Анета Ристеска, уредничка на „Лице в лице“: нашите содржини повикуваат на индивидуална и колективна одговорност
УЛИЧНОТО СПИСАНИЕ „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“ ПОСТОИ ВЕЌЕ 8 ГОДИНИ И КОНТИНУИРАНО СЕ РАЗВИВА И РАСТЕ, СЕКОГАШ ФОКУСИРАЈЌИ СЕ НА СОЦИЈАЛНАТА ПРАВДА И НА ПРИНЦИПИТЕ НА ЕДНАКВОСТ. ПРОЧИТАЈТЕ ГО ИНТЕРВЈУТО СО АНЕТА РИСТЕСКА ВО КОЕШТО ПЛАТФОРМ.МК ГИ ОТВОРИ ПРАШАЊАТА ЗА ПОЧЕТОЦИТЕ НА СПИСАНИЕТО, ПРЕДИЗВИЦИТЕ ПРЕД И ПО КОВИД-19, КАКО И ПОЗИТИВНИТЕ ОПШТЕСТВЕНИ ПРОМЕНИ КОИ СЕ ПОЈАВИЈА ВО НАШАТА ДРЖАВА БЛАГОДАРЕЈЌИ НА „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“
П: Какви беа почетоците на Лице в Лице и како се роди идејата за списанието?
АР: Платформата за одржлив развој, „Лице в лице“ е дел од едно глобално движење во светот, кое датира уште од 90-те години. Идејата на светското движење на уличниот печат, генерално, е да биде одговор за излез од кругот на сиромаштија и социјална исклученост, во која се наоѓаат различни ранливи групи граѓани. Неговата улога е поливалентна. Освен што го промовира моделот на социјалното претприемништво, каде секој продавач е микропретприемач, оваа програма на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, во исто време, е платформа преку која се поттккнува активизмот, дејствувањето на секој граѓанин, негово активно учество во генерирањето позитивни општествени промени. Тоа би значело дека, покрај економското и социјално зајакнување на ранливите групи, во исто време континуирано дејствуваме во насока на подигнување на свеста за важни општествени прашања од нашето живеење. Практично, овој магазин, од чија продажба половина останува за продавачите, пред сè, е одговор на економската криза која е карактеристична за сите општества кои минуваат низ процесот на транзиција, како што е случај и со македонското.
Исто така, настојуваме да бидеме еден поинаков импулс на денешната медиумска сцена. Поточно, да третираме теми кои се маргинализирани во дневните медиуми, особено од сферата на социјалните феномени. Но, не на начин со кој сензационалистички ќе поентираме, или, пак, само ќе посочиме со прст кон виновникот, туку со нудење алтернатива, можност, решение. Затоа што, сите сме дел од решенијата, тоа е прашање на будност, волја, одлучност, дејствување.
Всушност, и „Лице в лице“ настана токму така. Кога група граѓани одлучија да се впуштат во еден предизвик кој ќе значи подигнување на критериумите на повеќе општествени нивоа, и постојано ќе укажува на улогата и моќта што ја има граѓанинот во градењето подобро и поправедно општество.
Првиот број на „Лице в лице“ е испечатен во септември, 2012 година во Скопје. Денес списанието се дистрибуира во неколку градови во Македонија, преку партнерска мрежа од 10 организации.
Член е на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), која брои над 100 улични списанија во 34 земји од светот, кои ги продаваат близу 10.000 продавачи.
П: Лице в лице постои веќе 8 години и континуирано се развива и расте, секогаш фокусирајќи се на социјалната правда и принципите на еднаквоста. Дали низ сите овие години се имате соочено со предизвици и потешкотии и на кој начин сте се избориле против нив?
АР: Да, списанието „Лице в лице“ излегува веќе осма година. Третира општествено одговорни теми, како социјални иновации и социјално претприемништво, социјална политика, демаргинализација на групи и поединци, образование, инклузија, волонтерство, граѓанска одговорност, унапредување на животот во градовите, прашања поврзани со културниот развој, заштита на животната средина, и многу други теми. Секој број секогаш е посветен на различна тема за која сме процениле дека неправедно се наоѓа во сенка, а за која би сакале да се вреви многу повеќе со цел да ја кренеме јавната свест за одредени проблеми или предизвици, но, и да поттикнеме изнаоѓање решенија.
Покрај тимот во редакцијата на „Лице в лице“, списанието има и постојани надворешни соработници, експерти во своите полиња на работа, кои мошне отворено го прифаќаат предизвикот за синергиско делување во нашиот медиумски, но, пред сѐ, општествен контекст.
Со „Лице в лице“ ја фаворизираме добрата практика од европски (и светски) познатите концепти на улични списанија и ја приспособуваме на нашето поднебјее. Им овозможуваме на читателите на магазинот, да се среќаваат со општествено ангажирани теми прикажани на еден жив, автентичен начин, со што повикуваме да станат свесни за сопствената улога во општеството.
Главната интенција на уличните списанија во светот е да се сврти вниманието на јавноста кон маргинализираните лица кои тешко успеваат да се наметнат на пазарот на трудот, и со тоа да го обезбедат својот основен приход. Предизвици? Па, еден од нив е да ја менуваме перцепцијата за ранливите сограѓани и да укажеме и покажеме дека работната интеграција е клучна во промена на нивното секојдневие. Тука, секако, важна улога имаат медиумите. „Лице в лице“ маркира промени во пристапот на мејнстрим медиумите кон теми кои се во фокус на уличното списание, особено после излегувањето на јавната сцена на овој магазин.
Имено, лицата и приказните од маргините, позачестено добиваат третман и на насловните страници, но, се подобрува и континуитетот на објавување на вакви содржини. Пристапот е посензибилизаран, знаењата за одредени проблематики од социјалните сфери се подлабоки, и просторот што се одвојува етапно расте. Медиумите го препознаа „Лице в лице“ како значаен партнер за продуцирање позитивни промени во општеството преку преку едуцирање на јавноста и преку подигнување на свеста за важни прашања од нашето опкружување.
Имено, магазинот, освен што има моќ да ги менува животите на ранливите групи сограѓани, во периодов зад нас покажа дека има моќ да ја буди и свеста кај јавноста по многу важни социјални предизвици. Едноставно преку своите содржини сè почесто крши предрасуди, поврзува, освестува, поддржува, поттикнува соработка и партнерства, информира, едуцира, гради вредности…
П:Пандемијата на Ковид-19 немилосрдно создаде огромни предизвици пред сите нас. На кој начин состојбата во нашето (веќе) кревко општество влијаеше врз списанието и тимот?
АР: Да, вонредната ситуација во нашата земја предизвикана од корона вирусот се рефлектира врз сите сегменти од нашето функционирање. Во ваква состојба меѓу најпогодените и најизложени налошите ефекти од COVID 19 се и продавачите на „Лице в лице“, (младинци од улица, бездомници, лица со пречки во развојот, социјално загрозени лица), кои што во моментов, како и нивните колеги ширум светот, не се во можност да бидат на своите работни места, но, немаат ни прилика да работат од дома. Поддршката, пак, им е повеќе од потребна. Одговорот на секое улично списание во светот е различен, според околностите и можностите, но, предизвиците се исти, глобални. Повеќето од нив стартуваат повици за донации, социјални фондови, повик на поинтензивна претплата, а потоа делење и на шопинг ваучери до продавачите, соработка со книжарници и достава заедно со книги, онлајн изданија и претплата, креирање на двоброј на своите изданија. Пандемијата нѐ донесе на раскрсница. Едни се оддалечија, други се зближија. „Лице в лице“ одлучи да ги зајакне воспоставените врски со своите читатели, но, и да создаде уште повеќе. Да го зголеми „Лице в лице“ семејството. Заедницата. Затоа што веруваме дека обединети постигнуваме подобро и повеќе, а импактот во опкружувањето е далеку посилен.
Ние, изминатиов период, кога наш главен предизвик е да си дадеме поддршка едни со други, стартувавме партнерства со повеќе компании кои се одговорни во своето дејствување, и кои можат низ моделот на својата работа, во исто време, да се приклучат кон нашата колективна одговорност кон ранливите сограѓани. Наш императив е интеграција преку процес на работа, и сигурни сме дека продавачите, во првите можни околности за работа, ќе бидат повторно активни. Исто така, убедени сме дека списанието, заедно со содржините, им е потребно и на нашите читатели. Посебно, затоа што четивото кое го нуди нашата платформа, има за цел да нѐ држи будни и активни во своето дејствување во насока на развивање одговорност кај секој од нас – во креирањето општество со еднакви можности за сите.
Нашите содржини повикуваат и на индивидуална и на колективна одговорност, и токму ова што ни се случува сега, е лакмус состојба која ги става на тест нашите ставови, вредности, можности, подготвеност за емпатија, солидарност, за рационализација. „Лице в лице“, преку своите редови, има улога на сојузник во една битка од која сите треба да излеземе помудри, поосвестени, поодговорни за „другиот“, за ранливиот сограѓанин. Затоа, испраќаме отворена покана до читателите да ни се придружат во иницијативите кои што ги стартувавме за ублажување и амортизирање на економската слабост на продавачите на списанието, а истите значат достапност до „Лице в лице“ во електронска и во печатена верзија. Поточно, поддржувачите на нашата мисија се дел од една „Лице в лице“ заедница која сега уште посилно се обединува и на дигиталната платформа, www.kupi.licevlice.mk, што претставува место каде сите „Лице в лице“ читатели може да имаат бројни бенефити со тоа што се дел од едно вакво широко семесјтво. Пред сѐ ќе имаат можност за посета на вебинари со ексклузивни гости од кај нас, од Европа и од светот (ТЕД говорници, футуристи, поборници за нова економија…), но, најважно, со станување дел од таа заедница, читателите го поддржуваат растот и развојот на ранливите сограѓани за кои пазарот на трудот не е баш најпријателскио отворен.
П: Некои од првичните цели на списанието се дестигматизација и демаргинализација на поединци и групи во нашето општество, поголема социјална инклузија и социјално вклучување на маргинализираните групи. Колку Лице в Лице има влијаено врз општествениот дискурс и дали можете да забележите значајна промена во односот кон маргинализираните?
АР: Програмата на „Лице в лице“ вклучува лица од различни ранливи категории на кои им е потребна подрршка во процесите на социјална инклузија и економско зајакнување, што е и главната интенција на нашата платформа. Во светот најголем дел продавачи на уличниот печат, како концепт за работен ангажман на маргинзализираните лица, го продаваат лица кои што припаѓаат на категоријата јавни бездомници. Но, во Македонија е малку поинаку. Тука, најголем број од продавачите се младинци од улица и лица со попречености.
Продавачите на „Лице в лице“ континуирано поминуваат низ групни и индивидуални обуки прилагодени на нивните потреби. Главната цел е ресоцијализација и поинтензивно вклучување во општествените текови, но исто така, и поттик и развој на нивните вештини за продажба, комуникацијата, желбата за постигнување успех и резултати. „Лице в лице“, како модел на социјално претпријатие дејствува за нивна поголема вклученост во општеството и оспособување за пазарот на трудот. Многу од работилниците се насочени и на препознавање на нивните афинитети, зошто пристапот ни е доразвивање на скриените потенцијали кои овие лица ги носат, а со тоа зајакнување на нивната самодоверба. Особено важна е програмата за социјално менторство која ја применуваме, а која е одговор за ранливите лица кои не можат да се задржат на работните места. Преку неа, со низа алатки и документи се поставува оперативен протокол за активација, за мотивирање и за задржување на работата на отворениот пазар на труд на тешко вработливи лица.
Но, секако, тука се и начините на поддршка преку мотивација со награди и признанија. Во ваквите потфати, на наша иницијатива, често пати се приклучува и бизнис секторот, иако, за целосна негова сензибилизација за ваквиот тип на проблеми – потребно е време.
Исто така, дружбата меѓу различните категории на продавачи на „Лице в лице“ ја перципираме како чекор напред во постигнувањето квалитетна инклузија, на повеќе нивоа.
П: Продавачите на Лице в Лице се младинци од улица, бездомници, лица со пречки во развојот и социјално загрозени лица. Нивната работа е на улица, меѓу секакви луѓе во мала држава во којашто се уште многумина немаат докрај развиено чувство за емпатија, солидарност и поддршка кон маргинализираните. Дали би можеле да одвоите некоја случка којашто засекогаш ви останала во вашето сеќавање, и како сте ја пребродиле истата?
АР: Искуствата воглавно се позитивни. Кога за прв пат излезе „Лице в лице“ оваа одисеја немаше јасни контури, и во поглед на прифаќањето на концептот, но, и во поглед на прифаќањето на лицата кои се продавачи на списанието, а кои доаѓаат од маргините на ова општество. Генерално, кај нашата јавност постои скепса кон сѐ што доаѓа како нов бран, ново движење. Маргинализираните лица, честопати, се стигматизирани, и односот кон нив е како однос кон непознато. Вообичаена реакција беше дистанцирање, повлекување, вртење глава… Но, мислам дека „Лице в лице“ имаше радикално влијание во овој поглед. Овој концепт покажа дека сите можеме да бидеме соучесници во потфати за општо добро, за поддршка на нечија одлука за извлекување од кругот на сиромаштија, за поддршка на концептот на работа – како најдобар начин за инклузија. И, сметам, дека, преку сите иницијативи и активности на тимот на „Лице в лице“, јавноста ја прими и прифати пораката. Сега веќе примерите за некакви недоразбирања со продавачите, се само инцидент, и не можеме да ги сметаме за слика на односот меѓу продавачите и граѓаните. Напротив, тие се исклучително прифатени, па дури и некои од нив се одбрани како „омилени продавачи“ за дел од публиката на „Лице в лице“. Особено се прифатени во реонот на Дебар маало, и во тамошните кафулиња и ресторани.
Во убаво сеќавање остануваат сите фази на напредок на продавачите, кога успеваат, преку својата работа, да влијаат на менување на животите на своите блиски, семејството, кога ќе научат да читаат иако прерано го напуштиле образовниот процес, кога ќе имаме влијание да се вратат во училишните клупи, кога ќе ги развиваат своите дигитални вештини, кога „Лице в лице“ им е фаза која ги менува нивните навики и потоа наоѓаат работа во која се чувствуваат целосно реализирани, кога се подобрува нивниот социјален живот… Сѐ тоа е причина за радост и сатисфакција дека делуваме во вистинска насока.
П: Според Вас, што е она што првично треба да подлежи на промена за сите во општеството да почувствуваат вистинско подобрување во нивното секојдневие?
АР: Свесноста дека како граѓани, сите ние сме дел од решението. Нашата будност, проактивност, информираност, сензибилизираност за опкружувањето, чувството за солидарност и заедништво, за потребата од инклузија, за емпатија и алтрузиам, може да нѐ водат кон поинакво утре, во кое сите граѓани би имале еднакви можности. Ова време на пандемијата ни покажа дека тоа се вредности за кои треба да се грижиме, да ги негуваме, препознаваме, градиме. Расадник на граѓани кои ќе ги поседуваат овие квалитети се училиштата, затоа што сѐ почнува од образованието. Таму е местото каде што треба да се создава критичката маса која ќе биде и коректор на општествениот дискурс кој ќе биде зафатен од аномалии, но, во исто време ќе разгазува патека кон одржлива иднина.
Ние веруваме дека преку нашите „Лице в лице“ иницијативи, како Платформа за одржлив развој, придонесуваме во една ваква мисија, со тоа што отвораме простор за дискурс кој повикува на промена, нудејќи поразлична и подлабока перспектива од мејнстрим медиумите. При тоа, активно ги вклучуваме граѓаните, преку многу креативни кругови на дијалози, во генерирањето позитивни општествени промени. Едноставно сметме дека е важно прво да го менуваме маалото, а потоа и светот.