Метеора“ на Микеле Бучи (Италија). Во категоријата кадети и сениори, најдобар ученички филм е „Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија), а за краток филм најмногу гласови доби „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). Најдобар анимиран краток филм е „17 часот“ од Флака Коколи (С. Македонија / Косово).

Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска се првите учеснички избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.

На последната вечер во киното „Фросина“ беа презентирани резултатите од работилниците за мјузикл, фотоизложба и кратки филмови, прикажувајќи го талентот на младите џифонци предводени од нивните ментори. Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“.

-Ви благодарам за целата поддршка и за големата мотивација. Џифони фестивалот е голем извор за мотивација и инспирација. Тие џифонци што ја посетуваат Италија го знаат тоа – истакна Дарко Башески, директор на фестивалот „Џифони Македонија“ во поздравниот говор.
Давиде Русо, пак, директорот за институционална соработка на „Џифони експериенс“ му се заблагодари на тимот на „Џифони Македонија“ за добрата работа.

Во изминатите шест дена Скопје беше домаќин на 400 учесници од Македонија, како и 30-ина од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и Црна Гора, кои беа сместени кај нивните врсници од Скопје.

Напишете коментар