Лице в лице, Школа за медиумска писменост

Кога дезинформацијата станува оружје – социјалните мрежи стануваат алатка за предизвикување страв и стигма

Радикализација дезинформации онлајн Фото Фрипик 1

Пишува: Маја Терзиова
Илустрации: Freepik.com

Во Македонија, одредени групи и страници „Фејсбук“ играат значајна улога во ширењето на антиродови ставови и отпор кон сексуалното образование и кон ЛГБТ-заедницата. „Под превезот“ на грижа и заштита на идните генерации, овие виртуелни заедници може да бидат сериозен извор за дезинформации и ставови кои водат кон уназадување на едно општество.

Со оглед на сѐ поголемата достапност до ресусрите на Интернет, сите овие наративи против маргинализираните групи се „на мегдан“. Така, често може и погрешно да се протолкуваат. Овие, таканаречени заедници на „Фејсбук“ им се достапни на деца, млади, како и на постари лица, кои не секогаш се доволно упатени во позаднината која истите тие групи ја имаат.

Достапноста до Интернет не значи и медиумска писменост

Делумни информации, непроверени и неточни информации кои алудираат на теории на заговор и слични конспирации, се достапни и често се сервираат примамливо, за да привлечат голема публика. Достапноста е ризик – не сите кои имаат пристап до Интернет, се медиумски писмени и подготвени да ги разликуваат рационалните факти од измислиците.

Крајниот резултат е поларизирано општество, полно омраза и стигми. Како што нагласува адвокатот Мартин Тасевски, ефектот на овие групи врз јавното мислење, особено врз младите, е многу посуптилен и поопасен отколку што изгледа на прв поглед.

– Тие ретко почнуваат со отворена омраза. Наместо тоа, наративот најчесто почнува со загриженост за децата, семејството, моралот и традицијата. Ова звучи безбедно и добронамерно. Проблемот се крие во рамката што ја создаваат – вели Тасевски.



Како антиродовите групи на „Фејсбук“ го обликуваат јавното мислење

Тој појаснува дека луѓето од ЛГБТИ+ заедницата и сексуалното образование се претставуваат како закана, а не како дел од реалноста на едно плурално општество.

– Кај младите, кои сè уште го формираат својот светоглед, ова создава впечаток дека е „нормално“ да се сомневаш, да се плашиш или да одбиваш цели групи луѓе – дополнува Тасевски.

Деспина Ковачевска, експертка за мониторинг на медиуми, вели дека ефектот од ова е долгорочен и доведува до изразена поларизација меѓу младите, особено меѓу млади жени и мажи.

– Тие влијаат врз политичките избори на младите и на начинот на кој го поимаат семејството и општествените улоги – вели таа.

Ковачевска додава дека кај младите родители, овие движења сè почесто се инфилтрираат во дебатите за образовниот систем, шират дезинформации дека училиштата „форсираат ЛГБТИ+ индоктринација“ или дека „ги претвораат децата во трансродови лица“.

– На тој начин се создава морална паника и се поттикнува омраза и стигматизација кон ЛГБТИ+ заедницата. Последиците се чувствуваат и во секојдневното живеење: продлабочените вредносни разлики можат да ескалираат во конфликти во пријателствата, партнерските врски и училишната средина. Кај дел од младите момчиња може да доведат и до радикализација или вклучување во поекстремни онлајн заедници –  вели Ковачевска.

Морална паника и стигматизација на ЛГБТИ+ заедницата

Што се однесува до поддршката и финансирањето на овие иницијативи, Тасевски посочува дека дел од нив се локални групи кои искрено веруваат во тоа што го промовираат, но дека постои и поширок, транснационален контекст. Ковачевска вели дека главен финансиски поддржувач на анти-родовите групи во Северна Македонија е американската конзервативна организација Family Watch International (FWI), која обезбедува ресурси, прирачници и меѓународна мрежа за мобилизација на локални иницијативи.

– Дополнителна поддршка доаѓа од Македонската православна црква и од локални организации како „Коалиција за заштита на децата“ и поврзаните страници „Преземи одговорност“ и „Од нас за нас“, кои делумно се финансирани преку доброволни придонеси, спонзорства и донации. Некои медиумски гласноговорници се поврзани и со проруската партија Родина Македонија, обезбедувајќи политичка и идеолошка поддршка, а транснационални мрежи и глобални платформи ја олеснуваат нивната организација и видливост во јавниот простор – вели Ковачевска.

Дополнително, загрижува што дел од овие онлајн страници и групи функционираат како затворени ехо-комори, каде што истите пораки постојано се повторуваат и се радикализираат. Анализите на содржината покажуваат дека најчесто се споделуваат манипулативни објави, селективно извадени изјави од странски медиуми и лажни или погрешно интерпретирани информации за наставни програми и законски измени. На тој начин се создава искривена слика за реалноста, во која сексуалното образование и ЛГБТ-заедницата се претставуваат како наметнат проект, а не како прашање на човекови права и јавно здравје.

Тасевски и Ковачевска се согласни дека справувањето со дезинформации и предрасуди на социјалните мрежи бара системски и координиран пристап. Тоа вклучува развивање медиумска и дигитална писменост кај младите, етичко и одговорно медиумско известување, транспарентни и ефективни мерки за модерирање содржини од страна на платформите и активно создавање на точни, аргументирани и човечки контра-наративи од граѓанските организации.

Само преку ваква координирана акција на сите општествени актери може да се намали влијанието на дезинформациите и да се гради критички ориентирано, инклузивно и отпорно јавно мислење.

Слаб институционален одговор и нормализација на омразата

Истражувањата на граѓански организации кај нас укажуваат дека онлајн говорот на омраза кон ЛГБТ-лицата е во пораст, особено на социјалните мрежи. Според годишните извештаи на Хелсиншкиот комитет за човекови права, најголемиот дел од регистрираниот говор на омраза се шири преку „Фејсбук“, а една од најзастапените основи за дискриминација е сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Хелсиншкиот комитет во повеќе наврати алармирал дека ваквиот дискурс не останува само во дигиталниот простор, туку се прелева и во секојдневието, преку навреди, закани и изолација на младите во образовниот систем. Ваквата клима создава чувство на несигурност и страв кај младите кои припаѓаат на маргинализирани групи, но и кај оние кои допрва го градат својот идентитет

Слични наоди изнесува и организацијата Скопје квир центар, која преку анализи на пријавени случаи на дискриминација и говор на омраза, укажува дека ЛГБТИ+ лицата ретко добиваат ефективна институционална заштита. Нивните истражувања покажуваат дека дезинформациите и моралната паника поврзани со сексуалното образование и родовата еднаквост, директно влијаат врз зголемување на предрасудите и непријателските ставови, особено кај младите.

– Ваквата клима има долгорочни последици врз менталното здравје, чувството на припадност и довербата во институциите – предупредува организацијата.

Без системски пристап, кој ќе вклучи ефикасно санкционирање, медиумска и дигитална писменост и активна поддршка на инклузивни наративи, онлајн говорот на омраза ќе продолжи да ја продлабочува општествената поларизација и да создава небезбедна средина за младите и маргинализираните заедници.

Психолошки последици од моралната паника кај младите

Од образовен и психолошки аспект, експертите предупредуваат дека постојаното изложување на пораки што поттикнуваат страв и морална паника може сериозно да влијае врз психосоцијалниот развој на адолесцентите. Наместо критичко размислување и емпатија, кај дел од младите се зајакнуваат црно-бели поделби и неприфаќање на различностите. Ова долгорочно го ослабува социјалното ткиво и ја зголемува подложноста на радикални и екстремни наративи.

Слични антиродови кампањи се забележани и во други европски земји, како Полска, Унгарија и Хрватска. Таму, преку координирани онлајн содржини се шират идентични пораки за „заштита на децата“ и „одбрана на традиционалните вредности“. Истражувачките новинарски анализи покажуваат дека овие движења често користат исти комуникациски стратегии и визуелни материјали, што укажува на постоење на поширока транснационална инфраструктура зад локалните иницијативи.

Од правен аспект, ваквите дезинформации се во директна спротивност со уставните одредби за еднаквост и недискриминација, како и со меѓународните конвенции за човекови права што Северна Македонија ги има ратификувано. Иако слободата на изразување е фундаментално право, таа не смее да биде алиби за ширење страв, омраза и лажни информации кои директно ја загрозуваат безбедноста и достоинството на одредени групи граѓани.

Во отсуство на системска реакција од институциите, социјалните мрежи остануваат главно поле за обликување на вредностите и ставовите на младите генерации. Затоа, како што нагласуваат експертите, неопходно е координирано делување на образовните институции, медиумите, граѓанските организации и самите платформи, со цел да се зајакне критичката писменост и да се изгради инклузивно и отпорно општество.

Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Во рамки на соработка меѓу „Лице в лице“ и Мрежа „Стела“, ги објавуваме содржините кои произлегоа по обуката за препознавање родови дезинформации и справување со дигитално родово-базирано насилство. Избраните новинарки и новинари добија менторска поддршка и финансиски придонес за да ги креираат сториите. Содржините кои се финализирани ќе бидат достапни овде, на веб-страницата на „Лице в лице“, како дел од нашата мисија за видливост на инклузивни и одговорни медиумски практики кои придонесуваат кон родовата еднаквост.

Читајте ги и останатите стори од оваа соработка

Дали жените и девојките во Македонија беа безбедни во 2025 година?

Напишете коментар