Актуелно

Трансформација на капитализмот: 7 акупунктурни точки

Ото Шармер е професор на МИТ, економист и автор на „Теорија У“, методологија важна за општествена промена, која, токму сега ни е најнеопходна

Игор Петровски

Терминот „нова економија“, како што уште пред три години за „Хафингтон Пост“напишал познатиот автор и професор на престижниот МИТ, Ото Шармер, често бил користен за време од дот-ком меурот пред 20-тина години. Под „новата економија“ се подразбирал нов сет правила што треба да го заменат традиционалното функционирање на „старата економија“. Денес, под овој термин веќе не подразбираме само дигитализација, туку многу поширок дијапазон на социјални, еколошки и културно – креативни предизвици на нашето време. Кога зборуваме за преминот кон „новата економија“ или „новиот капитализам“, тоа значи трансформација на сегашниот капитализам кон економски систем којшто создава благосостојба и просперитет за сите битија, човечки и нечовечки, вклучително сегашните и идните генерации.

Како што вели Шармер, суштината на трансформацијата на капитализмот – или креирање на нова економија, често се преклопува со активностите што се одвиваат под капата на корпоративната општествена одговорност – КОО. КОО активностите секако дека се значајни, како и многуте активности поврзани со одржливоста, коишто ги преземаат милионите бизниси низ светот. Но, вистинската трансформација мора да подразбира корекција на грешките во дизајнот што ги има основната архитектура на капитализмот денес.

Според Шармер, добрата вест е што иднината е веќе тука. Во моментов, на повеќе места во светот, се случува цел еден спектар возбудливи експерименти што ги ставаат во функција новите економски концепти и идеи. Некои од нив се во контекст на закрепнување на екосистемите. Други ја допираат циркуларната економија и имплементацијата на т.н. „cradle to cradle“ или „регенеративни“ принципи во светот на бизнисот. Трети експериментираат со комплементарни валути што треба да донесат просперитет и поголема благосостојба на локалните заедници. Четврти ја форсираат промената на даночните системи. Иуште многу други што се фокусираат на интерфејс помеѓу економијата и општеството, на прашањето за „базичните права на планетата Земја“, или пак на новите медиумски платформи што треба да го засилат и споделат наративот за новата економија.

Меѓу сите овие фасцинантни приказни, недостасува системска поврзаност помеѓу иницијативите. Тие често се развиваат и имплементираат во т.н. „силоси“, затоа што нема платформи за споделување, механизми за координација, или споделени ментални мапи што ќе направат да биде видливо како сите овие иницијативи може да се поврзат за да ја поддржат поголемата слика на економската трансформација.

Шармер идентификува најмалку седум, како што ги нарекува, акупунктурни точки, кон коишто ако се фокусираме симултано, ќе можеме целосно да направиме ажурирање на економскиот оперативен систем, со префрлање од его во еко режим на функционирање. Овие седум акупунктурни точки се: природата, работната сила, парите (трите класични фактори на производството), технологијата, менаџментот (двата фактори додадени во матрицата на производството во поново време), потрошувачката (корисничката страна на равенката) и водството (како сето ова да се склопи и одржува во синергија).

Во продолжение, појаснување за секој од нив:

1. Природа: од ресурси кон еко – систем

Предизвикот тука е да се затвори јазот помеѓу неограничениот раст и ограничените ресурси. Во денешно време, за една година, нашата единствена планета користи природни ресурси на 1,5 планети. Па така, предизвикот е да се редефинира природата како еко – систем, повеќе отколку како ресурс. Наместо третирање на даровите од природата како производи што гикупуваме, користиме и фрламе, мора да го третираме природниот свет како циркуларна екологија што треба да ја култивираме и коеволуираме со неа. Потпорни точки на свртување кон оваа насока се: циркуларна економија и „cradle – to – cradle“ принципи на дизајн; реставрирање на еко – системот и циркуларно земјоделие.

2. Труд: работата не е само „работа“

Предизвикот тука е да се реобмисли нашиот концепт за работа. До 2050 година, проценките се дека 40% од нашите моментални работни позиции ќе бидат заменети од вештачката интелигенција. Наместо да мислиме на трудот како „работа“ што ја извршуваме за да заработиме пари, мораме да ја поврземе работата со изворите на нашата креативност и со патешествието за реализирање на нашиот највисоко потенцијал. Клучните потпорни точки во оваа насока се: грантовите за базичен приход и учењето како да го активираме својот највисок потенцијал.

3. Пари: пренасочување на текот

Предизвикот тука е да се пренасочи текот на парите за подобра поддршка на реалната економија. Денешната ситуација е дека има премногу пари на едно место – шпекулативни пари – и премалку пари на друго место – импакт пари што служат за обновување на нашите еколошки, социјални и културни ресурси. Главната цел на парите не треба да биде екстрактивна, туку целисходна, за задоволување на реалните потреби, иницијативи и обнова на ресурсите. Клучни потпорни точки во оваа насока се: циркуларните валути; реформи на даночниот систем, од трудот кон ресурсите.

4. Технологија: поттикнување наместо редуцирање на креативноста

Овдешниот предизвик е да се искористи технологијата за поттикнување на сителуѓе да станат креатори на своите светови и системи, попрво, отколку нивни пасивни реципиенти, без оглед на нивото на коешто функционираат. Повеќето од глобалните ресурси за истражување и развој се фокусираат на производни иновации наменети за луѓето што се во топ 20% од скалилото на приходи, додека многу малку, или пак воопшто ресурси не се трошат за иновации наменети за луѓето што живеат на дното од социјалната пирамида. Потпорни точки за новите социјални технологии се: алатки за ефектна визуелизација во реално време за индивидуалци и заедници (прескокнување на социјално – еколошкиот јаз), алатки за себеспознавање преку огледалото на целината – индивидуално и како заедница.

5. Менаџмент: кокреирање наместо хиерархија

Предизвикот е да се надмине масивниот неуспех на лидерството во сите големи институции и сектори. Наместо креирање на повеќе индивидуални супер егоа, треба да изградиме капацитет кај лидерите за кочувствување икообликување на иднината на ниво на целокупен систем. Потпорни точки за движење во оваа насока се: инфраструктури за кочувствување, односно гледање на системот од рабовите, а не одозгора надолу и механизми за градење капацитет што го поддржува преминот од его кон еко филозофија.

6. Потрошувачка: од БДП кон благосостојба

Предизвикот е да се донесе благосостојба во заедниците и државите каде што во моментов поголем бруто домашен производ (БДП) не значи и подобар животза нивните граѓани. Повеќе аутпут, повеќе потрошувачка, повеќе зафатеност незначи и повеќе среќа. Наместо промовирање консумеризам и метрики од типот на ГДП, мора да имплементираме практики на т.н. економија на споделување (sharing economy) и мерење на благосостојбата со параметри како бруто национална среќа (БНС) или индикатор за вистински прогрес (ИВП). Потпорните точки во оваа област се: практики на sharing economy и нови економски индикатори и партиципативно буџетирање.

7. Лидерство: колективна акција базирана на свесност

Предизвикот е да се затвори јазот помеѓу донесувањето одлуки во нашите комплексни системи од една страна и она што секојдневно го преживуваат „заборавените луѓе“ од друга страна. Редефинирање на лидерството значи надополнување на трите постари механизми за координација со коишто сме запознаени (видливата рака на хиерархијата; невидливата рака на пазарот и мултицентричната координација меѓу посебните групи на интерес) со четврт механизам: делување од позиција на споделена свесност, делување од позиција кога се перцепира целината. Потпорни точки во овој домен се: инфраструктури што прават системот да се гледа самиот однатре (колективна акција базирана на свесност), права на сопственост врз ресурсите што ги штитат правата на идните генерации (како трета категорија покрај правата на приватна и јавна сопственост).

1 thoughts on “Трансформација на капитализмот: 7 акупунктурни точки

Напишете коментар