Актерката Тамара Ристоска учествува на Берлинале таленти
Актерката Тамара Ристоска ќе учествува на престижната програма „Берлинале таленти“ (Berlinale Talents) коja ќе се одржи во рамките на овогодишното издание на Берлинскиот филмски фестивал, еден од најзначајните филмски фестивали во светот. На 23-тото издание на оваа програма Ристоска е избрана помеѓу 3,836 апликанти од 123 држави, а таа е единствената учесничка од регионот.
Ова учеството на „Берлинале таленти“ е огромно признание не само за мене, туку и за македонската културна сцена, покажувајќи дека нашите уметници имаат капацитет да се докажат на највисоко светско ниво – вели Ристоска.
„Берлинале таленти“ е платформа за развој на филмски таленти, која ја истражува уметноста и процесот на создавање филмови. Основана во 2003 година, оваа програма е препознатлива како еден од водечките форуми за филмски професионалци и ентузијасти. Со над 10.000 алумни ширум светот, Berlinale Talents ја претставува една од најголемите глобални филмски заедници, нудејќи уникатна можност за вмрежување и креативна соработка на меѓународно ниво.
Тема на ова издание на „Берлинале таленти“ е “Listen Courageously – Cinematic Narratives in Times of Dissonance”, која ќе ги истражува значењето и важноста на слушањето во уметноста. Учесниците ќе имаат можност да се вклучат во дебати, работилници и дискусии со светски познати предавачи. Во изминатите години, учесници на главните теми биле филмски легенди како Мартин Скорсезе, Кејт Бланшет, Кристен Стјуарт, Рубен Остлунд, Џералдин Чаплин и Лупита Њонг’о.
Тамара Ристоска е истакната млада актерка од Македонија, која успешно гради кариера и на меѓународно ниво. Позната е по улогите во филмовите „Мими“, „Проблемот на Тина“, „Обичната Ели“, „Return to Silent Hill“, „Verified Target“ и други. Покрај тоа, таа настапувала и во домашните ТВ-серии „Фамилијата Марковски“ и „Тинејџерски Камп“, како и во српските продукции „Бранител“ и „Константинoво Раскрсќе“. Нејзините најнови проекти вклучуваат улоги во режисерското деби на Сара Климоста „Нова Енергија“, филмот „Лубарда“ на Горан Радовановиќ, како и „Рака на правдата“ под режија на Немања Ќераниќ, каде Тамара ја игра една од главните улоги.
- Интервју: Шест години се чека за трансплантација, но мотивацијата не попушта…Секогаш може повеќе од ова
- Во извидништвото, помагањето не е само правило – тоа е стил на живот
- ВО ЧЕКАЛНА: ЛИЧНИ ИСКУСТВА: Дали здравјето преминува од право во привилегија?
- „Наставниците се важни – тие создаваат иднина!“ – Иле Михајловски меѓу топ 50-те наставници за Глобалната награда за наставници
- Актерката Тамара Ристоска учествува на Берлинале таленти