Ако еден од нас го прекрши правилото, сите ја плаќаме цената
ЧОВЕКОТ ЕКСПЛОАТИРА - ПЛАНЕТАТА СЕ РАСПАЃА
Ние, луѓето, се будиме секое утро несвесни дека светската економија, во просек, консумира ресурси за 1,5 планета. И во ова време на активна злоупотреба на природата, која се урива пред нашите очи, една жена од Бекирлија ни одржа лекција. Атиџе, хероината од филмот „Медена земја“, кој се закити со три награди на престижниот „Санденс“, ни покажа како треба да се живее во согласност со природата водејќи се според основното правило на одржливоста – „земи половина, остави половина“
Марс (за негова среќа) не се отвора кон нас, луѓето, жителите на планетата Земја. Знае што ѓубриња сме, секојдневно го гледа тоа, иако од дистанца. Дурбинот на Марс гледа накај „сината планета“ и дава податоци дека ние, луѓето, се будиме секое утро несвесни дека светската економија, во просек, консумира ресурси за 1,5 планета. Внимавајте, тоа е во просек! Прочуениот професор на Институтот за технологија во Масачусетц (МИТ Универзитет) и основач на теоријата „У“, Ото Шармер, вели дека САД, на пример, го надминува трошењето како за пет планети. Во недостиг на таа половина планета, која ја немаме (или, тие четири, ако сте Американци), крајно време е да се погледнеме в огледало, да си плеснеме шлаканица и да си речеме: „Им ја крадеме иднината на нашите деца“.
Податокот дека 66 милиони деца што посетуваат основно образование во земјите во развој, одат гладни на часови не го наоѓаме на секој агол. Но, постои. Факт е. Во исто време, една третина од сета произведена храна завршува скапувајќи во кантите на потрошувачите, на маркетите или, пак, се расипува. Бесмислица, нели!
Немаме ли морална одговорност? Како луѓе што се дел од оваа планета, како живи суштества, чијшто живот зависи од воздухот што го загадуваме, од водата во која фрламе пластика, од земјата што ја закиселуваме вшприцувајќи ѝ пестициди, садејќи неавтохтони видови…
Пред само неполн век нашите баби и дедовци произведувале и користеле толку колку што им било потребно. Кажано со денешен речник, биле самоодржливи. Работеле многу, a користеле малку. Всушност, не малку, туку колку што им било потребно. А ние сега?
Прашајте се со колку пластични кеси се вративте од пазарување, кој го направил ручекот што го јадете, кој ги собрал состојките од нива, а кој го заклал прасето што стои веднаш до гарнирот од органски зеленчук. Дали одговорите ви отвораат некоја нова ќелија?
Консумеризмот владее, а нашите пазарно ориентирани општества ја потценуваат врската што ја има човекот со заедницата, сочувството, културата, општествените релации, секако, во крајност, и со природата.
Благосостојба на малкумина за сметка на сите други
Сметајќи се за интелигентен вид, човекот направил толку многу, а, сепак, ја уништува својата создателка, својата мајка природа. И тоа го прави во континуитет. Дојдени сме до точка од која нема враќање. Светските движења за нула отпад, за одговорност во консумирањето, за етички пристап кон нашите капиталистички навики се дел од решението. Светската политичка елита и глобалните развојни агенции составуваат планови и агенди за итни предизвици, кои е потребно да ги адресираме. Така, на тацна ни е ставен планот за глобалните цели за одржлив развој и за нивно достигнување. Умни луѓе, професионалци, претставници на различни ентитети се собрале и работеле на документ што треба да постави поинакво „вртење“ на земјата околу нејзината оска. Практично, дадени ни се насоки, кои секој од нас треба да ги следи како свое свето писмо.
Сепак, поединецот и понатаму дејствува како ништо да не зависи од него. Како, божем, за одржлив развој да се одговорни само тие на кои им е тоа работа.
„Нека му ја мислат активистите, тие од невладините организации и политичарите. На цела работа уште тоа ми недостига, да мислам за природата“ – вели еден познајник допивајќи го своето кафе за носење во канцерогена чашка од стиропор, по што го фрла догорчето од прозорецот на својот автомобил.
Вели, не фрла ништо друго низ прозорец, само догорчињата. Морал, за да не му се замириса автомобилот. Неговата пластифицирана визит-картичка вели директор на маркетинг. Што ли ќе рекламира кога, конечно, ќе отидеме сите по ѓаволите.
А натаму сме тргнале.
Додека размислуваме за одговорностите, го гледаме профилот на Атиџе, рурална жена од Бекирлија, последната одгледувачка на диви пчели, како граби напред, угоре кон ридот. Нејзината приказна за која светот чу преку документарниот филм „Медена земја“ го премина океанот и ги зеде највисоките признанија што едно независно документарно остварување би можело да ги има, добивајќи три награди на престижниот „Санденс“. Тоа значи дека филмот доби три награди „Оскар“ во независната филмска документаристика! Атиџе е хероината од филмот, жената што ни одржува лекција за тоа зошто е важно да дејствуваме во согласност со природата. Режисерката Тамара Котевска, која заедно со Љубомир Стефанов е авторка на филмот, објаснува дека Атиџе на едноставен начин нè потсетува на тоа што сме го заборавиле – дека ние сме зависни од природата, но и таа од нас.
– Токму затоа треба да ѝ оставиме една половина од ресурсите што ни ги дава на користење за да може да се обноват и повторно да има за сите. Токму ова е основното правило на одржливоста: „земи половина, остави половина“.
Стефанов објаснува дека живееме во време кога искористувањето на природните ресурси го има постигнато својот врв.
– Историски гледано наназад, искористувањето денеска е поголемо од кога било. Тука нема голем простор за оптимизам. Тоа го диктира моќта – благосостојба на мал број, за сметка на сите други – дециден е Стефанов.
Исклучително е важно сите да сме Атиџе
Хероината на „Медената земја“, Атиџе, живее живот во согласност со природата, со локалните ресурси што ги користи одговорно.
– Само така може да преживее. Свесна е, тоа природно ѝ доаѓа, не дека некој систем ја научил на тоа – вели Стефанов.
Дали, можеби, токму тој живот надвор од цивилизација, и, би рекле, надвор од „правилата на игра“ на консумеризмот, ја задржале Атиџе на вистинската патека?
Стефанов вели дека принципот на Атиџе не е нешто што таа го декларира.
– Таа го живее тоа. Ако земе сè, следната година нема да преживее. Тоа е универзално правило, ако потрошиш сè, нема веќе да има. Нашето општество нè учи да гледаш да земеш повеќе. Атиџе немала кој да ја научи така, нејзиното микроопштество не ја научило на тоа, туку на опстанок, па така таа заштедува за да има и за следната година – објаснува Стефанов.
Режисерката Котевска објаснува дека „Медена земја“, во суштина, е огледало на консумеристичкиот свет во кој се бориме сите ние денес:
– Атиџе има 50 години и целиот свој живот го поминала во согласност со природата. Селото Бекирлија каде што живее не е далеку од цивилизација во километри, туку во време, бидејќи до него нема пат и нема како да се дојде со обично возило. Можеби токму тоа е пресудното за таа жена да научи да живее во рамнотежа со природата, на што ние, луѓето од градовите би можеле да ѝ позавидиме. Оваа жена никогаш не е несреќна. Секогаш е насмеана, полна со живот и е многу интелигентна. Без разлика на фактот што не знае да пишува, таа знае четири јазици и знае да комуницира со секого. За разлика од сè поголемиот број градски високообразовани интелектуалци, кои сè помалку успеваат да се разберат и да бидат вистински среќни. Гледајќи ја оваа жена, макар и на филм, можеби луѓето ќе се потсетат што имаат закопано некаде длабоко внатре во себе: таа исконска мудрост на животот, која му е дадена на секој поединец уште од неговото раѓање и која не смее да биде заборавена – вели Котевска.
Медот да обезбеди образование за децата од медената земја
Токму овој елемент бил и инспиративен за екипата и, се надеваме, ќе биде и за целата јавност. Продуцентот и монтажер на филмот, Атанас Георгиев, објаснува дека за Атиџе е обезбедено пристојно место за живеење во првото блиско село до Бекирлија – Дорфулија. На семејството Сем, пак, им го оставиле службеното возило, а дополнителната акција што се прави по премиерата на филмот, носи нова вредност.
– За нас најзначајно би било ако на локално ниво направиме конкретни промени, не само кај фамилијата, туку во целата заедница.
Екипата е свесна за тоа какво може да биде нивното влијание врз животот на протагонистите.
– Свесни сме дека не смееме да дозволиме да продолжат да живеат во такви услови. До август, кога филмот ќе биде премиерно прикажан на фестивалот „Македокс“, имаме да завршиме огромна работа, да ја спроведеме оваа кампања за менување свест – вели Георгиев.
Котевска објаснува дека тимот што го правеше филмот (освен режисерите и продуцентот, тука се и двајцата сниматели – Фејми Даут и Самир Љума), три години биле дел од животот на двете фамилии и сведочеле на многу предизвици на тие луѓе, меѓу кои било и изумирањето на пчелите поради човечкиот фактор.
Фер и правично користење на земјата, растенијата, животните, практично – на ресурсите што ни ги дава природата, се во срцевината на плановите и на протоколите што се усвоени за доброто на сите нас.
– Ние научивме многу од сето тоа. Доколку го споредуваме правењето документарен филм со собирањето мед, токму затоа што и документаристите се неприкосновени „собирачи“ на човечките приказни од реалниот живот и нивната егзистенција, „слава“ и иднина, зависат директно од „плодовите“ на туѓите животни приказни, тогаш лесно може да се разбере зошто документаристиката се смета за многу „неблагодарна“ професија – авторите доаѓаат, го земаат тоа што им е потребно и заминуваат, но протагонистите живеат со последиците од тој филм цел живот. Согледувајќи го ова, ние решивме да го „примениме“ правилото на кое нè научи Атиџе, па затоа не си дозволивме да го земеме целиот бенефит од оваа фасцинантна приказна за нас. Напротив, сакаме „една половина“ да им оставиме ним. Токму затоа, по снимањето, на Атиџе ѝ помогнавме да си го реши егзистенцијалното прашање и ѝ купивме куќа во соседното село Дорфулија, каде што има основни услови за живот и каде што е поблиску до своите роднини – објаснува Котевска.
Таа додава дека тоа што се обидуваат да го направат со кампањата за купување мед е насочена кон децата од семејството Сем. Таа се спроведува преку сајтот на филмот, Honeyland.Earth и има цел собраните пари да се наменат за школување на, сега веќе, осумте деца од ова семејство.
– Со оваа акција, најмногу се надеваме дека осумте деца на Хусеин и на Љутвие ќе имаат можност да видат и да научат нешто повеќе од таа судбина, која им е веќе наметната и од која не можат толку лесно да избегаат. Најпосле, секој има избор да се врати таму од каде што дошол и да се занимава со што сака, но важното е да се има избор. Вклучувањето на професионалци што ќе работат со нив е неминовно, но за тоа би можеле да зборуваме дури откако ќе има некаков исход од донациите – внимателна е Котевска.
Првпат во историјата на „Санденс“ еден документарен филм е награден со три признанија. Ова е и првпат македонски долгометражен документарец, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција и да освои награди на овој фестивал, и токму поради ова е од големо значење за македонската кинематографија.
„Медена земја“ е во продукција на „Аполо медија“ и „Трис филмс“ и е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и за соработка (SDC), координиран е од „Фармахем“, а е поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Ликови што нѐ освестуваат колку што ни е потребно
Нарушувањето на природната рамнотежа во Бекирлија, руралното место каде што живее Атиџе и каде што е снимен филмот, наспроти нејзините залагања, го прави семејството на Хусеин Сем. Седумте усти за хранење носат неприкосновена жед за повеќе. Умното око на авторите, пак, ја пренесува оваа конфликтна точка со доза перспектива дека во светот на семејството Сем нема гарантиран следен оброк, па неговата неразумност кон природата, кон таа што го храни него и неговото семејство, добива поинаква димензија. Котевска објаснува дека ова семејство на номадски пчелари, кои доаѓаат на истата територија со Атиџе, е типична слика на суровиот консумеризам, чиешто основно правило е да земеш сè што можеш за себе за да го обезбедиш сопственото преживување.
– Но токму поради ова правило се случуваат сите светски војни и токму поради ова правило рокот на природата се намалува и нејзините ресурси стануваат необновливи – вели Котевска.
Продуцентот Георгиев, инспириран од примерот на Атиџе, објаснува дека на луѓето им е потребно многу малку за да бидат среќни – покрив над глава, чист воздух и здрава храна.
– Нашите протагонисти знаеја да ни го покажат тоа на сите нам. Сфативме дека тие не се гладни. Токму природата им дава сè што им треба. Месо не јадат преку лето бидејќи немаат фрижидер и немаат каде да го чуваат. Убиваат животни за храна само во зима, кога и им е потребна поинаква храна и, секако, кога можат и да го сочуваат. Тие молзат само една крава. Млекото не можат да го зачуваат на друго место и молзат само за нив, толку колку што им треба – објаснува Георгиев.
Филмот ме промени како човек, многу научив од Атиџе
Снимателот Даут вели дека секое одење на тимот филмаџии на терен било со план, меѓутоа, по самото пристигнување, активностите на фамилиите нарушувале сè, па морале да се приспособуваат. Така, и моментот на „откровението“ на принципот „половина – половина“ дошол неочекувано.
– Бев сведок кога сфативме што прави Атиџе. Бевме фасцинирани. Снимањето на филмот, навистина, и мене ме промени како човек, многу научив од Атиџе.
Љума, пак, споделува дека екипата станала како семејство со нивните протагонисти:
– Ние заедно јадевме, пиевме, пеевме, се смеевме, плачевме заедно. Односот на Атиџе кон пчелите ни даде доверба, па да не ни помислиме дека сме изложени на опасност. Не носевме никаква заштитна опрема во текот на цело снимање. Љубовта на Атиџе кон пчелите ни влеваше целосна доверба дека треба да им веруваме. Дека треба само да бидеш мирен.
________________________________________
– Глобалната популација ќе достигне 9,6 милијарди луѓе до 2050 година. За да се задоволат нашите моментни потрошувачки навики, ќе бидат неопходни природните ресурси на три планети.
– Од сета вода што постои на нашата планета, само помалку од три проценти може да се користи за пиење. Од неа, пак, 2,5 проценти е замрзната во Антарктик, Арктик и во глечерите, па човештвото мора да се потпре на преостанатите 0,5 проценти.
– Домаќинствата користат 29 проценти од глобалната енергија, а со тоа придонесуваат до 21 процент од емитувањето на јаглероден диоксид.
– Земјоделството овозможува работа за повеќе од 40 проценти од човечката популација. Овој податок укажува дека, во суштина, земјоделството како гранка е најголемиот работодавец во светот.