Човечкиот капитал на тест – создаваме интелигенција за иднината
Во чии раце се алатките за „поправање“ на расипаниот механизам за заштита на работничките и на човековите права, кој, очигледно, откажува во услови на поголема глобална криза, како што е актуелнава – кај работодавците, кај работниците, кај владата, кај граѓанскиот сектор или во соработката, дијалогот што сите тие треба да го развијат? Како здравствената криза ќе го промени начинот на кој работиме и живееме?
Игор Петровски
Тема: „Иднина на правата на човекот“
Говорници: Ангел Димитров, претседател Организација на работодавци
Катерина Поповска, советничка за организација, развој и за синдикална едукација на Сојузот на синдикатите
Наташа Мечкароска-Симјаноска, проектна координаторка, Меѓународна организација на трудот
Џером Глен – футурист, The Millenium Project, Washington DC
Модератор: Небојша Илијевски, консултант за комуникации и за одржлив развој
Рефлексија од настан на „Зум“
Ситуацијата со ковид-19, во комбинација со развојот на технологијата, а особено со вештачката интелигенција и синтетичката биологија, дополнително ја зголеми неизвесноста за иднината не само на човечките односи во компаниите и соодветно за нивните човекови права, туку и во однос на самата иднина на работните места.
– Само една иновација може да избрише цели индустрии. Биолошки растен синтетички организам, кој се храни со прав, оставен во аголот на соба навечер, ја работи работата на продавачот на правосмукалки, на човекот што ви помага дома и на целата индустрија зад уредот што денес го користиме за оваа намена. Вистинското прашање е дали фактот што овие работни места, можеби, ќе бидат нефункционални наскоро, е податок за паника или податок во кој ќе видиме можност? Дали оваа трансформација ќе овозможи човекот да се загледа во своите креативни, крајно индивидуални капацитети, да го насочи вниманието, времето и соодветно енергијата во нив, место на фабричката лента, во повторливи процеси и, соодветно, да го постигне својот максимален потенцијал во сферите во кои вештачката интелигенција и другите технолошки достигнувања не се компетитивни? – вели Џером Глен, футурист.
Иако кризата со ковид-19 примарно е здравствен проблем, последиците што ги остава имаат многу поширок контекст. Отсуството на механизми на социјална заштита, регулативи и практика за заштита на работничките права во многу земји од светот доведоа до значителни негативни ефекти врз поединци, компании и цели пазари.
Т.н. локдаун сосема го измести од колосек животот на работниците од различни сектори. Овие дисторзии ја истакнаа ранливоста на милиони луѓе на статусот вработен и извадија на површина огромен недостиг од соодветни заштитни механизми за работничките права во време на криза. Загубите на работни места предизвикани од пандемијата, исто така, ги нагласија проблематичните услови во кои многумина работат и живеат – од денес за утре, без можност да заштедат нешто и, во многу случаи, со зависност од државната помош за да можат, буквално, да преживеат.
Луѓето што работат во неформалната економија се најпогодени од губењето на својата работа затоа што тие најчесто и не можат да аплицираат за финансиската поддршка што ја одвојуваат државите во пакетите со економска помош.
Останати без работа, со малку или без воопшто заштеда, задолжени и без социјална помош, значеше дека најголемиот дел од нив не се во можност да се издржуваат себеси и своите семејства. Оваа ситуација уште повеќе беше отежната од локдаунот и од забраната за патувања, што значеше дека не можат да најдат ниту алтернативни извори на приходи.
Работодавците имаат одговорност и клучна улога во заштитата на работниците. Слабо и несоодветно управување на ризиците поврзани со работничките и со човековите права може да го изложи бизнисот на правни, оперативни и на репутациски ризици. На светско ниво, изминативе месеци се случија судски спорови против компании како „Волмарт“, „Мекдоналдс“ или „Селебрити крузис“, кои, како што пренесе ресурсниот центар „Бизнис и човекови права“, наводно не презеле потребни мерки за безбедност и за заштита на своите вработени од опасноста на вирусот корона. Некои компании беа присилени и да ги запрат бизнис-активностите додека не преземат вакви мерки – како што беше случајот со „Амазон“ во Франција.
Во чии раце се алатките за „поправање“ на расипаниот механизам за заштита на работничките и на човековите права, кој, очигледно, откажува во услови на поголема глобална криза, како што е актуелнава со пандемијата на ковид-19 – кај работодавците, кај работниците, кај владата, кај граѓанскиот сектор или во соработката, дијалогот што сите тие треба да го развијат? Како, здравствената криза од 2020 година го менува начинот на кој работиме и живееме? Ова беа дел од темите и дилемите за кои дискутиравме на креативниот круг организиран преку интернет од Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“ и од „Лице в лице“. Говореа претставници на клучните засегнати страни од екосистемот на работничките права – бизнис-секторот, синдикалните организации, граѓанскиот сектор и футурист од Вашингтон, САД. Свој придонес во конструктивната дискусија дадоа и учесниците – слушатели, претставници од различни индустрии, медиуми, граѓански организации.
Обид за мал поглед во големата слика
Aмериканскиот футурист Џером Глен даде перспектива и решенија за ублажување на проблемите. Како што објасни, професијата футурист не подразбира некакво „јасновидство“ во смисла на предвидување на работите што ќе се случат во иднина, туку повеќе е истражување и анализа на сегашните состојби, истовремено разгледувајќи широк дијапазон идни можности и последиците од тие можности, како може да еволуираат – лошо или добро за човештвото и како да се подобрат шансите тоа да биде добро. Во тој контекст се и анализите на футуристите за можните сценарија за развојот на пазарот на работна сила на планетарно ниво и какви последици, директно и индиректно, ќе има врз работничките и врз човековите права.
– Ние во моментов имаме нешто што се вика вештачка интелигенција, односно artificial narrow intelligence (ANI), која може да извршува задачи како метеоролошка прогноза, играње шах, возење автомобил, па дури и пишување есеј. И кај луѓето, сосема очекувано, се создава паника дека роботите во блиска иднина ќе им ја земат работата на возачите на камиони, да речеме. Ние како футуристи велиме, да, ќе се случи тоа, но ајде да анализираме колку компании произведуваат камиони, колку возачи на камиони има во моментов, колкав дел од камионите на патиштата ќе имаат автономно управување и кога за на крајот да имаме појасна проекција и да може да кажеме, во ред, за пет години 20 проценти од возачите треба да бараат нова работа и затоа треба да се подготват за новата реалност – објаснува Глен.
Според него, проблемот со автоматизацијата и нејзиното влијание врз работните места не завршува тука. Футуристот укажува дека поголема опасност може да произлезе од развојот на т.н. општа вештачка интелигенција (artificial general intelligence – AGI), која, всушност, значи дека машините ќе можат да извршат некоја интелектуална задача како и човекот, како и на вештачката суперинтелигенција (artificial super intelligence – ASI), која, практично, ќе ја надмине човечката интелигенција во сите аспекти – од креативност, преку општа култура, па сè до решавање проблеми.
– Уште поголема загуба на работни места може да се случи поради развојот на AGI и на ASI. Замислете ситуации во кои роботите не само што ги заменуваат луѓето на производствената лента во фабрика, туку и се јавуваат по телефон, анализираат податоци, изработуваат извештаи и, конечно, се програмираат за следните задачи – вели Глен.
На конто на последново сценарио, гласни се Илон Маск и други визионери, кои токму за овој вид вештачка интелигенција зборуваат кога ги нагласуваат најцрните можни сценарија. Но, според футуристите, многу сме далеку од оваа визија.
– Веќе сме сведоци на „бенефитите“ од ANI, а следната фаза на нејзиниот развој може да се случи релативно брзо. Ние како футуристи предупредуваме на овие можности, пишуваме алтернативни сценарија, им сугерираме на тие што ги донесуваат одлуките да ги сфатат овие работи сериозно. За жал, државите како да не водат сметка за сето ова, во анализите за дигитализацијата и во прогнозите за идните трендови најчесто не се ни прават разлики меѓу трите концепти на вештачка интелигенција – истакнува футуристот Глен.
Тој зборува и за решенијата за „работникот на иднината“ појаснувајќи дека ги наоѓа, повторно во дигитализацијата и користењето на интелигенцијата, овој пат човечката, која треба обилно да ги користи алатките на новото време и човековата креативност, која, практично, со овие случувања ќе се ослободи – човекот ќе има повеќе време и внимание за нејзиното развивање.
– Колку луѓе реално го работат тоа што го сакаат? Колку луѓе можат да ја следат својата страст и да станат успешни? Не може да го постигнете тоа ако имате ограничени опции, ако имате мал број работни места што ви се достапни – смета Глен и додава дека интернетот ја донесе, веројатно, најголемата револуција во 20 век, можеби, еднаква по значење на револуцијата што настана со учењето на Коперник во средниот век.
Тој појаснува дека, ако претходно важеше догмата дека Сонцето се врти околу Земјата, одеднаш стана вистина дека Земјата, всушност, се врти околу Сонцето.
– Така, и светскиот пазар на работна сила, ако пред интернетот, поединецот орбитирал околу пазарот на труд, кој бил ограничен локално, сега целиот свет, дигитално поврзан, е пазар што се врти околу поединецот. Што имате да му понудите на тој пазар? Какви се вашите вештини? Што ново може да научите, а светскиот пазар го бара? Тоа е промената на перцепцијата што мора да се случи во главата на сите нас – вели Глен.
Погледнете го целото интервју со Џером Глен:
Работнички права – еден концепт на хартија, друг во практика
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци, сподели дека работодавците се, сепак, тие што најмногу можат да влијаат врз процесот на унапредување на заштитата на работничките (и на човековите) права, кои се особено загрозени во време на актуелнава пандемија.
– Ние, во суштина, сме земја на конфликти, на противречности. Работничките права се толку многу различни меѓу тоа што е на хартија и тоа што се случува во практика. Секој нов закон има сè повеќе обврски за работодавците, а на терен имаме сè помало почитување на работничките права, дури се нарушуваат и некои од основните права – смета Димитров.
Според него, постојат големи разлики во сферата на почитување на работничките права меѓу микро, малите и големите компании.
– Големите компании, практично, и не може да помислат на непријавување на работниците, прекршување на одредбите за годишен одмор. Но 92 проценти од компаниите во земјава се во редот на микро, мали и на средни, во голем број случаи и човек–фирма, каде што, едноставно, нема доволно простор ни да се осознаат сите промени во регулативите, а, не, пак, да се почитуваат – кажа тој.
Катерина Поповска, советничка во Сојузот на синдикатите на Македонија, појаснува дека имаме одлично напишани закони и одредби, но често се злоупотребуваат.
– Здружувањето е клучот – работниците во синдикати, работодавците во нивни асоцијации. Ние како синдикат сакаме да спроведеме проект со цел информирање на работниците, нивно запознавање со сите права од работен однос, но и со потребата од комуникација. Не можам да знам со каков проблем се соочува работник, доколку не се обрати до нас. Исто и за униите на работодавците. Проблемите може да ги решаваме само со социјален дијалог. Едноставно е, не можеме да постоиме едни без други, работниците без работодавците и обратно, ние сме две страни од истата паричка – вели Поповска.
Таа додаде и дека, според нивните сознанија како синдикална организација, многу проблеми на работниците не стигнуваат до сопствениците на компаниите, односно, до највисоките нивоа на менаџмент.
– Многу често средниот менаџмент е тој што ги предизвикува проблемите на терен. Во кризава, особено увидовме дека со поголеми проблеми се соочуваат работниците што не се синдикално организирани затоа што се плашат да проговорат, и нема кој да застане зад нив. Особено ни е важно да ја подигнеме свесноста за синдикалното организирање.
Работничките права под лупата на ковид-19
Ранливоста и несигурното вработување ја извадија на површина длабоко вкоренетата нееднаквост;
Недостиг од соодветни заштитни механизми за работничките права – заштита на здравјето при работа, пристап до здравствени услуги, платено отсуство на работниците;
Нискоквалификувани работници до вчера, со пандемијата станаа клучни.
Извор: Principles for Responsible Investment
Човечкиот капитал во фокусот
Погледнувајќи во големата слика, се обидуваме визионерски да ги лоцираме предизвиците што допрва ќе се појават или ќе се зголемат во контекст на заштитата на работничките права. Пандемијата само ги истакна најжешките прашања во оваа сфера, но тие беа начнати уште пред кризата предизвикана од ковид, а ќе се продлабочуваат и допрва, односно по нејзиното завршување.
Милиони луѓе на планетава ги изгубија и ги губат своите работни места поради пандемијата, но работничките права се потенцијално загрозени и од другите глобални феномени: климатските промени, миграциите, дигитализацијата… Колку работните места ќе бидат преземени од автоматизацијата и од вештачката интелигенција, роботите? Што ќе се случи со работата и со наставата од дома, сега широко наметнати како последица на политиката и на мерките за соочување со пандемијата – дали ќе остане ова практика и понатаму, какви последици ќе предизвика кај вработените и кај учениците, во смисла на физичкото и на менталното здравје? Каков ќе биде пејзажот на работничките права во иднина и што, всушност, може да стори секој од нас за да ја подобри својата позиција, својата можност за вработување, односно да ја зголеми зависноста на светот од сопствените вештини и на тој начин да биде што помалку ранлив и подложен на евентуални злоупотреби на работничките права од страна на работодавците?
– Сведоци сме на еден еволуциски процес што се случува на глобално ниво, во поглед на човековите и на работничките права, и колку што побргу се приспособиме, толку подобро и за нас како работодавци и за работниците – вели Ирена Јакимовска, директорката на текстилната фабрика „Комфи Ангел“ од Прилеп.
Таа смета дека клучот е во едукацијата и во подготовката на работниците за времињата што доаѓаат.
– Човекот е во фокусот. Не смееме да ги исклучиме луѓето од процесите на трансформација. Мораме да ги приспособиме за да може да одговорат на новите времиња. Ние како работодавци мораме финансиски да го поднесеме ова како опција. Компаниите не смеат да се грижат само за чистиот профит затоа што таквите компании, во суштина, се сиромашни. Ако сакаме да имаме компании што ќе постојат и по дигитализацијата и автоматизацијата, човечкиот капитал мора да е приоритет. Дали имаме доволно едукатори што ќе помогнат при оваа трансформација и адаптација? Ни требаат стручни и објективни луѓе во овој процес, затоа што ние самите не сме објективни кога сме внатре во системот, затворени сме како во меур и затоа ни треба перцепција од неутрален набљудувач – смета Јакимовска.
Наташа Симјаноска-Мечкароска, проектна координаторка во Меѓународната организација на трудот (МОТ), вели дека како последица на големите промени со кои се соочува човештвото – технолошки, климатски, демографски – сето тоа што сме го знаеле како работен однос, исто така се менува.
– Има голем број дебати и истражувања за тоа каде ќе се движи концептот на работник и на работнички права во иднина, некои се оптимистички настроени, некои песимистички. Некои сметаат дека дигитализацијата ќе избрише огромен број работни места, други, пак, прогнозираат дека ќе се создадат и многу нови. Тоа што е многу важно е да се искористат можностите на дигитализацијата. Тоа значи да се вложува во поединецот, во неговото образование, за да поминува полесно низ промените, за да може утре да обезбеди пристоен животен стандард, со помош на преквалификација, доквалификација и слично – вели Симјаноска-Мечкароска.
Таа додава дека тоа што историјата покажала е дека по секоја технолошка / индустриска револуција, имало периоди каде што прво преовладувало песимистичкото сценарио, но подоцна, со мерки, политика и реструктурирање, доаѓа до подобрување.
– Прво има намалување на бројот на работни места, како на пример при појавата на машините во процесот на индустријализација во 19 век, кога работниците, буквално, ги кршеле машините затоа што се плашеле од непознатото и од фактот дека ќе им ја земат работата, но потоа се појавуваат потреби од нови работни места и работите почнуваат да се урамнотежуваат. Не може со сигурност да знаеме како ќе биде сега, но од искуствата и од историјата на МOT знаеме дека само преку социјален дијалог на трите клучни фактори – работодавците, работниците и владата – може да се најдат соодветни решенија. Мора да се креира инклузивна иднина, да се вложува во луѓето, да можат да преминуваат од едно на друго работно место, да се стремат кон достоинствена работа, сето тоа поткрепено со добра социјална заштита, договорно регулирање на работниот однос, и безбедност и сигурност на работното место – истакнува претставничката на МOT.
Примери на добри корпоративна практика во време на ковид
Корпорацијата „Airbnb“, гигантот во сферата на резервациите преку интернет за сместување во апартмани и во соби, се соочи со огромен пад на побарувачката веднаш штом почнаа затворањата на државите како одговор на галопирачката пандемија во периодот март – април 2020 година. Беше принудена да отпушти речиси 2.000 вработени, една четвртина од работната сила на компанијата. Но, на сите погодени од оваа мерка им даде плата за 14 недели, лаптоп од компанијата, акции во компанијата, и здравствено осигурување за една година. Во „Airbnb“ формираа и служба за помош на отпуштените вработени во наоѓањето нова работа, а дел од службата за човечки ресурси беше насочена во тимот наречен „Alumni placement team“ со задача да им помогне во натамошната кариера.
Американскиот синџир аптеки „CVS Pharmacy“, го укина надоместот за испорака до дома со цел да ги натера купувачите да не доаѓаат во продавниците, туку да седат во своите домови и да превенираат можност за инфекција.
Социјалната мрежа „Twitter“, пак, им наложи на вработените да работат од дома уште од почетокот на март и потоа објави дека тие што претпочитаат да работат од далечина може тоа да го прават и по завршувањето на пандемијата.
Заштита на работничките права – прашања што треба да си ги постави секој работодавец
Предизвици со здравјето и со безбедноста
- Дали компанијата обезбедува платено отсуство за боледување за сите вработени, вклучително и за привременовработените и за нововработените? Ако овие бенефиции не се предвидени во националното законодавство, работодавците треба да обезбедат минимум две недели платено отсуство на вработените со симптоми на ковид.
- Дали компанијата им обезбедува на вработените доволно заштитна опрема и санитарни средства? Дали компанијата направила обука за тоа како се користат заштитната опрема и средства со цел да се осигури дека вработените ќе се заштитат максимум од инфекцијата?
- Дали компанијата овозможила работни услови во согласност со препораките за физичка дистанца меѓу вработените?
Предизвици со здравјето и со благосостојбата
- Кои мерки се преземени за да се обезбеди социјална заштита на работниците, како што е: пристап до здравствена заштита; заштита при невработеност; платено отсуство при итни случаи; платено отсуство заради грижа за болен член од семејството; финансиска поддршка при случај на болест поради зголемени трошоци за здравствена заштита?
- Дали компанијата обезбедува приспособливо работно време и / или платено отсуство за работниците со мали деца во случај на настава преку интернет од дома или во случај на потреба за нега на други членови од семејството?
- За компаниите од бизнис-секторите што имаат огромна побарувачка за производите или услугите – дали имаат етичка политика на вработување со цел заштита на нововработените? И дали компанијата врши мониторинг на посредниците при вработување со цел да се осигури дека и тие се придржуваат до етичките стандарди за вработување?
Предизвици со слободата на работничко здружување
- Дали компанијата овозможува слобода на работниците да се организираат во работнички активизам без страв и ризик од последици?
- Дали компанијата активно споделува информации со работниците за новите регулативи за работните односи што се донесуваат како мерки против последиците од пандемијата?
- Дали вработените може анонимно и доверливо да пријават кршење на етичките стандарди и на политиката за заштита на здравјето без страв од последици?
Шест принципи за одговорно инвестирање
„Принципи на одговорни инвестиции“ (PRI) е меѓународна мрежа на организации, поддржана од Организацијата на обединетите нации, која се обврзува на спроведување шест принципи за одговорно инвестирање, односно инвестирање во одржливи проекти и компании. „Принципи на одговорно инвестирање“ направи табеларен преглед (види табела 1) на најголемите ризици на кои беа и сè уште се изложени различни категории работници од почетокот на кризата предизвикана од ковид и клучните сектори во кои работат.
Дополнително на овие ризици, се јавуваат и пошироки импликации за правата на работниците, кои останале без работа, биле на принуден одмор или добиле помалку работни часови. Според процените и анализите на Меѓународната организација на трудот во вториот квартал од 2020 година како последица на пандемијата, загубата на работни часови, во споредба со последниот квартал на 2019 година е 17,3 проценти, што е еквивалентно на 495 милиони FTE (full – time equivalent) работни позиции. Пример за пресметка на единицата FTE: Ако работодавецот има предвидено 40-часовна работна недела, работниците што имаат договор за 40 работни часови неделно, претставуваат 1 FTE. Тие со договор за 20 часови неделно, претставуваат 0,5 FTE.
Работниците први на ударот по прогласувањето на вонредната состојба
Во „Извештајот за состојбата со човековите права во време на ковид-19“ на македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права, се истакнува дека работничките и работниците беа први на удар по прогласувањето на вонредната состојба. Кризната состојба за нив значеше борба за зачувување на своето здравје и на здравјето на најблиските, но и борба за спас на сопствената егзистенција.
„Веднаш по прогласувањето на вонредната состојба, бевме сведоци на груби прекршувања на работничките права, чијшто број секојдневно се зголемуваше. Само во периодот од 10 март до 15 мај, до Комитетот беа пријавени 152 случаи на повреда на правата од работен однос, кои засегаа 2.481 работник. Работодавците веднаш почнаа со масовни отпуштања на работниците, односно откажувања на нивните договори за вработување, а до нашата организација беа пријавени 37 такви случаи, кои се однесуваа на приближно 453 работници“, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет.
Намалениот обем на работа беше причина некои од работодавците, без воопшто да ги известат работниците, да им ги откажат договорите за вработување од деловни причини. Во неколку случаи на работниците им беше само усно соопштено да не доаѓаат на работа, без да им биде доставен писмен отказ.
„Таму каде што можеа, работодавците влијаеја врз работниците да потпишат спогодба за раскинување на нивниот договор. На некои од нив, договорите им беа раскинати со фалсификување или искористување на нивните потписи, претходно ставени на бланко листови“, се додава во извештајот на Хелсиншки.
Покрај ризиците од загуба на работното место поради престанување на економската активност, тука се и ризиците за безбедноста и за здравјето на вработените што остануваат на работа, во смисла на недоволни или никакви мерки за превенција, хигиена, отсуство на заштитна опрема за работа итн.
„Голем дел од работодавците не ги почитуваа мерките и препораките на Владата и на Министерството за здравство за превенција и за заштита од вирусот корона“,е забележано во извештајот на Хелсиншки комитет.
Особено незаштитени и загрозени беа работниците во првата борбена линија против вирусот, работниците во супермаркетите, продавачите и продавачките.
„Работодавците не им обезбедија соодветна заштитна опрема, па тие ги остваруваа своите работни задачи изложувајќи се на сериозен ризик за своето здравје и живот. Притоа, тие не добија зголемување на платите соодветно на зголемениот ризик на работното место. Комитетот регистрираше вакви прекршувања во 19 случаи, кои опфатија приближно 1.018 работници.“