Капитализмот, во согласност со својот концепт, присвојува работи што не биле дел од постојната пазарна динамика и, откако ќе ги прогласи за свои, присвоените „добра“ ги третира како стока со која тргува и од неа создава вредност. Денес, новиот набљудувачки капитализам (surveillance capitalism) на пазарот ја внесува новата стока, која најкратко би можеле да ја дефинираме како „лично човечко искуство“
Небојша ИЛИЈЕВСКИ
Додека климатските промени алармираат дека куќата ни е во пламен, капитализмот базиран на набљудување треба да нѐ предупреди дека и домот ни гори. Ако планетата е нашата куќа, општеството ни е дом – тоа што сме, односите што ги градиме, пријателите, семејството, искуствата.
Токму овој квалитет, кој е релативно незабележлив во нашата дневна динамика бидејќи, на некој начин, се подразбира и се случува паралелно со „главните ангажмани“ што ги имаме, професијата, егзистенцијата, задоволствата, е определената цел на пазарниот процес, кој веќе вреди стотици милијарди долари.
Како што расте интересот за него, токму начинот на кој живееме едни со други (и со себеси) станува загрозен и тоа на крајно бениген начин, поради работите што, можеби, пропуштаме да ги видиме во нашата активност на интернет, која сега е веќе секојдневна.
Подготвени сме, можеби, да кажеме: „Јас, всушност, ги сакам наменските реклами. Ја сакам удобноста работите да ми се на еден клик од тоа што го посакувам. И затоа сум подготвена да тргувам. Да дадам X дел од својата приватност за Y вредност мерена во удобност или задоволство што ги добивам за тоа ’небитно‘ парче податок“.
Но овде пропуштаме да видиме дека не сум јас тој што е загрозен во овој начин на „тргување“. Загрозени сме ние, како колектив, како општество, како човештво.
Заблудата за ресурсите – фундамент на традиционалниот капитализам
Капитализмот е познат по тоа што почнува да цути откако ќе почне да присвојува работи што дотогаш не биле дел од постојната пазарна динамика и откако ќе ги прогласи за свои, ги претвора во стока со која тргува и од неа создава вредност. Како пример можеме да го земеме познатиот феномен на присвојување на природата како сопствен ресурс што е претворен во стока од која капиталистот создава вредност што ја носи на пазарот и од неа прави профит. Така, место шуми и ливади, сега имаме „недвижен имот“, кој можеме да го купуваме и продаваме. Резултат на тој вид капитализам, кој денес го викаме традиционален, е еколошка, социолошка и спиритуална катастрофа, пред која сме исправени. За него уште во 1948 година предупредуваше економистот Карл Поланиј, кој забележи дека природата, човекот (човековиот труд) и парите треба да се користат за да ги задоволат потребите на човекот, а не на избрани групи поединци.
Што прави капитализмот базиран на набљудување?
Денес почнува да се наѕира нов вид капитализам. И тој пронашол нешто што е надвор од пазарната динамика и, се чини, нашол начин како да го вметне во неа и да го прогласи за своја нова „стока“. Сосема е легитимно прашањето каде има намера да нѐ однесе капитализмот што се наѕира. Неговиот дух е вткаен во нашето секојдневие. Ако е телефонот последното нешто што го исклучуваме навечер и првото нешто што нѐ буди наутро, веројатно можеме да сметаме дека тој веќе ни е и во соништата. Големиот брат што нема намера да нѐ остави на мир.
Стоката што е на пазар денес е „личното искуство на човекот“. Токму нашето искуство, нашите податоци што ги откриваат нашите навики се новата суровина што е изнесена на економскиот пазар.
Што прави капитализмот базиран на набљудување?
Ги зема нашите податоци без да му биде дадена дозвола за тоа и ги изнесува на пазарот, односно му ги продава на некој што сака да ги купи бидејќи од тоа ќе направи профит. Велиме без дозвола бидејќи повеќето луѓе, навистина, не се свесни дека се случува тоа и тогаш не постои дилема дали во некој момент е дадена согласност за податоците да се користат за такви цели.
Собраните искуства од нашето однесување на интернет и надвор од него (онлајн и офлајн) новите капиталисти ги претвораат во податоци. Вџашувачки е како од овој добро организиран и темелно анализиран ресурс (податоци) може да се добие друг вид податоци организирани на начин што е високо вреднуван на пазарот поради „сигналите“ за нашето потенцијално идно можно однесување што се содржани во него.
Размислете пред да стиснете „се согласувам“!
Во 2002 година „Гугл“ овие податоци ги викал издувни, односно во тој момент не постоела вредност зад нив. Бидејќи никој не можел да ја види нивната вредност, првите што успеале да го направат тоа, го искористиле моментот.
Тоа што се случи е нештото што го видовме и со присвојување на земјата и на другите ресурси. „Гугл“ и другите гиганти како „Фесјбук“, „Амазон“, „Мајкрософт“, повторно, како некогаш со земјата, направија декларација со која велат:
„Вашите лични информации се нешто што можеме да го земеме и да го користиме. Тие се бесплатни, сурови материјали. Бидејќи се сега во наша сопственост, можеме да правиме што сакаме со нив. Податоците, преку низа пресметки и анализи, ги претвораме во услуги и во продукти, кои потоа ги продаваме. Продуктите ги носиме на пазарот и од нив создаваме приход и, секако, профит“.
Денес овие податоци вредат многу. Тие се праќаат во „нови фабрики“ во кои работат софтверски роботи (ботови), односно алгоритми, најчесто на вештачката интелигенција, која ги сортира, прави смисла од нив и ги подредува во податоци што имаат висок коефициент на предвидливост на однесувањата на тие на кои тие се однесуваат.
За нив постои висок интерес кај деловните ентитети, претпријатијата што сакаат да ги знаат нашите планови за во блиската или подалечната иднина.
Овој вид ресурс се користи во сите индустрии, во високата технологија, здравството, недвижниот имот, осигурувањето, образованието, трговијата и така натаму. Практично, во сите уреди што почнуваат со забелешката „паметни“ и во сите услуги со забелешката „лични“ (персонализирани).
Бидејќи низ платформите што ни ги нудат, ние со едно притискање на „се согласувам“ им овозможуваме да ги добијат податоците за нашето однесување и од нив да направат бизнис што вреди милијарди долари.
Целиот овој синџир на новиот капитализам базиран на набљудување се потпира врз нашите податоци, кои се претворени во информации за однесувањата што се наши, но не се за нас бидејќи ги користи некој друг. А ги користи бидејќи… може.
(Авторот е дел од тимот на „Холистик комуникации“)